Матурантите договараат ресторани за прослава, но и учат за матурскиот испит

„За прославата плаќавме по 1.500 денари и за табло и фотографии уште по толку. Од кај мене од клас веќе си знаат каква облека ќе носат, некои ќе шијат фустани, други ќе си купат“, вели матурантката Анисија

Фото: Мета.мк

Откако наставата се нормализира во последниве недели после лажните дојави за бомби, матурантите се подготвуваат за претстојните прослави, но и за полагање на испитот на зрелоста. Годинава за прв пат државна матура ќе се полага малку порано од вообичаено, на 27 мај, а прославите ќе започнат претходно, од средината на мај.

„Ние ќе славиме во „Рагуза“, па ќе одиме на афтер забава во дискотеката „Колосеум“. Завршивме со сликање за табло. За прославата плаќавме по 1.500 денари и за табло и фотографии уште по толку. Од кај мене од клас веќе си знаат каква облека ќе носат, некои ќе шијат фустани, други ќе си купат. Почнавме да се подготвуваме и за испитите, чекаме да стигнат прашањата за интерните испити. Ќе имаме т.н. банки на прашања, а тие што ќе ни се паднат ќе ги има во тие банки“, вели Анисија Угриновска, матурантка во гимназијата „Орце Николов“ и претстедателка на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС).

Директорот на средното стручно училиште „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев вели дека учениците веќе одлучиле каде ќе слават и дека самите избрале локација како и фото студио кое ќе им обезбеди фотографии и табло.

„Совет на родители, заедно со матурска комисија и со матурантите, одлучуваа каде ќе слават. Тие си избираа и музика и фото студио за сликање, јас како директор немам ништо со организацијата. Исто така почнаа и со подготвителна настава, учат со професорите, се подготвуваат за полагање уште сега“, вели Ѓорѓиев.

Оваа година државната матура ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олеснета за оваа генерација матуранти која беше најмногу погодена од прекините на наставниот процес.

Ќе бидат обезбедени банки со прашања за интерните испити и овие испити ќе носат повеќе поени при уписот на факултет. Понатаму, ќе се намали бројот на прашања и бодови на првиот екстерен испит, а тој ќе се смета за соодветен на сите студиски програми, што значи дополнителни 2 поени при уписот.

„Сегашниот сооднос екстерните испити да носат најмногу 24 поени, а интерните најмногу 12 поени ќе се смени во сооднос екстерните да носат најмногу 20 поени, односно интерните најмногу 16 поени. Министерството за образование и наука ќе им издаде препорака на универзитетите да извршат ваква промена во конкурсите“, велат средношколците.

Банките со прашања за интерните испити ќе бидат споделени најдоцна 4 недели пред испитот. Овие банки ќе содржат број на прашања три пати поголем од бројот на прашања на испитот, што според Сојузот е значајно олеснување за матурантите бидејќи ќе имаат доволно време соодветно да се подготват за интерните испити.

Наместо одложување на датумот на првиот екстерен испит, Генералното собрание на Сојузот ја прифатило понудата на МОН да се намали обемноста на испитот. Истиот ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања.

Сојузот на средношколци го прифати компромисот понуден од МОН