Нема статистика за самоубиства во руските и украинските затвори

Не постојат статистики за војници кои се самоубиле во руските и украинските затвори, но постојат извештаи кои сугерираат дека односите кон украинските војници кои се заробени од Русите не се нималку онака сјајни, како што се претставени во објавата што ја рецензираме

Фото: Исечок од видеата во рецензираниот Фејсбук пост

Во оваа објава на Фејсбук намерно се пропушта контекстот и се прави пропаганда дека руската армија е хумана со украинските воени заробеници. Притоа се манипулира со несреќите предизвикани од руската инвазија врз Украина, а руските затвори се претставуваат како хумани места, иако бројните извештаи говорат дека во нив има тортура, репресија, тепање, нечовечко постапување и мачење на украински заробеници. Исто така, нема статистика за самоубиства во руски и украински затвори, па затоа не може да се каже дали во едните или во другите имало помалку или повеќе самоубиства, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат два видеоматеријала и се вели:

Првото видео е од Русија, каде украински заробени војници имаат посета од нивните фамилии од Украина. Второто е одбрана ситуација. Има разлика и тоа голема, во секој поглед. Упорни се Русите во нивната хуманост и човечност, дури и кога непријателот е монструм. Но во секој случај ваквиот третман има резултат што руските затвори се преполни од украински војници, до сега ни еден украински војник не извршил самоубиство за да не биде заробен, додека кај руските војници има премногу такви случаи.

На првото видео е прикажано семејство кое е среќно што го гледа својот роднина жив во руски затвор.

На второто видео има снимка од Русинка која доаѓа во Украина да го посети својот маж, руски војник во Украина. Рускиот војник потпишан како Евгениј Ковтков не е среќен што неговата сопруга дошла во Украина кај него, знаејќи дека не може да оди назад во Русија. Во видеото не може да се види некаква тортура, ниту, пак, војникот се жали на тортура.Тој во видеото вели дека сака да оди во Русија затоа што таму се неговите родители, а сака и неговата жена да дојде со него, но таа не може да се врати во Русија. Целата таа ситуација е тешка и фрустрирачка, па затоа во неговата реакција се забележува шок и неверување.

Ама, тоа што тој е несреќен на видеоматеријалот не може да се поврзе со некакви самоубиства во украинските затвори, ниту, пак, со тортура во украинските затвори, туку со фактот што тој сака да биде во Русија, а не во Украина, поради неговите родители.

Дополнително, како што извести Дејли Мејл, ако неговата партнерка се врати во Русија, се соочува со затвор или смрт, па реакцијата на војникот е таква каква што е, поради тешките последици кои војната што ја почна Путин ја има врз животите на Русите и на Украинците. Да се стави ова видео во контекст на добри услови во руските затвори, а лоши услови во украинските затвори за заробените војници од спротивната страна, е пропуштање на контекстот и манипулирање, односно пропаганда.

Исто така, жената во второто видео го обвинува Путин дека тој ја лаже јавноста. Таа преговарала со украинската страна да премине во Украина и да го види својот сопруг, знаејќи дека нема да може да се врати во Русија, бидејќи повеќепати го критикувала Путин дека ги жртвува руските војници да умрат во војната.

Дополнително, не постојат статистики за војници кои се самоубиле во руските и украинските затвори, но постојат извештаи кои сугерираат дека односите кон украинските војници кои се заробени од Русите не се нималку онака сјајни, како што се претставени во објавата што ја рецензираме.

Како што објави неодамна Ројтерс, повикувајќи се на истражувачкото тело на Обединетите Нации, руските окупатори ги мачеле Украинците толку многу што некои од нивните заробеници починале, а членови од семејствата биле принудувани да слушаат како нивните сопруги се силувани.

Ерик Мосе, претседател на комисијата, изјави за Советот за човекови права на ОН во Женева дека неговиот тим собрал дополнителни докази кои индицираат дека руските воени сили се служеле со измачување во областите под нивна контрола, при што тортурата била широко распространета и систематска.

Би Би Си во 2022 година објави сведоштва од украински затвореници во руските затвори кои сведочат дека биле предмет на тортура, чести претепувања, електрични шокови, додека биле во притвор во југозападна Русија. Во интервју за Би Би Си, 12 поранешни затвореници ослободени преку размена, тврдат дека биле предмет на физичка и психолошка злоупотреба од страна на руските службеници во градот Таганрог. Нивните сведоштва опишуваат конзистентна пракса на екстремно насилство и лош третман во затворот, едно од местата каде се носеле затвореници од Украина заробени во воената инвазија.

Како што објави Би Би Си, повикувајќи се на сведоштвата од овие поранешни затвореници, мажите и жените во Таганрог се постојано тепани, вклучително и во пределот на бубрезите и градите, врз нив се применуваат електрошокови и испрашувања. Руските чувари постојано им се заканувале и ги заплашувале затворениците, а поради притисокот некои од нив давале и лажни признанија на вина, кои што биле користени против нив во судењата. Затворениците биле постојано оставани со малку храна, повредените без соодветна медицинска нега, а имало и смртни случаи во затворот.

Руската влада не им дозволи на надворешни тела, вклучително и на оние од Обединетите Нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да ги посетат овие затвори, кои пред воената инвазија се користеа исклучиво за затвореници од Русија, пишува Би Би Си.

Асошиејтед Прес објави дека илјадници Украински цивили се затворани, а дека Русија планира да изгради уште 25 големи затвори. Дополнително, Украинци кои се противат на руската окупација се праќани во Русија на неодредено, односно депортирани.

Многу цивили се собрани за наводни престапи, како на пример, поради тоа што зборуваат украински јазик и се држени во затвор без обвинение. Други се обвинети дека се терористи, борци или луѓе кои ѝ се противат на специјалната воена операција. Стотици се користени за робовска работа од страна на руската војска за копање ровови и други воени утврдувања, како и масовни гробници, пишува Асошиејтед Прес.

Во текстот се додава дека во овие руски затвори измачувањето е рутина и тоа преку повторувачки електрични шокови, тепање од кое настануваат фрактури. Многу поранешни затвореници за Асошиејтед прес изјавиле дека биле сведоци на смрт во овие затвори. Извештај на ОН од јуни документира 77 егзекуции на цивилни затвореници и смрт на еден човек поради тортура.

Гардијан објавува текст за војници кои се мачени, преполни ќелии, нехумани услови, режим на заплашување и убиства, немање комуникација со надворешниот свет.

Кога ќе се погледнат ваквите сериозни извештаи, сосема паѓаат во вода манипулативните обиди да се презентира присуството во руски затвор како нешто добро, хумано или човечно, а присуството во украински затвор како нешто лошо. Исто така, не постојат статистики за самоубиства во руски и во украински затвори од страна на заробени војници. Поради сите горенаведени факти сметаме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот, со цел да се прави пропаганда дека руската армија е хумана со украинските воени заробеници.
hubmk