Дебата: Какви вештини им се неопходни на младите за да бидат конкурентни на пазарот на труд?

Фото: Europe House Скопје

Што им е неопходно на младите за да бидат конкурентни на пазарот, што прави државата на ова поле и какви податоци од терен носат невладините организации и граѓанскиот сектор, беа дел од прашањата што се најдоа во фокус на дебатата „Способностите на младите луѓе и потребите на пазарот: Какви вештини се неопходни?“ што се одржа во Europe House Скопје, како прва од дискусиите во рамките на Европската година на вештините.

Дебатата ја отвори евроамбасадорот Дејвид Гир, кој истакна дека вештините значат добри работни места, а надградувањето е добро за економијата и за луѓето.

„Потребите на пазарот на трудот рапидно се менуваат и ја нагласуваат неопходноста од нови вештини, дигитални, зелени вештини. Делегацијата на Европската Унија многу е посветена на младите и нивниот просперитет тука, не само затоа што е важно за оваа земја, тука затоа што тие се идни ЕУ-граѓани и носат позитивна промена“, истакна Гир.

Модераторот Блажен Малески од Регионалната канцеларија за младинска соработка РИКО отвори интересни прашања и посочи дека во Извештајот за прогрес неколку пати е забележано дека вештините на младите во Северна Македонија се за десет пати пониски во споредба со бројките во земјите од Европската Унија (ЕУ).

Според овој извештај, 80 отсто од долгорочно невработените немаат доволно развиени вештини и тоа е последица на невработеноста.

Младен Фрчковски од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) рече дека е при крај оперативниот план за 2030 година, а во мерките за вработување се воведуваат и пилот-мерки. Извештаите на Агенцијата за вработување покажале дека повеќе од 60 отсто од барателите на работа се со минимално завршено основно или незавршено средно образование, а по разговорите со стопанските комори и технолошко-индустриските развојни зони добиле иста порака.

„Не им е важно образованието, важно е дека им требаат работници – сега. Значи имаме работна сила од околу 80.000 работници кои компаниите-членки на стопанските комори можат да ги ангажираат. Затоа во обуките дефиниравме дека може да бидат и лица со завршено основно образование. Добиваме податоци од центрите за социјална работа, лицата добиваат психолошко-социјална и менторска поддршка, па се пренасочуваат во делот за услуги каде што се изработува индивидуален план за вработување“, рече Фрчковски.

Горан Петровски од Агенцијата за вработување појасни дека оваа агенција е повеќе техничко тело кое ги спроведува веќе донесените политики и стратешки документи, додека годишните планови се темелат на две активни мерки – директно вработување и зајакнување на капацитетите преку обуки.

„Голем е интересот за обуки, особено кај младите. Правиме анализа за потребата на вештини според потребите на барателите. Тука е и можноста Гаранција за млади, чиј фокус се напредни вештини кои бараат предзнаење. Но, голема е бројката на млади лица кои немаат доволно основни познавања. Неопходно е да се фокусираме и на оваа група млади на кои им се неопходни брзи обуки за основни вештини во текот на целата година за да се зголемат нивните капацитети. Имаме проблем со мал фонд за оваа намена“, истакна Петровски.

За бизнис-заедницата, најголем проблем е огромното стареење на населението и иселувањето на младите, рече на дебатата Бојан Тодоровски од Бизнис-конфедерацијата. Тој истакна дека компаниите секојдневно се соочуваат со недостиг на кадар, без оглед на големината или видот на претпријатието.

„Во моментов најмногу трпат образовните институции. Не навлегуваме во тоа дали поради погрешни политики, ниту вперуваме прст. Но, за состојбата со невработеноста не можеме да ги обвиниме јавните образовни институции. Има перцепција на неатрактивност на формалното образование, за сметка на скапите неформални образовни институции. Бизнис-секторот не треба да се доведе во прашање дали воопшто вреди средното образование да се остави задолжително“, рече Тодоровски.

Тодоровски додаде дека само големите компании кои имаат пари вложуваат во надградување на своите вработени, додека бројката на микропретпријатија кои се оставени сами на себе и немаат можност за развој е огромна.

Билјана Стојческа од Младинскиот сојуз – Крушево посочи дека со светската економска криза, до 2025 година 85 милиони луѓе ќе ја изгубат работата и ќе бидат заменети со машини. Таа гледа голема шанса за вработување преку меѓуграничната соработка со Бугарија и Грција.

„Работиме на повеќе проекти паралелно. Еден од нив е решавање комплексни проблеми. Треба да ги научиме младите како да живеат и да се справуваат со проблемите, не да бегаат од нив или да се иселуваат од државата“, посочи Стојческа, која апелираше бизнис-заедницата да биде посензибилна за соработка со младинските организации.

Зоран Илиевски од Коалицијата на младински организации СЕГА истакна дека владините институции треба да имаат повеќе слух за реалните состојби на терен.

„Ние уште пред 10 години укажувавме дека земјава ќе остане без работници, проблемот со кој денес се соочува бизнис-секторот. Денес, податоците од терен кажуваат дека младите немаат доверба во програмата Гаранција за млади. Мерките не се стабилни, тие се краткорочни и не гарантираат долгорочно вработување. Сево ова ги обесхрабрува младите. Државата мора да ја врати довербата. Таа ќе покаже поголема свесност ако во текот на целата година ги регрутира младите. Граѓанскиот сектор има капацитет да работиме заедно и да направиме промени. Во моментот во Струмица се увезува работна сила од Романија. Бизнисот секогаш ќе најде работници, но државата нема да ги задржи младите“, посочи Илиевски.

По минатата 2022 година која беше Година на младите, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави дека 2023 година ќе биде Година на вештините со зголемени фондови за специфични програми како ЕСФ+, Хоризонт, Дигитална Европа и слично.