Средната оценка на државната матура годинава е 3,78, лани била 3,61

Фото: Мета.мк

Од денеска на пладне, се објавени прелиминарните резултатите од државната матура, што е за 12 дена порано од законскиот рок, информираат во Државниот испитен центар (ДИЦ). Оттаму додаваат дека резултатите се испратени до училиштата, а секој кандидат може и електронски да провери што добил на тестот на следниот линк.

„Државната матура оваа година се реализираше во согласност со договорот со средношколците, односно два екстерни, два интерни предмети и проектна задача и скратени испитни програми. Средната оценка на екстерните испити од прелиминарните резултати е 3,78 и е повисока во однос на минатата година кога изнесуваше 3,61“, наведено е во соопштението на ДИЦ.

Следува период на приговори, односно заклучно со 5 јули, учениците може да  поднесуваат приговори во училиштата. Резултатите од приговорите, ДИЦ ќе ги објави на 11 јули 2022 година.

„Учениците ќе може да направат увид во тестовите лично на 13 јули во просториите на ДИЦ, по претходна најава и закажување термин телефонски на 12 јули. За сите дополнителни информации матурантите може да се информираат од училишните матурски комисии во своите училишта и на matura.gov.mk“, додаваат во испитниот центар.

Како што за Мета вчера информираше Елизабета Наумовска, директорката на ДИЦ, годинава критериумите биле построги, односно немало спорни прашања и задачи, и сите биле во рамки на испитните програми. Како што таа кажа, немало ниту прашања од времето додека учениците губеа настава поради штрајкот.

„Предложените прагови се малку повисоки од лани. Ако минатата година било потребно да се освојат 29 поени за двојка, сега е потребно да се освојат 30 поени за двојка“, рече Наумовска.

Утре на пладне ќе се објават резултатите од матурскиот испит, успехот подобар од лани