Фото: Влада на РСМ

Екстремно десничарската партија „Национален собир“ на Марин Ле Пен е главниот губитник на вториот круг од регионалните избори во Франција што се одржаа вчера. Оваа партија не успеа да победи во ниту еден од француските региони, вклучувајќи го и јужниот регион Прованс Алпи Азурен Брег, каде што анкетите покажуваа дека можат да ја добијат власта.

Алијансата од другите политички партии именувана како „републикански фронт“ беше формирана во овој француски регион, додека кандидатите на Социјалистичката партија и на левичарската алијанса се повлекоа од вториот круг на гласање со цел да се спречи партијата на Ле Пен да ја освои власта во Прованс Алпи Азурен Брег, пишува „Гардијан“.

Идентично разочарување на вчерашните регионални избори во Франција доживеа и партијата „Републиката напред!“ на актуелниот француски претседател Емануел Макрон, која не успеа да победи во ниту еден од француските региони, јавува Би-би-си. 

Наспроти ова, за победници на француските регионални избори може да се сметаат Социјалистичката партија на Франција, алијансата на левичарските партии и конзервативната партија Републиканци на поранешниот француски претседател Никола Саркози.

На регионалните избори во Франција, во двата изборни круга, се бираа новите советници во 18 региони, од кои 12 се во континенталниот дел на Франција, потоа островот Корзика и пет во прекуморските територии Гвадалупе, Мартиник, Гвајана, Мајот и Реунион. Регионалните совети вообичаено се избираат со мандат од шест години и со нивните буџети од неколку милијарди евра се директно одговорни за функционирањето на училиштата и транспортот, како и за економски развој.

Овие избори се предвесник на претседателските избори во Франција, кои ќе се одржат во 2022 година. Наспроти проблемите со резултатите што ги доживеаја Макрон и Ле Пен вчера, кои се сметаат за главни кандидати за иден француски претседател, претседателот на От-де-Франс, Ксавиер Бертран беше реизбран во овој француски регион, отворајќи ја вратата за неговото евентуално кандидирање на претстојните претседателски избори во Франција од партијата на поранешниот претседател Саркози. Уште еден потенцијален кандидат за изборите догодина е Валери Пекрес, која беше реизбрана за претседател на регионот Ил де Франс, во чии рамки се наоѓа и главниот град Париз.