Оценките ќе продолжат да бидат услов за упис во средно, МОН нема да ја менува уписната политика

Што покажува просекот на еден ученик? Тој не покажува во што е најдобар ученикот. Училиштето треба да биде насочено кон тоа учениците да знаат да решаваат проблеми, да имаат критичко мислење, да донесуваат одлуки, да имаат ставови. Тоа е целта, а не петките кои сега се главен критериум за упис, вели проф. д-р Кирил Барбареев

Фото: Мета.мк

Надлежните не планираат да ја менуваат уписната уписната политика за во средно образование. Мета.мк ги праша одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) дали нешто ќе менуваат, по апелите на образовните експерти дека не е доволно само оценките да бидат критериум за упис, туку дека предвид треба да се земат и афинитетите и вештините на учениците.

Во Законот за основно образование е предвидено да има професионална ориентација на учениците, но тоа во пракса ретко каде функционира.

„При запишување во прва година, ученикот задолжително доставува потврда за освоени бодови од реализираните активности од додатокот на свидетелствата од четврто до девето одделение. Ако во јавното училиште за запишување во прва година на образование се пријават повеќе ученици од утврдениот број во објавениот конкурс, се применуваат дополнителни критериуми за запишување, како на пример освоени дипломи од домашни и меѓународни натпревари“, наведено е во одговорот од МОН.

Кариерно советување на хартија ќе има и во новиот Закон за седно образование, кој е во собраниска процедура.

„Во него, со посебно поглавје се регулира кариерното советување на учениците, односно се обезбедува поддршка при насочување во високото образование, за што училиштето формира тим за кариерно советување, координиран од кариерен советник, кој е наставник од училиштето, во соработка со стручни соработници и други наставници од училиштето“, информираат во МОН.

Дека оценките не треба да се пресудни за тоа дали некој ученик ќе се запише во одредено училиште, во изјава за Мета.мк кажа проф. д-р Кирил Барбареев од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.

„Училиштето треба да биде насочено кон тоа учениците да знаат да решаваат проблеми, да имаат критичко мислење, да донесуваат одлуки, да имаат ставови. Тоа е целта, а не петките кои сега се главен критериум за упис во средно училиште или на факултет. Учениците имаат вештини и афинитети од многу содржини и од формалното и од неформалното образование, па затоа политиката сегашна мора да се промени. Таа не е инспирација за учениците“, рече Барбареев.

Петките не се мерка за способностите на ученикот, при упис во средно треба да се види што сака и за што го бива

Според него, мора да се менува и прашањето за просекот на учениците

„Што покажува просекот на еден ученик? Тој не покажува во што е најдобар ученикот“, додаде професорот.

Со него беше согласна и професорката Елизабета Секирарска, која кажа дека многу често, петките кои за детето биле силен влезен критериум, паѓаат и се трансформираат во далеку послаби оценки.

„Потребен е систем на согледување и поттикнување во вистинската насока на она што детето го поседува вон квантумот на знаење, а се надоврзува на него – неговите вештини, способности и афинитети како сфери во кои тоа се пронаоѓа себеси по излегувањето од основното образование“, вели професорката.