Шестнаесетгодишна девојка од тетовското село Џепчиште, синоќа сакала да си го одземе животот, со скокање од покривот од нејзината куќа.

Девојката се качила на балконот од потпокривот на куќата во која живеела со намера да скокне оттаму. Нејзиниот татко веднаш реагирал и случајот го пријавил во полиција, која за кусо време пристигнала на местото, заедно со медицински персонал и со противпожарна екипа.

Полициските службеници ја спречиле девојката во намерата и ја внеле во внатрешноста на куќата. Таа потоа била префрлена и задржана во тетовската клиничка болница за укажување лекарска помош. Според кажувањето на нејзините најблиски, таа подолго време се соочувала со психички растројства и имала девијантно однесување.

Во изминатите девет месеци од годинава на поширокото подрачје на Полог, регистрирани се вкупно шест самоубиства. Три од нив биле извршени со употреба на огнено оружје, а три со бесење. Соодносот мажи-жени е три-три, додека најмногу од лицата кои извршиле самоубиство во овој период, биле на возраст над 30 години.

Во деветте месеци од оваа година, исто така, биле регистрирани и 26 обиди за самобиства, претежно труења со таблети или токсични средства. Најголемиот број од оние кои посегнале по сопствениот живот се женски лица, од кои 14 на возраст помеѓу 18 и 30 години. Дванаесет од обидите завршиле со лесни телесни повреди, седум со тешки и исто толку без никакви здравствени последици.

З.Д.