!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Тврдокорни“ го прогласија Иванов за „кукавица од претседател“ бидејќи не ги примил


Скопје, 12 октомври, 2017 - 20:21 (META) 

Дваесеттината членови на здружението „Преродба“, Семакедонскиот национален совет „Македониум“ и Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ кои денеска излегоа на протест пред претседателската резиденција, не успеаја да му го предадат барањето на претседателот Ѓорге Иванов за одземање на мандатот на премиерот Зоран Заев.

Претставници на здруженијата пред резиденцијата соопштија дека биле известени од обезбедувањето дека Иванов си заминал.

Гневни поради ова, тие го прогласија Иванов за „кукавица“.

– Овој момент да биде јавно пренесен за да види македонскиот народ каков кукавица од претседател има избрано. Кукавица од претседател кој што не сака да прими претставници на сопствениот народ, не може да има легитимитет – изјави Страшко Олумчев, претседател на Семакедонскиот национален совет „Македониум“.

Тој рече дека протестите ќе продолжат и дека повторно ќе се обидат да му ги достават барањата на Иванов.

Членовите на здруженијата денеска одржаа мирен протестен марш, кој почна пред канцеларијата на Делегацијата на Европската Унија и преку булеварот Мајка Тереза (поранешна Водњанска) продолжи до претседателската резиденција на Водно.

Од иницијативата велат дека со одземањето на мандатот на премиерот Зоран Заев „ќе биде овозможено да се преземат сите неопходни мерки за заштита на уставниот поредок на државата, од сите дејства со кои државата и македонскиот народ се ставаат под директна мирна окупација“.


Трамп ѝ се закани на „Ен-би-си“ со одземање на лиценцата


Вашингтон, 11 октомври, 2017 - 19:19 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска повторно ги нападна медиумите, кои, според него, шират лажни вести и праша дали треба да им бидат одземени дозволите за работа.

„Со сите лажни вести кои доаѓаат од „Ен-би-си“ и од мрежите, кој момент е соодветен да им бидат оспорени лиценците? Лошо за земјата!“, напиша Трамп на „Твитер“.

„Ен-би-си“ претходно денеска пренесе дека Трамп сака за десет пати да го зголеми американскиот нуклеарен арсенал.

Трамп е во судир со повеќе медиуми во САД, а последен во низата е „Ен-би-си“, кој неодамна објави извештај за несогласувања меѓу претседателот на САД и американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон.


ВМРО-ДПМНЕ: Барањата од СЈО за притвори и одземање пасоши се политичка пресметка


Скопје, 15 јули, 2017 - 12:47 (META) 

Преку две прес-конференции денеска ВМРО-ДПМНЕ ги оквалификува барањата за притвор од страна на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се груб политички обид за притисок врз Апелациониот суд за тој да не ги поништи одлуките за одземање на патните исправи донесени во првостепена постапка.

– Одлуките за одземање на патните исправи на дел од раководството на партијата се донесени под притисок. Тоа јасно се гледа по образложенијата, каде нема ниту еден аргумент за одземањето. Токму и првичното барање за притвор е одбиено бидејќи не постои опасност од бегство, односно судот увидел дека се апсурдни, неосновани и политички сомневањата на СЈО. Барањата за мерките на претпазливост и обезбедување присуство од страна на СЈО во однос на раководството на ВМРО-ДПМНЕ се без никаква правна основа, имаат за цел создавање материјал за медиумите на СДС кои треба да го претстават ВМРО-ДПМНЕ во негативно светло кај граѓаните во пресрет на претстојните локални избори – рече Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција пред Апелацискиот суд.

На прес-конференција пред СЈО, Мартин Костовски обвини дека СЈО е алатка за политички прогон во рацете на СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ и неговите функционери.

– „Таргет“ и „Тврдина“ се едни од случаите преку кои СЈО имаше за цел, целосно да ја изврти вистината и да ги манипулираа граѓаните. СЈО преку овие политички монтирани случаи, сакаше да претстави пред јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт сама себе се прислушувала, што е крајно апсурдно и неточно тврдење. Преку случајот „Тврдина“ СЈО ја лажеше јавноста за наводна милионска штета која била направена при уништување на стара опрема за прислушкување, што е целосна лага и безобразна манипулација. Имено, уништувањето на старата опрема за прислушкување не нанесе никаква штета врз буџетот на државата, бидејќи истата беше неупотреблива, со нула денари пазарна вредност. Уништувањето на опремата е направено со целосно испочитувани законски процедури – рече Костовски и обвини дека „со своето однесување СЈО се стави на листата политички инквизитори на 21 век, и ќе биде запишано во темните страници на правосудната наука“.


СЈО: Од Централен регистар ќе одземаме документација и во наредните денови


Скопје, 24 март, 2016 - 13:46 (META) 

Специјалното јавно обвинителство во синоќешната акција одзело дел, а во наредните денови треба да ја подигне целокупната документација од Централниот регистар, соопшти попладнево СЈО.

Оттаму не откриваат за какви документи и за потребите на кои предмети се одземаат материјалите, но велат дека станува збор за „обемна документација“.

„Во текот на вчерашниот ден (вечерта) воспоставена е соработка со Централниот регистар и доставен е дел од бараната документација. Имајќи предвид дека се работи за голем обем на документација, во деновите што следуваат ќе биде одземена целокупната документација што е наведена во наредбата за одземање предмети, за што благовремено ќе ве информираме. Воедно изразуваме уверување дека добро воспоставената соработка со Централниот регистар ќе продолжи и во иднина“, стои во соопштението од СЈО.

Од кабинетот на специјалната обвинителка информираат дека наредбата за одземање предмети била побарана од судот откако Централниот регистар по предвидениот рок од 30 дена не одговорил на нивното барање околу документите бидејќи им било нејасно.

„Ова јавно обвинителство (СЈО н.з.) постапувајќи по наредба на судија на претходна постапка, во текот на вчерашниот ден пристапи кон одземање предмети – документација од Централниот регистар на Република Македонија. Наредбата е издадена по барање на ова јавно обвинителство, откако Централниот регистар во рок од 30 дена не постапи по нашето барање и единствено нè извести дека барањето било нејасно, иако неколкупати имаше телефонска комуникација со јавни обвинители и истражители во насока на појаснување што сè е предмет на нашето барање“, се појаснува во соопштението од кабинетот на Јанева.

Истражители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и припадници на единицата „Алфи“ синоќа го чуваа влезот на објектот на Централниот регистар за да не дозволат во текот на ноќта да се изнесат или уништат документи што се предмет на истрага на СЈО.

Од Основниот суд Скопје 1 денеска соопштија дека нема да ја коментираат акцијата на СЈО во Централниот регистар, но велат дека начинот на кој била изведена наликувал на холивудско сценарио.


Кривичен суд: Акцијата на СЈО во Централен регистар како по холивудско сценарио


Скопје, 24 март, 2016 - 12:52 (META) 

Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 вчера на барање на Специјалното јавно обвинителство издал наредба за одземање документација од Централниот регистар, соопшти денеска Основниот суд. Оттаму додаваат дека од СЈО не била побарана наредба за претрес.

Во соопштението се наведува дека конкретниот случај покажува дека судот „соработува и има позитивен пристап кон работата на СЈО, наспроти јавно пласираните информации дека ова обвинителство се соочува со најголем отпор токму со овој суд, како што самите наведуваат во нивниот извештај“.

Од судот велат дека нема да ја коментираат акцијата на СЈО во Централниот регистар, но начинот на кој била изведена ја споредуваат со холивудско сценарио.

„Основниот суд Скопје 1 нема да ја коментира вчерашната акција на СЈО и нивните оперативно-тактички мерки на стапица и на заседа на институциите, повикувајќи се на судски наредби и на анонимни дојави кои повеќе наликуваат на холивудско сценарио, а не на сериозно и на посветено извршување на функцијата на еден орган како што е СЈО“, стои во соопштението на судот.


СЈО синоќа одзело документи од Централниот регистар


Скопје, 24 март, 2016 - 10:36 (META) 

Истражителите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) синоќа влегле во Централниот регистар и ги одзеле документите што СЈО ги бара за истрагите што ги води, објавија дел од медиумите, кои се повикуваат на извори од обвинителството.

Според телевизијата „24 Вести“, обвинителите на СЈО го напуштиле Централниот регистар утрово, околу 4 часот, откако успеале да ги соберат сите документи што ги барале.

Од СЈО засега нема официјална потврда дали акцијата е завршена и дали се обезбедени потребните документи.

Според неофицијални информации, по пристигнувањето на истражителите бил повикан директорот на Централниот регистар, Андреа Поповски, и дел од службениците.

Поповски за „ТВ 21“ изјавил дека во моментот не може да даде никакви информации за акцијата во институцијата со која раководи.

Истражители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и припадници на единицата „Алфи“ синоќа го чуваа влезот на објектот на Централниот регистар за да не дозволат во текот на ноќта да се изнесат или уништат документи што се предмет на истрага на СЈО.

„Одговорот од Централниот регистар што го добивме денеска, по истекот на законскиот рок, беше дека не им е јасно нашето барање за увид во некои документи. Барањето е испратено пред 30 дена. Денеска нашите истражители отидоа во Централниот регистар за да го разјаснат нашето барање. До истекот на работното време не добивме никаков документ. Но, добивме анонимна дојава дека во Централниот регистар се подготвува некакво уништување документи. Веднаш побаравме од судот да ни биде овозможено присилно одземање на документите што ги бараме. Добивме дозвола од судот и со асистенција на полицијата, во моментов чекаме овластено лице да дојде и да ни ги издаде документите“, изјавила синоќа портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристовска, за порталот „МКД“.


Денеска ќе се одлучува за мандатите на пратениците


Скопје, 2 декември, 2014 - 10:20 (META) 

Комисијата  за мандатно-имунитетни и деловнички  прашања денеска ќе решава за опозициските мандати. Според деловникот, членовите на комисијата треба да донесат предлог дали пратениците кои шест месеци не се појавиле во Собранието се оправдано или неоправдано отстутни.

Според правилата, собранискиот спикер потоа треба да го стави предлогот на дневен ред на првата наредна собраниска седница.

За да се одземе пратенички мандат, потребно е 82 пратеника да гласаат „за“.