Општина Тетово. Фото: Вистиномер.мк

Според бројот на вработени Општина Тетово со години функционира со шест пати повеќе вработени од европскиот просек, каде се предвидени на 1.000 жители по еден административец. За Тетово со околу 100.000 жители се потребни 100 административци, но нивниот број, како што кажа новиот градоначалник Биљал Касами, е околу 700. Партизацијата во локалната самоуправа е најголемиот проблем, затоа и вработеноста од година в година расте, а голем дел од буџетот оди за плати и придонеси, велат експертите, пишува „Вистиномер“ во својата нова анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Наместо помала и поефикасна администрација локалната самоуправа во Тетово и јавните претпријатија се пренатрупани со вработени, а голем дел од нив немаат ниту работно столче и канцеларија. Општината со години ја криеше бројката на административци, а со голем дел од нив, зависно која партија ќе дојде на власт, си склучуваше договори на дело на 6 месеци. Новата градска власт на чело со градоначалникот Биљал Касами, по преземањето на функција веднаш го објави бројот на вработени.

Според него се работи за бројка од околу 700 лица, од кои, како што рече, дел не одат на работа, а за некои не се знае што работат. Тој најави ревизија за сите договори.

Како еден од приоритетите во првите 100 дена од мојот мандат одлучив да направам преглед и откривање на сите незаконски договори кои имаат финансиски последици по буџетот на Општината, комуналните претпријатија, училиштата и градинките. Досега имало потпишано над 350 договори за дело за лица кои и не знаеме што работи вршеле за потребите на Општината, а во Општината има и 340 редовно вработени. Мое решение е сите договори за дело да се раскинат. Општинските служби прават анализи дали тие договори се реализирани и дали плаќањата по тие договори се во согласност со законот. За сé што е платено спротивно на законот ќе побарам тие средства да се вратат во буџетот на Општината. Сепак, сé додека не се раскинат овие договори тие ќе одат на работа, а за оние кои не оделе на работа а земале плата, за нив ќе има посебен извештај од администрацијата, изјави градоначалникот Билал Касами веднаш по преземањето на функцијата.

Биљал Касами, градоначалник на Тетово
Фото: Вистиномер

Според бројот на вработени можеме да се каже дека општината со години работи со 6 пати повеќе вработени од европскиот просек, каде се предвидени на 1.000 жители по еден административец. За Тетово со околу 100.000 жители се потребни 100 административци, но нивниот број како што кажа Касами бил 700.

Дека расте бројот на вработени во јавноит сектор, говорат податоците објавени на страницата на Министерството за информатичко општество и админстрација, каде според нивните објави бројот на вработени во јавниот сектор во 2017 година бил 128.722, а три години подоцна во 2020 година, бројот на вработени во овој сектор се зголемил за 2.461 лице.

Градоначалникот на Тетово, Касами на друга прес-конференција кажа дека договорите на дело со лицата кои работеле во општинската администрација веќе се раскинати. Целта е вели тој, тие кои се со решенија да се распределат на вистинско место. Ако има потреба ќе се вработуваат дополнителни лица во општинската администрација, но ќе гледаме сите да добијат решение.

Ние имаме обврска да им најдеме работа на тие коишто се со работен однос, кои и да сакаме не можеме да им кажеме да не доаѓаат на работа, иако за жал и од тие има дел кои не доаѓале на работа, значи има и дел од вработените кои не доаѓале на работа. За нив ние имаме процедура, за кои е надлежен секретарот на општината, да следи кој оди кој не оди и да преземе мерки согласно законот. За тие кои оделе на работа моја обврска е да им најдам работа, на тие што се со решение. Ако во меѓувреме увидам дека има потреба од дополнително ангажирање, пак ќе одиме со редовно вработување има план за редовно вработување и за оваа и следната година и ако тоа не е доволно, ќе ја видиме можноста да ангажираме со договори на дело, рече градоначалникот Касами на прес-конференција на крајот на ноември.

Дел од лицата со договори на дело, кои останаа без работа, а сакаат да останат анонимни поради нивна лична заштита, велат дека во договорите јасно стои дека работодавецот може да им ги раскине договорите доколку утврди дека извршителот на работите не се придржува кон условите на истите и доверените работи не ги извршува совесно, навремено и професионално.

 

Принтскрин- дел од Договорот

Но,сепак дел од нив сè уште одат на работа, затоа што сметаат дека не го прекршиле договорот. Се надевааат дека ќе добијат плата. Велат дека новата градска власт им рекла дека договорите се раскинати, но само усмено, односно писмено известување на добиле, нешто што треба законски да се направи.

Нас усмено ни кажаа од утре да не доаѓаме на работа. Како да не одиме на работа, има тука луѓе кои редовно оделе на работа и професионално си ја вршеле работата. И дополнително ова не е пазар, мора да не известат писмено, ние се консултиравме и со адвокат мора да добиеме што се вели црно на бело некаков документ, додека не добиеме такво нешто ние ќе одиме на работа, вели  соговорничка за „Вистиномер“ која сакаше да остане анонимна.

 

Партизацијата ја наполни Општина Тетово со партиски кадри

Партизацијата во локалната самоуправа е најголемиот проблем, затоа и вработеноста од година в година расте. Општина Тетово е една од најбогатите општини, но сепак голем дел од буџетот оди за плати и придонеси, велат експертите. 

Ние видовме во кампањата каде се напаѓаат потенцијалните кандидати, тоа е превработеноста од клиентелистички причини и поради тие лоши политики целиот народ е заложник. Видовте дека на локалните избори се меша цела Влада.  Што бара таа тука? Ги среди ли таа во својот двор своите проблеми, па тука да се меша, вели Мендерес Кучи, претседател на Собрание на Стопанска комора на северозападна Македонија во изјавата за „Вистиномер“.

Мендерес Кучи, претседател на Собрание на Стопанска комора на северозападна Македонија Фото: Вистиномер

И претходната власт на чело со Теута Арифи, која го водеше градот два мандати – 8 години,  се жалеше дека поранешната локална самоуправа вработила голем број луѓе во администрацијата. И Арифи тогаш  најави ревизија. Но, наместо ревизија, вработеноста од година вгодина се зголемуваше.

Но, Тетово повеќе од 15 години го следи неславниот тренд на превработеност. Порталот „Инбокс 7“ во своето истражување уште во 2015 година пишува дека Општина Тетово од 2005 до 2014 година го зголемила бројот на вработени за 4,5 пати и пола од буџетот за плати и придонеси оди за општинската админстрација.

Поради продолжување на трендот на вработување сега над 80 осто од буџетот оди за плати и придонесе на вработени во Општина Тетово, вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини. Тој додава дека европскиот просек не може да се постигне, сè додека не престанат партиите своите кампањи да ги водат преку вработувања на партиски кадри.

Тетово има во општинската администрација повеќе вработени од Куманово, Гостивар, Битола и Велес заедно. И сето тоа се толерира, и плус долговите на општината се плаќаат со дотација од централниот буџет и пак проблемот со долгот не се решава, затоа што 80 отсто од буџетот на Општината оди за плати и придонеси на пренатрупаната општинска администрација, изјави Хајредини за „Вистиномер“

Џевдет Хајредини, поранешен миниситер за финансии
Фото: Принтскрин видео

А во последниот Извештај на Европската комисија за 2021 година се забележува дека Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата во јавната администрација. Постигнат е одреден напредок во финализирање во хоризионталната функционална ревизија на државната администрација.

Државната комисија за спречување корупција(ДКСК) продолжи да ги решава предметите на непотизам, блискост и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и во процесот на именување членови на надзорни и управни одбори. Нејзините наоди и препораки треба систематски да се следат од засегнатите институции, стои, меѓу другото, во Извештајот.