Скопското јавно обвинителство побара 30-дневен притвор за Стефан Димковски по поднесената кривична пријава од МВР, а Кривичниот суд во Скопје го прифати барањето на обвинителството за 30-дневен притвор за лицето кое со возило го превезе Љупчо Палевски-Палчо од Белград до Турција за да избега од прогон за двојното убиство во земјава.
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека уште вчера поднеле кривична пријава по брза постапка против лицето Стефан Димковски, за помагање на сторител во извршено кривично дело. Имено, токму тој го превезол Љупчо Палевски-Палчо од Белград преку Бугарија до Турција, за обвинетиот за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски да им избега на органите на прогон во земјава.
„Вчера (07.12.2023) Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против С.Д., поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело, по чл.365 од Кривичниот законик“, стои во соопштението од МВР.
Имено, Стефан Димковски се сомничи дека во временскиот период од 1 до 3.12.2023 му помогнал на Љупчо Палевски, кој е осомничен за сторени кривични дела „грабнување” по член 141 и „убиство” по член 123 од Кривичниот законик, дека со патничко возило „ленд ровер“, со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице со седиште во Струмица, го земал обвинетиот од Белград и го однел во Турција, со цел да избега и да се сокрие од органите за прогон во Република Северна Македонија.
„Сега осомничениот, по претходна комуникација и договор со сторителот кој се наоѓал во Република Србија, со возило Ланд Ровер со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице се упатил кон Белград. Таму се сретнал со сторителот и заедно со возилото се упатиле кон границата на Србија со Бугарија – граничен премин Калотина. Границата ја поминале на 02.12.2023 година, па движејќи се низ територијата на Бугарија истиот ден пристигнале на границата со Турција, граничен премин Капитан Андреево, и влегле во Турција. Таму биле заедно до 03.12.2023 година, по што сторителот останал, а сега осомничениот со возилото преку Грција се упатил кон државава каде бил приведен на граничниот премин Стар Дојран“, соопштија вчера од обвинителството.