„Лов на вештерки“ ја документира војната на ВМРО-ДПМНЕ со граѓанските организации


Скопје, 28 март, 2018 - 20:32 (META) 

Периодот од декември 2016 до мај 2017, кога власта на ВМРО-ДПМНЕ презеде низа акции за притисок кон 23 граѓански организации преку вонредни инспекции од Управата за јавни приходи (УЈП) и истраги од Јавното обвинителство, МВР и Финансиската полиција на Република Македонија, отпочнати од Антикорупциска комисија, е тема на новиот документарец на Телевизијат 24.

„Лов на вештерки“, детално, преку изјави на раководни лица на некои од граѓанските организации ја отсликува голготата на невладините, меѓу кои и на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во офанзивата во која се вклучија и медиумите блиски до тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

– Речиси секоја недела имавме луѓе од УЈП, или тука или кај нашиот сметководител. Се обидоа преку медиумите и институциите да создадат конфузија и слика дека граѓанските организации се непријатели на државата – вели извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Дури во 13 од организациите, влегла и Управата за финансиска полиција, истражувајќи текови на пари од УСАИД.


МВР (и ЈО) по 9 постапувања за малолетничка дозволија системот да остане „труден“


Скопје, 21 февруари, 2018 - 10:36 (META) 

Од постапувањето, односно несоодветното постапување на МВР и на ЈО (другите задолжени не се исклучени од одговорноста), сите институции во државата останаа „трудни“, исто како и граѓаните кои мораат да се соочат со овој срам од нефункционирањето на правната држава, пишува „Вистинимер.мк

Министерството за внатрешни работи во консултација со надлежно јавно обвинителство излегоа со сооопштение пред неколку дена околу случајот со малолетничката–штитеничка на државата во кое цениме дека има извртена вистна, т.е. спин:

Во врска со случајот со 12-годишното девојче штитеник на ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми, од страна на МВР постапувано е од крајот на 2016 и во текот на 2017 година и 2018 година и според евидентираните оперативни сознанија и комуникација со надлежното ОЈО, ја информираме јавноста за следното:

Малолетното девојче во текот на споменатиот период е девет пати пријавувано за исчезнато лице од страна на вработени во социјално-згрижувачките установи, при што во сите девет случаи е постапувано од страна на соодветните полициски служби.

[Извор: МВР – Соопштение, датум: 16.02.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: МВР во соопштение за јавноста изнесе тврдење дека 9 пати е постапувано од страна на соодветни полициски служби по пријави дека е исчезнато лице од Јавна установа за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми, што го сметаме како своевидно извртување на вистината односно спин.

Во моментот додека се пишува овој текст, во јавноста е потврдено дека уште две малолетнички–штитетнички на соодветната ЈУ се или биле трудни, при што едната ја прекинала бременоста, додека другата одбива и сака да го роди дететото. Самото ова сознание, заедно со претходниот случај на 12-годишното девојче, кое неодамна абортираше, го отвора сомнежот дали МВР постапувало или „постапувало“.

Консултирајќи искусни полициски службеници кои биле и на високи функции во системот, може да се најде разбирање за нивната теза дека МВР е сведено во многу случаи како да станува збор за невладина организација, а не за институција задолжена за откривање и гонење на криминалот и заштита на безбедноста на граѓаните, пред сè, поради Законот за кривична постпка од 2013 година, кога главна улога во истрагата му е дадена на јавниот обвинител.

Но, тоа што може да се најде разбирање, секако не смее да значи амнестија за МВР и префрлање на вината само кај Јавното обвинителство, кое, пак, очигледно, според неколку тврдења, не сторило речиси ништо (досегашна истрага на Канцеларија на НП, изјава на Министерката за труд и Социјална политика Мила Царовска и веб страницата на Обвинителството, каде не може да се најдат активности за посочениот период).

Имено, додека топката се префрла од МВР кон ЈО, бидејќи МВР тврди дека се до почетокот на оваа година го известило ЈО во посебни извештаи, МВР треба да одговори зошто по 9 пријавувања за исчезнатото лице, реагирале експресно дури на 14.11.2017, кога од болницата во Велес добиле известување дека малолетничката е донесена кај нив во бессознание. Тогаш конечно системот профункционирал, девојчето го испитувале и од Институтот за судска медицина, па врз основа на наодот МВР, дури на 19-ти февруари поднела кривична пријава против некој си Е.Х, до ОЈО, а и натаму го испитувала случајот, односно истрагата продолжува и против други лица.

Повеќе прочитајте на „Вистиномер.мк“.


Агенцијата за лекови открила фалсификуван лек кој не бил пуштен во употреба


Скопје, 11 јануари, 2018 - 13:45 (META) 

Инспекциските служби на Агенцијата за лекови откриле еден фалсификуван лек во повеќе пакувања, кој не бил пуштен во употреба информираше денеска директорот на оваа институција, Роберт Бекироски.

Во интерес на постапката во Обвинителството, тој не откри за кој лек се работи.

– Презедовме активности за справување со фалсификуваните лекови. Тие се проблем во сите здравствени системи. Со законските измени кои се во собраниска процедура ќе се зајакне контролата на паралелниот увоз на лекови. Паралелниот увоз на лекови е мерка која датира од крајот на 2013 година и предизвикува несигурност и недоверба кај граѓаните. Со предложените промени, дистрибутерите ќе треба да обезбедат сетификат за квалитет на производот од производителот, сертификат за квалитет од акредитирана референтна лабораторија и доказ дека  лекот е следен од местото на производство до крајното место на испорака – изјави Бекироски.


ВМРО-ДПМНЕ бара судот да ги ослободи притворените за 27 април


Скопје, 2 јануари, 2018 - 11:04 (META) 

Десетици неосновано притворени граѓани наместо со своите семејства новата година ја поминаа во ладни ќелии, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и реагираат на продолжениот притвор на осомничени за насилствата во Собранието од 27 април.

Од партијата велат дека притворените се „жртви на политички прогон, кои ја чувствуваат инквизицијата на 21 век на сопствена кожа“.

„Притворените граѓани се лишени од загарантираните човекови права, а постапката против нив е противзаконска и неоснована уште од самиот почеток. Непочитувањето на законите при нивното притворање, го потврди и Народниот правобранител. Факт кој остана премолчен од ОЈО и судот“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму бараат од судот да ги „согледа правните аргументи и фактичката состојба“ и да ги укине притворите.

„Судот како гарант на законитоста во постапката е должен да се издигне над притисокот. Судот има шанса да му стави крај на политичкиот прогон и да ја одбрани демократијата. Судиите треба да знаат дека ваква политичка конструкција ќе биде осудена од сите меѓународни фактори и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


Приведени три лица за вчерашното убиство во Чаир, соопшти Спасовски


Скопје, 21 декември, 2017 - 15:24 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска соопшти дека се приведени три лица во врска со вчерашното убиство на 24-годишното момче во Чаир.

– Работиме интензивно со групата на СВР Скопје и Обвинителството. Најдено е возилото „застава југо“ од кое е извршено убиството, како и 20 чаури и четири зрна, два мобилни телефона. Се разговара и со роднините, пријателите и луѓето кои биле во контакт со убиениот – рече Спасовски, кој денеска беше во посета на Центарот за обука на МВР во Идризово.

Тој додаде оти се очекува во текот на истрагата да се откријат мотивите за убиството и да се обезбедат докази за сторителот.


Бејли: Одговорност за настаните на 27 април, но и презумпција на невиност


Скопје, 30 ноември, 2017 - 11:33 (META) 

Амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, денеска порача дека Амбасадата на САД будно ги следи настаните поврзани со случувањата во Собранието на 27 април и дека полицијата, обвинителството и правосудниот систем мора да дејствуваат транспаретно, со почитување на највисоките стандарди при изведувањето на овој процес.

– Полицијата, обвинителството и правосудниот систем мора да работат транспарентно, со почитување на највисоките стандарди. САД и Европската Унија истакнаа дека тие што се одговорни за настаните од 27 април мора да се соочат со одговорноста за случувањата, но процесот, исто така, мора да ја почитува презумпцијата на невиност – рече Бејли.

Тој нагласи дека парламентот денеска, во согласност со својата улога, води важни разговори на таа тема.

– Тоа е негова улога, да разговара за демократското владеење – нагласи амбасадорот на САД, по денешната средба во Собранието на спикерот Талат Џафери со Лаура Купер, вршителка на должноста заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД.

Прашан дали заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Брајан Хојт Ји, ќе биде новиот амбасадор во Македонија, Бејли изјави дека во моментов тој е американскиот амбасадор и дека колку што тој знае, засега Белата куќа нема номинирано некого за оваа позиција.

– Единственото тело кое може да потврди дали е тоа точно или не, е Белата куќа – рече Бејли.


САД: Поголема транспарентност и почитување на правните процедури


Скопје, 29 ноември, 2017 - 12:56 (META) 

Амбасадата на САД во Македонија повика на поголема транспарентност и на следење на процедурите при расветлување на настаните во Собранието од 27 април годинава.

„Ги следиме вестите за апсењата. Ја повикуваме полицијата и обвинителството да продолжат со решавањето на случаите со апсолутна транспарентност и со почит кон правните процеси. Иако извршителите на нападите од 27 април треба да се соочат со одговорност за своите дејства, сепак сите лица имаат право на презумција на невиност“, изјавија за „Мета“ од Амбасадата на САД во Македонија, одговарајќи на новинарско прашање како ги коментираат вчерашното притворање на 36 лица, меѓу кои и пратеници, за насилствата во Собранието.

Во однос на информациите дека заменикот помошник на државниот секретар на САД за Европа и за Евроазија, Брајан Хојт Ји, ќе биде новиот амбасадор на САД во земјава, од Амбасадата велат дека сè уште не се знае кој ќе го наследи актуелниот амбасадор Џес Бејли.

„Претседателот Доналд Трамп сè уште нема никого номинирано за иден американски амбасадор во Македонија. Кога ќе има номинација, јавно ќе ја соопштиме“, изјавија од Амбасадата на САД.


Денешната акција, четврта според бројот на уапсени во оваа деценија


Скопје, 28 ноември, 2017 - 16:57 (META) 

Случајот за насилствата во Собранието од 27 април годинава е еден од четирите во изминатите 10 години во кои беа осомничени и уапсени најголем број лица.

Обвинителството за организиран криминал и за корупција денеска соопшти дека отворило истражна постапка за вкупно 36 лица, кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот предок и на безбедноста, кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку 10 години.

Инаку, убедливо најголем број на осомничени – вкупно 86, беа уапсени во акцијата на МВР, со кодно име „Калдрма“, пред шест години.

Денешната акција за 27 април е четврта по масовност, зад „Змиско око“ и „Диво Насеље“, но прва помасовна од доаѓањето на власт на СДСМ.

Листата на најмасовни истраги и апсења изгледа вака:

  • „Калдрма“86 уапсени, инкасатори на „Македонија пат“, осомничени дека за наплата на патараните издавале фалсификувани фискални сметки, а парите си ги ставале в џеб. Тие се товареа дека го оштетиле буџетот на државата за два милиони евра. „Калдрма“ заврши со правоосилна пресуда, според која вкупно 86 обвинети беа осудени на близу три и пол века затвор;
  • „Змиско око“ – 72 уапсени, вработени на наплатените рампи, за проневера на милиони евра со тоа што на патниците им наплаќале половина од цената, а дел од парите ги присвојувале за себе. Овој случај од 2007 година беше првата од поголемите полициски акции на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, по доаѓањето на власт на оваа партија во 2006 година, на чело со Никола Груевски. Сепак, случајот не заврши славно и неколкупати беше враќан на повторно судење;
  • Диво Насеље“ – 38 уапсени за настаните во кумановско Диво Насеље, од 9 и 10 мај 2015 година. За тероризам и за терористичка ораганизација, со првостепена пресуда, годинава беа осудени 34 обвинети, од кои осуммина добија доживотни затворски казни, а другите долгогодишни затворски казни;
  • „27 април“ – за 36 лица е поведена истражна постапкаи тие се товарат за терористичко загрозување на уставниот предок и на безбедноста, во врска со насилствата во Собранието од 27 април 2017 година.

Во изминатите 10 години, поголем број лица беа уапсени и во акциите „Детонатор“ – вкупно 23 и „Змиско око 2“ – вкупно 25.

Истрагата за насилствата од 27 април ја води обвинителката Вилма Русковска, а таа ги водеше и предметите „Диво Насеље“, „Змиско око“ и „Детонатор“.


Притворот на Југ продолжен за нови 30 дена, ОЈО го гони и за тероризам


Скопје, 28 ноември, 2017 - 12:12 (META) 

Кривичниот суд во Скопје му го продолжи притворот за нови 30 дена на Игор Југ, осомничен за насилствата во Собранието од 27 април оваа година, пренесуваат медиумите.

Основното јавно обвинителство во меѓувреме ја проширило истрагата за Југ, кој сега освен за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, се товари и дека бил водач на толпата која упадна во законодавниот дом на 27 април, како и за кривичното дело тероризам.

Обвинителството побарало од судот да ја продолжи мерката притвор поради постоење опасност од бегство, попречување на истрагата и можност за повторување на делото.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска соопшти дека отворило истражна постапка против 36 лица, осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста.

Во рамките на истрагата утрово се превидени поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, и уште дваесетина лица, меѓу кои пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, актерот Владо Јовановски, поранешниот директор на Македонската опера и балет (МОБ), Игор Дурловски, и други лица.


Утрово приведени Чавков, Мукоски и актерот Јовановски


Скопје, 28 ноември, 2017 - 9:15 (META) 

По налог на јавен обвинител, рано утрово приведен е Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност во МВР, дознава „Мета“ од извори на истрагата.

Приведувањето е во рамките на истрагата за насилствата од 27 април годинава во Собранието. Во тој момент, Чавков беше директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на штабот на МВР за протестите „За заедничка Македонија“.

Покрај Mитко Чавков, според нецелосно потврдените информации, приведени се уште петнаесетина луѓе, меѓу кои пратеници и граѓани кои се најдоа на 27 април во Собранието. Тоа се, според неофицијални информации, актерот Владо Јовановски, Горан Ангелов – Ќосето од Велес, пратеничката Жаклина Пешевска, пратеникот Крсто Мукоски, пратеникот Љубен Арнаудов од Охрид и други.