fbpx

Резултатите од пописот ќе бидат објавени во законскиот рок, уверува Селами

-

Иако во Државниот завод за статистика (ДЗС) најавија дека резултатите од пописот ќе бидат објавени на крајот на 2021 година, тие сè уште не се објавени. Како што за Порталб.мк изјави заменик-директорот на ДЗС, Илми Селами, резултатите секако ќе бидат објавени во законскиот рок, но не може да се предвиди конкретен датум или период кога тоа ќе се случи, бидејќи зависи и од другите институции со кои заводот мора да соработува за да ги подготват потребните податоци.

„Ние работиме, да видиме во наредниот период. Законски имаме шест месеци откако ќе заврши пописот, што значи дека според законот имаме време до крајот на март, но се надевам дека ќе биде многу порано од последниот рок. Сепак, сé зависи од работата, од соработката со другите институции, а останатото ќе го објавиме во законскиот рок. Сега не ме држете за зборови, дека ќе биде крајот на јануари, крајот на февруари, не би сакал да кажам датум што потоа нема да можеме да го постигнеме, сепак како и да е резултатите ќе бидат објавени со законскиот рок“, изјави тој.

Селами рече дека причината за доцнење, и тоа што резултатите не биле објавени во претходно најавениот рок, е поради тоа што институциите доцнеле со давање ажурирани информации, а кои Државниот завод за статистика ги барал.

„Се трудиме, но не ветуваме дека ќе успееме. Работата е што другите институции кои требаше да ги ажурираат базите на податоци, требаше истите да ни ги достават навреме, но тие доцнеа затоа и некои работи ни се одложија. Кога велам дека ни доцнеа, не можеме толку бргу да ги објавиме, сакам да објаснам дека доцнеа за роковите што ги сакавме, но не велам дека доцнеа што се однесува до законскиот рок“, рече тој.

Пописот на населението на Северна Македонија се одржа во септември, а според законскиот рок резултатите мора да се објават најдоцна до март. Во меѓувреме, Селами претходно за Порталб.мк изјави дека бројот на лицата кои одбиле да се пријават е многу мал и дека нема да влијае на процентот на конечниот резултат.

Сепак, тие лица ќе бидат тужени и ќе се бара да им се изречат глоби.

„Мора да се покрене обвинителен акт, за секое лице посебно, и обвинението бара време додека се внесат сите податоци што ги добиваме од МВР и така натаму, а има многу податоци што треба да се соберат. Ќе бараме да има казни, а казните ги изрекува судот, па се надеваме дека ќе има казни за тие лица, бидејќи така е предвидено и во законот. Законот предвидува казни кои ќе се движат од 200 до 300 евра по лице. Тоа значи ако некое семејство се состои од пет члена, и дека сите пет треба да платат казни за одбивање да се регистрираат. Затоа, потребно е време да се соберат податоците за сите лица. Бидејќи може, на пример, да се случи ние имаме информација дека во некоја куќа, што не ја отворила вратата, има пет лица додека во меѓувреме МВР има податоци од влез – излез на границите и може да се каже на пример за некое лице, дека не е дома, туку емигрирал. Сите овие податоци мора да се исчистат“, вели заменик директорот за статистика.

Според податоците што ги објави заводот, со пописот, што се спроведе од 5 до 30 септември, регистрирани се 1.832.696 лица, 568.175 семејства и 837.255 станови. Податоците за лицата кои од која било причина останале нерегистрирани, ќе се најдат во некоја од базите на податоци при обработка на податоците и ќе бидат дел од пописот.

Последниот попис во Северна Македонија се одржа во 2002 година. Десет години подоцна или во 2011 година не се одржа поради недоразбирања меѓу албанските и македонските политички партии, околу начинот на спроведување, односно вклучување или не на граѓаните кои привремено живеат во странство, а повеќето од нив се Албанци. Два милиони евра беа потрошени, а против двајцата лидери на тогашната владејачка коалиција, Никола Груевски и Али Ахмети имаше предистражна постапка за прекин на пописот, но оваа постапка заврши без судски епилог.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Тенденциозно и без докази се обвинува дека Украина и Западот стојат зад терористичкиот напад во Москва

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС...