!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Деца во бегалските кампови во Грција се обидуваат да се самоубијат


Атина, 17 март, 2017 - 10:32 (META) 

Бегалци и мигранти заробени во грчките кампови, во кои се наоѓаат и деца на возраст од девет години, се самоповредуваат, соопшти меѓународната хуманитарна организација „Да ги спасиме децата“ (Save the children).

Во извештајот се наведува дека тие се обидуваат да се убијат и користат дрога за да се изборат со „бескрајното страдање“.

Организацијата наведува дека „менталното здравје бргу им се влошува“, поради условите кои се резултат на минатогодишната спогодба на Европската Унија и на Турција за запирање на приливот на мигранти.

Најшокантните и ужасни глетки кои персоналот на „Да ги спасиме децата“ го воочил се обидите за самоубиства и самоповредување кај децата кои имаат и по девет години, стои во извештајот.


Нови апсења во Турција поради нападите на аеродромот „Ататурк“


Истанбул, 11 јули, 2016 - 11:33 (META) 

Турската полиција уапси и поднесе обвинение против нови седум лица осомничени во врска со нападите на аеродромот во Истанбул, во кој беа убиени 47 луѓе, јавуваат турските агенции.

Со ова, вкупниот број на обвинети лица поврзани со овој напад се искачи на 37.

Според властите, се работи за 22 странци и за 15 Турци кои се осомничени за членство во вооружена терористичка група и за убиство со умисла.

Во самоубиствениот напад на тројцата бомбаши на 28 јуни на меѓународниот аеродром „Ататурк“ во Истанбул загинаа 47 лица, а неколку десетици беа ранети. Десетина луѓе сè уште се згрижени во болница поради повредите во нападот.

Одговорноста за нападот сè уште не ја презеде никој, но турските власти веруваат дека зад него стои Исламска држава и ги зајакнаа безбедносните мерки на аеродромите, железничките станици и во метрото во Истанбул.


Спасена девојка што сакала да се самоубие во тетовско Џепчиште


Тетово, 21 октомври, 2015 - 13:26 (META) 

Шестнаесетгодишна девојка од тетовското село Џепчиште, синоќа сакала да си го одземе животот, со скокање од покривот од нејзината куќа.

Девојката се качила на балконот од потпокривот на куќата во која живеела со намера да скокне оттаму. Нејзиниот татко веднаш реагирал и случајот го пријавил во полиција, која за кусо време пристигнала на местото, заедно со медицински персонал и со противпожарна екипа.

Полициските службеници ја спречиле девојката во намерата и ја внеле во внатрешноста на куќата. Таа потоа била префрлена и задржана во тетовската клиничка болница за укажување лекарска помош. Според кажувањето на нејзините најблиски, таа подолго време се соочувала со психички растројства и имала девијантно однесување.

Во изминатите девет месеци од годинава на поширокото подрачје на Полог, регистрирани се вкупно шест самоубиства. Три од нив биле извршени со употреба на огнено оружје, а три со бесење. Соодносот мажи-жени е три-три, додека најмногу од лицата кои извршиле самоубиство во овој период, биле на возраст над 30 години.

Во деветте месеци од оваа година, исто така, биле регистрирани и 26 обиди за самобиства, претежно труења со таблети или токсични средства. Најголемиот број од оние кои посегнале по сопствениот живот се женски лица, од кои 14 на возраст помеѓу 18 и 30 години. Дванаесет од обидите завршиле со лесни телесни повреди, седум со тешки и исто толку без никакви здравствени последици.

З.Д.


ДЗС: Намален бројот на починати од насилна смрт за 10,7 отсто


Скопје, 26 јуни, 2015 - 14:44 (META) 

Бројот на починати лица од насилна смрт во 2014 година е намален за 10,7 осто во споредба со претходната година и изнесува 493 лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според податоците, умрените од насилна смрт во вкупниот морталитет учествуваат со 2,5 отсто.

„Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, и во 2014 година, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица и тоа 74,6 отсто“, велат податоците на ДЗС.

Во вкупниот број на случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат несреќните случаи со 63,1 отсто, а потоа следат самоубиствата со 29,8 отсто и убиствата со 7,1 отсто.

„Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда, со 26,2 отсто. Во категоријата самоубиства на прво место се случаите кај кои смртта настапила поради бесење (странгулација и суфокација) со учество од 15 отсто, а во категоријата убиства најголемо учество се случаите oбид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје, со 3,2 отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт“, покажуваат податоците на ДЗС.


Мерките за штедење го зголемиле бројот на самоубиства во Грција


Атина, 3 февруари, 2015 - 14:41 (META) 

Мерките за штедење, кои ѝ беа воведени на Грција во 2011 година поради должничката криза, довеле до зголемување на степенот на самоубиства за една третина. Оваа студија денеска ја објавија група американски и грчки научници во британскиот медицински магазин „БМЈ Опен“. Тие ја следеле месечната статистика за бројот на самоубиства во Грција од 1983 година до 2012 година, поврзани со економската ситуација и со мерките на штедење.

„Нашата анализа покажува дека бројот на самоубиства, како резултат на настаните поврзани со штедењето во Грција е во значителен пораст“, наведоа стручњаците во студијата.

Бројот на самоубиства се зголемил за 35,7 отсто од јуни 2011 година кога тогашната влада најави строги мерки за штедење.


Животот стана најевтина стока: Десет убиства за седум месеци


Скопје, 26 ноември, 2014 - 13:12 (META) 

Последните случаи на убиства, вчерашното во Злетово и тоа пред неколку недели во Кавадраци, по својата зачестеност и по бројот на жртви, алармираат и укажуваат на сериозни аномалии во општеството.

Убиства и самоубиства во идентични околности имаше и во мај, и во јули, во Скопје. Пет убиства за седум месеци, од кои две трикратни и едно двократно.

Сите тие по многу нешта се слични: трикратни убиства , извршени од поранешни брачни партнери, жртви се членови на семејствата на нивните сопруги, а убиствата следуваат по историја на семејно насилство. Осомничениот за вчерашното убиство си го одзеде животот, додека осомничениот во Кавадарци беше уапсен од полицијата, на гробишта.

– Премногу се чести ваквите случаи за да кажеме дека се случајни. Станува збор за тектонски нарушувања во моралните и во општествените вредости, односно посериозна социјална патологија, во која животот се доживува како безвреден и по кој лесно се посегнува – вели психологот Мирослав Пендароски.

Според Пендароски, станува збор за патологија што се шири и која има длабока заднина, за која е потребна стручна и опсежна анализа.

Економските услови се само еден дел од причините, смета тој.

– Се примаат вредности кои не се кохерентни, не се соовпаѓаат со нашиот ментален склоп. Брзината на ширењето на информациите, во голем дел за брутални насилства и убиства, влијаат на сетилата и ја будат деструктивноста на човекот. Кога тоа ќе се помеша со некои внатрешни фрустрации, доаѓа до сериозни последици – смета Пендароски.

Универзитетскиот професор Огнен Спасовски смета дека станува збор за сложено прашање, на кое не може да се даде еднозначен одговор, но се согласува дека во земјата малку се цени животот.

– Нашата култура спаѓа во оние во кои човечкиот живот многу малку се цени- вели професор Спасовски.

Слично размислува и Али Пајазити, професор по социологија на Универзитетот ЈИЕ во Тетово.

– Двете последни трикратни убиства зборуваат за една голема криза или масовизирана депресија, за една духовна празнина на граѓанинот на нашето општество, за едно патолошка појава која зима арач немилосрдно од сите категории. Кризата на вредностити е евидентна. Eгзистенцијалните проблеми, но и тие од психолошка природа се двата главни индикатори на тоа што ни се случува – вели тој.

За него тоа што кај Албанците има помалку примери на вакви злосторства се должи на неколку фактори.

– Албанската заедница не е се уште крајно секуларизарана до тој степен како македонската. Индивидуализмот кај албанската заедница е понизок и индивидуализмот се уште не е „ин“. Религијата кај албанската-муслиманската заедница е многу поизразена, и таа игра голема улога во ценењето на животот.

Од МВР на почетокот на годината истакнаа дека лани биле регистрирани најмал број убиства во изминатите 25 години, односно 20 случаи, во кои 22 лица биле жртви.

Мотивите за најголем број од нив се нарушени семејни односи, две убиства се заради претходни расправии и по едно заради нарасчистени имотно-правни односи меѓу соседи, при извршување на разбојништво и при кражба.