Андреас Елснер заминува од позицијата главен извршен директор на „Македонски телеком“


Скопје, 22 мај, 2018 - 15:07 (META) 

Главниот извршен директор и член на Одборот на директори на „Македонски телеком“, Андреас Елснер, заминува од компанијата од 1 јули 2018 година.

„На позицијата главен извршен директор на „Македонски телеком“ беше назначен во мај 2017 година и под негово водство компанијата бележи позитивен пресврт во работењето преку најдобрата мрежа, иновативното портфолио на производи и најдоброто корисничко искуство. Тој заминува од компанијата со успешни резултати во првото тромесечје од 2018 година, со раст од 2,6 отсто во однос на минатата година и водечки позициониран бренд“, соопштуваат од компанијата.

Од „Македонски телеком“ не соопштија кој ќе го наследи.


Ципрас е оптимист за спорот со името, но смета дека се потребни дела, а не зборови


Атина, 2 јануари, 2018 - 16:34 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервјуто за грчкото радио „Real FM“ вели дека е оптимист за прашањето за името, но очекува и конкретни чекори од македонска страна.

– Оптимист сум дека можеме ефикасно и одговорно да управуваме со прашањето кое го наследивме од претходните влади. Сѐ додека од другата страна навистина постои желба да се направат чекори, останува да го видиме тоа, верувам дека може да се направат чекори кон излез од безизлезната ситуација – рече Ципрас.

Според грчкиот премиер за тоа се потребни дела и опипливи резултати, а не зборови.

– Во надворешната политиката секој треба да биде воздржан, да не зборува многу, повеќе ги преферирам делата, отколку зборовите – додава Ципрас.


ДИК и официјално ги прогласи локалните избори за завршени


Скопје, 15 ноември, 2017 - 13:26 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) на вчерашната седница донела заклучок со кој локалните избори 2017 година за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини во Македонија и на Град Скопје и официјално се прогласени за завршени.

„Со објавата на конечните резултати за избор на градоначалник на општина Чаир, се завршени Локалните избори 2017 година за избор на членови на советите на општините и советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје“, стои во заклучокот на ДИК.

На локалните избори СДСМ победи во 56 општини и во Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ во пет, ДУИ во 10, Алијанса за Албанците во три, Беса, ДПА и ДПТ во по една, а кандидати предложени од група избирачи во три општини.

Новите раководства на општините и на Град Скопје беа утврдени во два изборни круга, од кои првиот се одржа на 15 октомври, а вториот две недели подоцна, на 29 октомври. Прегласување по вториот круг имаше на избирачкото место 2901 во општина Чаир, кое се одржа 12 ноември, но не промени ништо во конечниот резултат од локалните избори, бидејќи Висар Ганиу од ДУИ ја потврди победата во оваа скопска општина.


Реформаторите го повикаа Груевски да ги објасни резултатите од изборите


Скопје, 15 октомври, 2017 - 23:09 (META) 

Републичкиот штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи прес-конференција во Клуб на новинари, на која го повикаа лидерот ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за лично да ги соопшти неговите аргументи за изборните резултатите од денешните локални избори.

Темата на прес-конференцијата ќе бидат идни активности на Републичкиот штаб за реформи на ВМРО-ДПМНЕ во постизборниот период.


ВМРО-ДПМНЕ: Изборите поминаа со многу нерегуларности, среќни сме што нема жртви


Скопје, 15 октомври, 2017 - 21:24 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ оцени дека овие избори поминале со многу нерегуларности за кои од партијата направиле записници што ќе ги достават до меѓународните претставници во земјава.

– Среќни сме што немаше жртви и повредени. Регистриравме нерегуларности за кои направивме записници и ќе ги доставиме до меѓународните претставници – изјави кратко на прес-конференција Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека граѓаните уште еднаш се увериле во тоа какви избори организирал СДСМ.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги признае изборите, Србов рече дека јавноста подоцна ќе биде известена за тоа.

Тој нагласи дека резултатите сè уште пристигнуваат, но на многу места, како што кажа, ВМРО-ДПМНЕ води убедливо.


Одзивот на референдумот во Курдистан е 78 отсто


Багдад, 25 септември, 2017 - 20:43 (META) 

Излезноста на гласачите на денешниот референдум во Курдистан е 78 отсто, а конечните резултатите од гласањето се очекуваат во рок од 72 часа, објави курдската телевизија.

Околу 5,2 милиони избирачи во Курдистан се изјаснуваа за предлогот тој автономен регион на северот на Ирак, како и други курдистански области, да станат независна држава.

„Дали сакате регионот Курдистан и курдистанската област надвор од регионот да стане независна држава?“, гласеше прашањето на кое се изјаснуваа гласачите.

Голем број жители на Курдистан излегоа на референдумот, игнорирајќи го притисокот од Багдад, заканите од Турција и од Иран, како и предупредувањата на меѓународната заедница дека гласањето би можело да предизвика поголем регионален конфликт.


ВМРО-ДПМНЕ: Ајде да ги расчистиме дилемите на предвремени парламентарни избори


Скопје, 13 септември, 2017 - 21:40 (META) 

Во врска со анкетата што „Телма“ ја објави во соработка со „М-Проспект“ и со МЦМС, ВМРО-ДПМНЕ сака да ги повика СДСМ и Зоран Заев да се охрабрат и да излезат и на предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе кажат што мислат за расипничкото и неодговорно владеење на СДСМ, се вели во реакцијата на опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека само на тој начин ќе се расчистат дилемите, бидејќи, според партијата, денеска била објавена истата анкета која пред „само еден месец покажала сосема други резултати“.

„Според анкетата од крајот на јули, резултатите од МЦМС покажале дека ВМРО-ДПМНЕ e со стабилна предност пред СДСМ. Имено, на прашањето доколку утре се одржат избори за која партија би гласале, 27,1 отсто од испитаниците се одлучиле за ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ биле 22,7 отсто. Народот најдобро ќе каже дали се случило нешто во последните 30 дена за така драстично да се смени мислењето, односно дали Законот за двојазичност, Договорот со Бугарија, укинувањето на планираното зголемување на пензиите или тендерите кои Кочо Анѓушев си ги доделува себеси придонеле за зголемување на рејтингот на Зоран Заев“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


МОН ги објави резултатите од конкурсот за прием во ученичките домови


Скопје, 29 јули, 2017 - 10:40 (META) 

Министерството за образование и наука синоќа ги објави конечните резултати од првиот приемен рок од конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2017/2018 година.

Од МОН соопштија дека електронското пријавување за вториот уписен рок е активно од вчера и ќе биде отворено сè додека има слободни места, за што Министерството континуирано на својата веб-страница ќе објавува списоци за примени ученици по домови.

Учениците кои ќе поднесенат електронска апликација, ќе треба комплетната документација да ја достават до Министерството за образование и наука во период од 7 до 11 август годинава.

Резултатите за конкурсот за прием во државните студентски домови, како што велат од МОН, ќе бидат достапни по завршувањето на конкурсот.


На државната матура во јуни, просечната оценка е 3,39


Скопје, 6 јули, 2017 - 14:19 (META) 

На годинашната државна матура, која ја спроведуваше Државниот испитен центар, од пријавените 16.426 матуранти постигната е просечна оценка од 3,39, соопштија од испитниот центар на денешната презентација на резултатите.

Просечната оценка годинава е малку полоша од лани, кога изнесувала 3,42, а во 2015 година оценката била малку послаба од годинашнава, и изнесувала 3,37. Во 2014 година, просечната оценка била значително послаба, односно 3,11.

Од сите пријавени, 8.274 ученици биле од гимназиите, 7.881 од средното стручно образование и 271 од средното уметничко образование. Учениците полагаа по три предмети, а задолжителен за сите беше мајчиниот јазик.

Резултатите по училишта и поединечните оценки на учениците се достапни на веб-страницата за државната матура.

За кандидатите што нема да поднесат приговори, резултатите се конечни. Приговорите се поднесуваат од денеска до 10 јули, а за секој приговор се плаќа по 1.500 денари. Доколку биде усвоен, парите за приговорот ќе се вратат на уплаќачот.

Пријавувањето за августовскиот испитен рок ќе се врши од 11 до 19 јули во училиштата.


Курц: Турција сè повеќе се оддалечува од правната држава, демократијата и од ЕУ


Виена, 17 април, 2017 - 14:32 (META) 

Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, по повод исходот од референдумот во Турција рече дека таа земја јасно се одлучила против Европската Унија.

„Иако е гласано тесно во корист на измените на Уставот, тоа значи дека Турција сè повеќе се оддалечува од правната држава и од демократија. Исходот од гласањето е јасен сигнал против ЕУ“, порача Курц.

Тој изјави дека очекува јасна реакција од ЕУ, додавајќи дека конечно е потребна искреност во односите помеѓу ЕУ и Турција.

Според германската канцеларка Ангела Меркел, пак, гласањето ја покажало длабоката поделеност на турското општество, но германската влада го почитува правото на турскиот народ да одлучува за сопствениот устав. Истовремено, нагласи таа, Ердоган носи голема одговорност за следните чекори на Турција.

Граѓаните на Турција вчера гласаа за измените на уставот кои ќе му овозможат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да именува и да менува министри, да се кандидира уште двапати за претседател и повторно да го преземе водството над својата партија.

Според Ердоган, овие уставни реформи не се обична промена.

„Ова е првпат во историјата на Турција, парламентот и граѓаните да одлучуваат за вака значајна промена“, изјави Ердоган.

Според првичните неофицијални резултати од преброени 99 отсто од гласовите, за поддршка на уставните измени гласале 51,3 отсто од избирачите, а одзивот на референдумот изнесувал 86 отсто.