Алармантна состојбата со пожарите: Сушата, ветерот и натпросечните температури се опасна комбинација

Комбинацијата од продолжената суша, пропратена со натпросечни температури на воздухот и ветер се опасна комбинација за ширење на пожарите, кои најчесто ги уништуваат шумите во земјава

Фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Нема ден да помине без информација за десетици пожари на отворено кои биле регистрирани од страна на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Директорот на  ЦУК Стојанче Ангелов денеска упати апел до градоначалниците и граѓаните во земјава дека состојбата со пожарите на отворен простор е алармантна, а само во текот на вчерашниот ден имало 60 пожари.

„И покрај вчерашното интензивно гаснење 6 пожари на отворено гореа во текот на целата ноќ и сеуште се активни“, предупреди Ангелов.

Од петокот до неделата на територијата на земјава се регистрирани 116 пожари на отворено, а од ЦУК потенцираат до земјоделците да не ги палат стрништата, додека сточарите да не ги палат пасиштата. Воедно, Стојанче Ангелов апелираше и до градоначалниците да ги следат законските процедури и да бараат воздушна поддршка само тогаш кога се исцрпени сите други можности.

„Сериозни врнежи нема подолго време и воедно не се очекуваат во следните десетина дена, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се сеуште високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крај на силите“, предупредува Стојанче Ангелов.

Комбинацијата од продолжената суша, пропратена со натпросечни температури на воздухот и ветер се опасна комбинација за ширење на пожарите, кои иако понекогаш се закана за населените места и животите на луѓето, најчесто ги уништуваат шумите во земјава.

Од Центарот за управување со кризи за Мета.мк објаснуваат дека најголем дел од пожарите на отворено, а особено шумските пожари, се детерминирани од комбинација на климатските фактори – сувоста на вегетацијата и појавата на суша. Сепак, од досегашните анализи и искуства, се утврдило дека човекот е основен причинител на пожарите.

Од ЦУК објаснуваат дека направена е Процена на загрозеноста на безбедноста на C. Mакедонија од сите ризици и опасности, во согласност со Законот за управување со кризи, при што направена е и проценка на опасноста од пожари.

„Од извршените анализи и изборот на индикатори на досега случените пожари и преземените мерки на субјектите од Системот за управување со кризи, опасноста од загрозеност од пожари на територијата на Македонија е од трет степен, што означува зголемен ризик, односно можен почеток на криза или кризна состојба“, велат за Мета.мк од Центарот за управување со кризи.

Според обработените податоци, вкупните површини под шуми во Македонија опфаќаат нешто над 1 милион хектари, односно 39,2 отсто од територијата на земјата во 2018 година. Вкупната дрвна маса во земјава изнесува 74.343.000 метри кубни, а вкупниот годишен прираст е 1.830.000 метри кубни.

Историските податоци од годините наназад покажуваат дека најголем обем на опожарена дрвна маса имало во 2000 година, додека најголем број на пожари со најголема зафатена површина се случиле во 2007 година. Сепак, во 2021 година е проценета најголема штета од шумските пожари. Најголем број на пожари во земјава во еден ден е регистриран на 25.07.2007 година кога беа активни 67 пожари.

Пожарите летово најголеми во изминатава деценија, проголтаа над 11.000 хектари шума [инфографик]

Годинава до јули од шумските пожари штета од 820.000 евра

Од ЈП Национални шуми за Мета.мк објаснуваат дека за бројот на шумски пожари и за уништените површини за годинава имаат податоци, заклучно со месец јули. Според нив, регистрирани биле 50 пожари во кои изгореле 534,40 хектари шуми, а била опожарена државна маса од 1.440 метри кубни.

„Во пожарите е изгорена шума од иглолисни видови, лисјарски видови, шума од мешани видови, како и приземна вегетација (трева, грмушки, итн.). Причинетата штета од пожарите до јули месец е 50.448.000 денари“, информираат за Мета.мк од ЈП Национални шуми.

Сепак, во овие податоци не влегуваат податоците за август, септември и октомври, во коишто беа регистрирани високи температури на воздухот, пропратени со долги сушни периоди, коишто пак предизвикаа многу поголем број на шумски пожари. Од ова јавно претпријатие допрва треба да ги сумираат претрпените штети од ваквите пожари, но сигурно е дека предизвиканата штета ќе биде многу повисока од 820.000 евра колку што биле проценети за првите седум месеци од годинава.

Зголемена бесправната сеча на дрвја

Од ЈП Национални шуми велат дека уништувањето на шумите не е само од предизвиканите пожари, туку и од бесправната сеча на дрвата. Пустошењето на шумите од дрвокрадците е во подем.

Во првото полугодие од 2023 година регистрирана е бесправно посечена дрвна маса со количина од 11.739 метри кубни, што е претставува зголемување во споредба со исечените 9.382 метри кубни од страна на дрвокрадците во периодот јануари-јуни 2023 година.

Од ЈП Национални шуми велат дека годинава бесправната сеча на шумите е зголемена за 27 отсто во споредба со истиот период од минатата година, иако нивната шумочуварска служба за првите шест месеци има поднесено 132 прекршочни пријави и 41 кривични пријави за бесправна сеча на шумите. Споредбата со истиот период од лани говори дека бројот на поднесени кривични и прекршочни пријави е значително зголемен, но ова не ги одвраќа дрвокрадците да продолжат да ги уништуваат шумите.

Сепак, од ЈП Национални шуми за Мета.мк објаснуваат дека немаат сознанија за поврзаност помеѓу палењето на пожари во шумите со искористувањето на опожарената дрвна маса.

Ревизорите со забелешки за управувањето со шумите

Државниот завод за ревизија во јуни годинава упати серија на забелешки за состојбата со управувањето со македонските шуми. Ревизорите утврдија отсуство на стратешко планирање и систематско следење и контрола на состојбите со шумите, недоволен капацитет и организација при извршувањето на управни и стручни работи кои влијаат на остварувањето на целите за управување и стопанисување со шумите во насока на нивно трајно сочувување и зголемување на нивната површина и вредност, е заклучокот на Државниот завод за ревизија во однос на состојбата со управувањето со македонските шуми.

Во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство Сметка на основен буџет (637) се констатира дека недостасува стручен кадар од областа на правото и шумарството кој е неопходен во Секторот за шуми и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Собранието на РСМ не го донело Општиот план за стопанисување со шумите, а не е  направена ниту национална инвентаризација на шумските ресурси. Ревизорите во извештајот утврдиле дека не е воспоставен катастар на шуми и шумско земјиште и информативен систем за обезбедување на сите неопходни информации за состојбите и промените на шумскиот фонд.

Воедно, државните ревизори констатираа дека не е формиран Национален совет кој треба да го следи управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште, а не е изготвен ниту Национален план за управување со пожарите на отворен простор. Сите горенаведени неправилности се во спротивност на повеќе членови од актуелниот Закон за шуми, утврди Државниот завод за ревизија.

Да потсетиме, токму секторот Шумарство е најмногу поврзан со влијанието на климатските промени. Во периодите кога има големи шумски пожари и други оштетувања на шумите, ваквите уништувања влијаат врз директното зголемување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата. Наспроти ова, директната заштита на шумите и оневозможувањето на шумските пожари, заедно со пошумувањето, значи поголем број на здрави дрвја кои ги апсорбираат стакленичките гасови во атмосферата и директно влијаат на намалувањето на ефектите од климатските промени кај нас, но и во светот.

Наместо да опаѓаат, емисиите на стакленички гасови во Македонија растат [инфографик]