Матурските резултати по македонски јазик за прв пат подобри од оние по англиски

Од полагањето на матурскиот испит во СУГС „Раде Јовчевски - Корчагин“, 4 јуни, 2022 година | Фото: Мета.мк

На последното полагање државна матура, учениците покажаа подобри резултати на тестот по македонски јазик, одошто на оној по англиски јазик, што не беше случај до минатата година, информира за Мета.мк директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска. До лани учениците секоја година подобри постигања покажуваа по англиски, одошто на испитот по македонски јазик.

„Годинава просечната оценка по македонски јазик е 4,13 а по англиски јазик е 3,48. Констатиравме дека на испитот по англиски јазик има многу преписи од Интернет, односно учениците со своите смартфони пребарувале текстови и истите го пренесувале во тестот“, вели Наумовска.

Објективноста во проверката на знаењата на испитите кои се дел од државната матура, ќе се подобрат кога полагањата ќе се реализираат во поголеми простори, како спортски сали, со присуство на поголем број теестатори, смета директорката. За оваа идеја Мета пишуваше пред неколку месеци.

„Во Демир Хисар, сите се познаваат. Кога еден тестатори ги чува учениците, многу е веројатно дека ќе дозволи да се препишува. Токму затоа е потребно поинаку да се организира полагањето за да се сведат на минимум препишувањата. Инаку генерално, во однос на полагањето на годинешниот матурски испит, се почитувало договореното, предметните комисии што ги правеа прашањата дале прашања кои се јасни и концизни, немало трик прашања. Опфатен беше целиот испитен материјал кој го поминале учениците“, информира директорката.

Инаку годинава, просечната оценка по математика беше 4,18, а предметот го полагале 1.200 ученици во државата. Од нив, 560 добиле петка.

Средната оценка на екстерните испити од прелиминарните резултати годинава е 3,78 и е повисока во однос на лани кога изнесуваше 3,61.