Утре во средните училишта низ државата ќе бидат објавени прелиминарните резултати од полагањето на државната матура, информираат во Државниот испитен центар. Оттаму велат дека резултатите годинава се подобри од оние од минатата година, иако критериумите годинава беа построги, односно прагот на освоени минимум поени е повисок.
„Во вторникот се состанаа членовите на државниот матурски одбор. На предлог на оценувачите беше утврден прагот, односно минимумот поени кои треба да бидат освоени за двојка и за петка по секој наставен предмет. Тој предлог сега е доставен до министерот. Поените се внесени во системот, а откако ќе се знае кој е минимумот поени за одредена оценка, софтверот ќе генерира која оценка ја добил ученикот“, информира Елизабета Наумовска, директорката на ДИЦ.
Предложените прагови се малку повисоки од лани. Ако минатата година било потребно да се освојат 29 поени за двојка, сега е потребно да се освојат 30 поени за двојка.
„Годинава критериумите се построги, немаше спорни прашања и задачи, сите беа во рамки на испитните програми, а немаше прашања од времето додека учениците губеа настава поради штрајкот“, додава директорката.
Откако ќе се објават прелиминарните резултати, задоволните ученици може да бараат веднаш да им се издадат дипломи, а незадоволните имаат право да поднесат приговор кој чини 1.500 денари. Ако е оправдан приговорот, парите на ученикот ќе му бидат вратени.