fbpx

Зголемени приходи, намалени загуби – за пекарите, 2022 не била лоша година за работа

Првичните неревидирани и неконсолидирани финансиски извештаи на дел од компаниите од мелничко-пекарската индустрија за 2022 покажуваат поголем успех во работењето во однос на 2021 година

-

Пораст на приходите од редовните активности, зголемен профит или намалување на загубите во споредба со претходно. Компаниите од мелничко-пекарската индустрија кои котираат на Македонската берза не можат да се пожалат на лоши резултати во работењето, покажуваат финансиските резултати кои самите тие ги доставиле до берзата.

Инаку, токму поголемите производители на леб донесоа одлука да престанат со производството и дистрибуцијата на бел и полубел леб, откако владата во вторникот донесе одлука за замрзнување на цената на овој леб на 33 денари.

Жито Лукс АД Скопје лани имал вкупен приход од редовните активности во висина од 1.228.109.000 денари, што претставува зголемување на остварените приходи во споредба со 2021 и 2020 година. Оперативната добивка на оваа компанија во 2022 година изнесувала 8.381.000 денари, наспроти минусното салдо од 5.328.000 денари на крајот од 2021 година. По оданочувањето, скопски Жито Лукс лани отишол во минус од 7.675.000 денари, додека една година претходно, неговата загуба по оданочувањето била над 17,6 милиони денари, покажува неревидираниот и неконсолидиран финансиски извештај за 2022 година.

Податоци за Жито Лукс АД Скопје; Извор на податоци: Македонска берза

Минатата, 2022 година, била поуспешна во работењето и за Жито Полог АД Тетово, кој остварил зголемени приходи и добивка. Тетовската мелничко-пекарска индустрија лани остварила приходи во висина од 406.342.000 денари од продажба на своите производи, што е највисока сума од 2020 година до денес. Притоа, оперативната добивка на Жито Полог АД Тетово во 2022 година се зголемила на 18.446.000 денари, додека добивката по оданочувањето пораснала на 14.941.000 денари, се наведува во неревидираниот и неконсолидиран финансиски извештај за 2022 година. За разлика од лани, една година претходно, тетовското акционерско друштво имало профит од 3.148.000 денари, додека во 2022 година севкупната добивка изнесувала 12.752.000 денари.

Податоци за Жито Полог АД Тетово; Извор на податоци: Македонска берза

Намалена активност во работењето лани забележало кичевското акционерско друштво Жито Караорман, и тоа во првите девет месеци од 2022 година. Нивните приходи од продажба изнесувале 55.705.000 денари, но сепак, вкупната добивка на крајот од септември 2022 година била заокружена на 576.000 денари, се наведува во неревидираниот и неконсолидиран финансиски извештај за периодот 1 јануари-30 септември 2022 година. Извештајот за остварената добивка за 2022 година Жито Караорман АД Кичево треба да го објави до 15 март годинава.

Податоци за финансиското работење на другите акционерски друштва од мелничко-пекарската индустрија за 2022 година треба допрво да се објават на веб-страницата на Македонска берза.

Како што пишуваше Мета.мк во изминативе два дена, маркетите во Скопје веќе втор ден се соочуваат со проблем во снабдувањето со бел и полубел леб, откако производителите на леб во понеделникот се заканија дека нема да ги произведуваат овие видови леб, ако стапи на сила мерката за замрзнување на цената на лебот и ако се укине повластената тарифа за електрична енергија за домашните пекари. Владата во вторникот ја донесе одлуката за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, по што стапи на сила одлуката на поголемите производители да запре дистрибуцијата на леб по маркетите.

И покрај ваквата одлука, поголемите супермаркети во Скопје продолжија да печат леб од сопствените фурни, додека локалните пекари продолжија со производството на свеж леб, кој брзо се троши од страна на граѓаните. Мета.мк вчера забележа дека и дел од помалите производители продолжија да доставуваат леб во некои маркети, иако генералната слика во Скопје е дека рафтовите со леб се испразнети.

Државниот пазарен инспекторат денеска информираше дека во изминативе два дена извршиле надзори и контроли во над 400 економски субјекти на ниво на целата земја.

„До сега од контролите е утврдено дека генерално се доставува леб кој е опфатен со Одлуката, а се почитува и замрзнатата цена од 33 денари, односно цената утврдена во согласност со грамажата за помалку од 450 грама. Цената на лебот во зависност од грамажата и во зависност од различни градови каде се продава изнесува од 25 до 33 денари“, стои во соопштението од Државен пазарен инспекторат.

Државниот инспекторат и понатаму ќе продолжи да врши контроли кои се однесуваат на почитување на замрзнатата цена на лебот донесена со Одлуката на Владата.

„Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа“, велат од Инспекторатот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...