ВМРО-ДПМНЕ: Манчевски нема кредибилитет да зборува за реформи во администрацијата


Скопје, 21 февруари, 2018 - 14:26 (META) 

СДСМ и Дамјан Манчевски ја дефокусираат јавноста од партизацијата на администрацијата, која забрзано ја спроведуваат, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација.

„За која професионализација на администрацијата зборува Манчевски, кога во првиот месец од доаѓањето на власт во владата ги вработија истакнатите кадри на СДСМ и од т.н. шарена револуција, како Бојан Маричиќ, Марјан Забрчанец, Влатко Васиљ, Никола Наумовски, Бубо Каров и плејада на други активисти. Манчевски нема кредибилитет да зборува за реформи во администрацијата. Манчевски пред нецела седмица јавно призна дека спроведува партизација во администрацијата. Манчевски отворено кажа дека сите затекнати договори за привремено вработување биле прекинати, но и дека сега власта распишува нови“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицискста партија велат дека стратегијата на СДСМ е партизирање на администрацијата преку договори за привремено вработување без јавен оглас, кои за три месеци се трансформираат во договори на неопределено време.

„СДСМ од доаѓањето на власт до сега има распишано неколку милионски огласи за привремени вработувања. 20 милиони денари се потрошени само за привремени вработувања во Владата, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Бирото за јавни набавки и Собранието“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Партизацијата на институциите заврши со заминувањето на Груевски во опозиција


Скопје, 7 октомври, 2017 - 18:01 (META) 

Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не знае и не може да функционира во фер и регуларен изборен процес, па затоа не може да престане со ширење лажни вести, реагираат од СДСМ на денешното соопштение на опозициската партија, во која се обвинува дека министрите наместо на работа се во партиските штабови.

„Времето на злоупотреба на државните ресурси, партизацијата на институциите и на нивно претворање во ВМРО-МВРО заврши со заминувањето на Никола Груевски во опозиција. Денес, државните институции работат слободно, професионално и се посветени на спроведувањето на фер, демократски и слободни избори. Владата предводена од СДСМ, премиерот, министрите во владата и сите други државни функционери не користат државни ресурси за изборната кампања “, велат од владејачката партија.

Во соопштението се вели дека институциите ќе овозможат фер, слободни и демократски избори, на кои граѓаните ќе стават крај на криминалното, неспособно и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ.


Беса: Владата разочара во првите 100 дена, отсега нема простување


Скопје, 6 септември, 2017 - 18:26 (META) 

Новата Влада во првите 100 дена покажа дека продолжува да работи по стариот терк – на штета на граѓаните, а во интерес на сопствените политички цели. Ова е ставот кој денеска го соопшти партијата Беса по повод стоте дена од формирањето на Владата.

Од партијата велат дека оваа влада, како и претходната, продолжила да ги партизира институциите на државата и наместо форсирање на професионализмот, партијата на власт продолжила да биде биро за вработување во институциите.

Според Беса, со ребалансот на буџетот повторно не дошол до израз интересот на граѓаните, а со него особено биле оштетени регионите со мнозинско албанско население. Законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура, според Беса, е „резултат на намерата на вледејачките партии да профитираат политички, но не и навистина да го решат проблемот со албанскиот јазик во Македонија“.

Од партијата реагираат и дека парламентарното мнозиство и Владата го кршат Изборниот законик со негирање на правото на Беса да има свој член во Државната изборна комисија.

„Досега се трудевме да бидеме максимално конструктивни, особено сакавме да ги почитуваме првите 100 дена на Владата, меѓутоа отсега Движењето Беса нема да му прости во ниту еден момент на ова мнозинство за штетата што тоа ќе им ја нанесе на граѓаните, а особено за манипулацијата што ја прави со Албанците“, велат од Беса.


СДСМ: Апсурдните интерпелации нема да го сокријат криминалот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 12 август, 2017 - 16:12 (META) 

Со неоснованите, неиздржани и апсурдни иницијативи за интерпелации, ВМРО-ДПМНЕ продолжува очајнички да се обидува да ги закочи реформите и проектите за кои што гласаа мнозинството граѓани, се вели во реакцијата на СДСМ по интерпелацијата што пратенциите на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја поднесоа за министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

„Поднесената интерпелација за министерот за култура Роберт Алаѓозовски само докажува дека ВМРО-ДПМНЕ не се грижи ниту за културата, ниту за граѓаните, туку единствено се грижи да го сокрие деценискиот криминал што раководството на таа партија го правеше, особено со проектот ‘Скопје 2014’“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја „партизираше културата и потроши над 600 милиони евра народни пари на сомнителни тендери за проектот „Скопје 2014“, додека вистинското културно наследство беше намерно оставано да скапува и да се распаѓа“.

„Наместо криминалниот и злосторнички пристап кон културата што ВМРО-ДПМНЕ го практикуваше со години, министерот за култура и министерството воведуваат нови, ефикасни и инклузивни политики и проекти во културата што носат напредок и заштита на културната дејност“, велат од СДСМ.


СДСМ: Партизацијата на институциите беше главна одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 10 август, 2017 - 17:55 (META) 

Партизацијата на државата и злоупотребата на институциите беше главна одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, која од Македонија направи партизирана и заробена држава, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Сашо Павловски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Најочигледен пример за тоа беше партизацијата на Министерството за внатрешни работи што ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски го претворија во МВРО-ВМРО. Владата предводена од СДСМ почна процес на ослободување на институциите заробени од ВМРО-ДПМНЕ, нивна професионализација и функционирање единствено во интерес на граѓаните и на државата. Владиниот реформски план „3-6-9“ обезбедува независни, слободни и ефикасни државни институции кои наместо сервис на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, ќе станат вистински сервис на граѓаните, за никогаш повеќе да не се повтори масовната партизација што ВМРО-ДПМНЕ ја правеше цели 11 години“, стои во соопштението на СДСМ.

Инаку, Павловски денеска во името на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека го партизираат министерството и ги деградират професионалците, за сметка на партиски послушници.


ВМРО-ДПМНЕ ги обвини Спасовски и СДСМ за партизација на МВР


Скопје, 10 август, 2017 - 15:41 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ги обвини СДСМ и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека прават хаос и го претвораат Минисерството за внатрешни работи во разгранок на партијата.

Сашо Павловски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција во седиштето на партијата изјави дека Спасовски го партизира министерството и ги деградира професионалците, за сметка на партиски послушници.

– Според нашите информации, Оливер Спасовски спротивно на системот на кариера и на Законот за внатрешни работи, поделил повеќе од 500 решенија, унапредувајќи партиски послушници и по четири-пет скалила, што е целосно противправно и недозволиво. Со ваквото однесување Оливер Спасовски и СДС директно го загрозуваат безбедносниот систем и го доведуваат во опасност и јавниот ред и мир на граѓаните. Затоа два и пол месеци МВР нема ниту една реализација на откриена недозволена трговија со наркотици. Затоа МВР не може да ги открие сторителите на вандалскиот чин со демолирањето на православните гробишта во Љуботен. Затоа МВР не може да открие, да ги спречи и да ги санкционира тие што неодговорно се однесуваат и предизвикуваат пожари поради кои Македонија е во пламен – изјави Павловски.

Тој, во името на партијата, ја повика и меѓународната заедница да го нотира и да реагира на, како што рече, грубиот акт на партизација на МВР од страна на Спасовски и на СДСМ, додавајќи дека партизацијата на МВР е недозволива и надвор од сите меѓународни норми во демократските држави.


Груевски го информирал Гарет за партизација на институциите од страна на власта


Скопје, 26 јули, 2017 - 19:55 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска се сретнал со амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет.

На средбата, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, Груевски го истакнал значењето на брзото зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО и очекувањето западните партнери да дадат максимален придонес во таа насока.

На средбата било разговарано за повеќе актуелни теми со посебен осврт на, како што се вели во соопштението, „незаконските чистки и бруталната партизација што СДС ја спроведува во сите области“.

Груевски исто така ја нагласил „политичката злоупотреба на СЈО и континуираните притисоци врз судовите за носење одлуки кои не се базираат на аргументи и на право“.

„Исто така, се разговараше и за притисоците врз медиумите кои резултираа со неизбалансирано информирање исклучиво во полза на владејачката коалиција, што го загрозува правото на јавноста да добива точни и проверени информации за прашања кои се од интерес на граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ вршеше притисоци врз судството


Скопје, 24 јули, 2017 - 12:44 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ 11 години го партизираше судството, а преку сваровски-инсталациите од тефтерот на Гордана Јанкуловска, го злоупотребуваше правосудниот систем да врши прогон и да се пресметува со неистомислениците на Никола Груевски и неговите соработници, реагираше СДСМ на денешната прес-конференција на Бојан Стојанвски од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека обвиненијата на СЈО се само наратив од прес-конференциите на Заев и служат единствено за оцрнување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ се соочува со одговорноста за сето тоа што им го направи на граѓаните и на државата, ВМРО-ДПМНЕ во страв и во очај продолжува преку секојдневни прес-конференции пред правосудните институции да врши притисок и да се заканува на судии и на обвинители. Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ вршеше притисок врз судиите и нарачауваше судски предмети и пресуди“, порачува СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС има намера комплетно да го партизира судството


Скопје, 23 јули, 2017 - 16:53 (META) 

Вицепремиерот Бујар Османи залудно се обидува да лаже и да ја манипулира јавноста дека граѓаните лошо го разбрале Зоран Заев за генералниот реизбор на судии што планира да го реализира, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на вицепремиерот Османи.

„Владата на СДС има намера комплетно да го партизира судството и да го стави под своја контрола, како во 1997 година кога во една минута промени 617 судии. Оваа криминална акција Заев и СДС сакаат да ја спроведат за да нема ниту еден судија кој ќе го гони лидерот на СДС за случаите во кои бара стотици илјади евра поткуп од бизнисмени од позиција на градоначалник на општина Струмица. Во фрчковистичкиот совет за реформи, Заев си ги предложи и Гордан Калајџиев и Мирјана Најческа само затоа што со него заедно фрлаа боја врз државните институции“, нагласуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека советот за реформи на СДСМ има цел целосно да го покори правниот систем, да ги понижи судиите и да ги натера да му се поклонуваат на Зоран Заев.


СДСМ: Режимот на ВМРО-ДПМНЕ од Македонија направи заробена држава


Скопје, 23 јули, 2017 - 16:42 (META) 

Апсурдно и лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ, партијата што 11 години системски ја партизираше државата, воспостави масовна контрола врз институциите и грубо се пресметуваше со неистомислениците, денес да обвинува за партизација и за режим, се вели во реакцијата на СДСМ, на прес-конференцијата на Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.

„Режимот на ВМРО-ДПМНЕ затвораше медиуми, апсеше и притвораше новинари, монтираше судски случаи и преку злоупотреба на институциите се одмаздуваше кон неистомислениците, со што од Македонија направи заробена држава, изолирана од демократскиот свет“, велат од СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека Владата преку рефомскиот план „3-6-9“ почнала со сериозни реформи во јавната администрација, во судството, медиумите и во борбата против корупцијата за ослободување на институциите што ВМРО-ДПМНЕ ги заробила.