Објавени се резултати од конкурсот за стипендии за студенти Роми

Сите добитници на стипендија треба да симнат, испечатат и пополнат договор во два примерока најдоцна до крајот на неделава

Фото: Image by Michal Jarmoluk from Pixabay

Министерството за образование и наука (МОН) вчера ги објави резултатите од конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во земјава за студиската 2023/2024 година.

Според резултатите, условите за добивање стипендија ги исполнуваат 122 студенти, додека во конкурсот беа предвидени вкупно 135 стипендии.

Сите добитници на стипендија треба да го симнат, испечатат и пополнат во два примерока договорот и да го достават на адресата на МОН – ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000, Скопје, најдоцна до недела, 17 декември.

Резултатите може да се најдат на овој линк, додека договорите што треба да ги потпишат студентите може да се симнат од тука.

Висината на стипендиите за студентите Роми изнесува 6.000 денари месечно за девет месеци во текот на една студиска година.