fbpx

Руинираните објекти во фабрика „Треска“ тргнати, ќе надживеат дрвјата или зградите?

Не така одамна, граѓанската иницијатива „Во одбрана на Буњаковец“ во февруари 2020 година изброја околу 190 пораснати дрвја во кругот на фабриката „Треска“. Дел од нив се веќе исечени, но прашањето е што ќе се случи со останатите дрвја

-

Од некогашната фабрика за мебел „Треска“ не е останато речиси ништо по неколкумесечното чистење на руинираните индустриски објекти на оваа локација во скопската населба Буњаковец. Мета.мк обезбеди фотографии од внатрешноста на „Треска“, од кои може да се увиди дека инвеститорот целата локација ја има исчистено и претворено во своевидна аеродромска писта, пред да продолжи со изградбата на преостанатите станбени згради.

И додека на терен без престан и забрзано се редат бетонските столбови на првата станбена зграда од компанијата „Голден Арт“, се поставува прашањето што ќе биде со зеленилото коешто се наоѓа на оваа локација во центарот на Скопје.

Не така одамна, граѓанската иницијатива „Во одбрана на Буњаковец“ во февруари 2020 година изброја околу 190 пораснати дрвја во кругот на фабриката „Треска“. Преку користење на сателитска снимка, уште пред речиси четири години тие докажаа дека идејата за зазеленување на локацијата и за изведба на парк не е далечна за овој дел од Центар.

„За да се добие парк кој ќе биде на располагање на сите граѓани и посетители на Скопје, доволно е: 1. Да не се исечат постоечките зрели дрвја; 2. Да се расчистат нефункционалните урнатини од некогашната фабрика; 3. Да се посади трева на расчистениот простор“, порачаа од иницијативата „Во одбрана на Буњаковец“ во 2020 година.

Од денешна перспектива, еден од условите за оформување на парк на местото на некогашната фабрика „Треска“ е исполнет, односно речиси во целост се расчистени некогашните индустриски објекти кои се наоѓаат на оваа локација. Сепак, двата други услова за оформување на парковско зеленило не се исполнети.

Од фотографиите што ги обезбеди Мета.мк може да се согледа дека дел од дрвјата кои беа избројани вкупно околу 190 на број во 2020 година се наоѓаат на локацијата, но и дека неколку од овие дрвја веќе се исечени изминатиов период. И покрај тоа што исчезнаа дел од неколкудецениските дрвја со широки крошни од оваа локација, Општина Центар и инвеститорот имаат можност да ги заштитат преостанатите дрвја во кругот на фабриката „Треска“ што се веќе изникнати.

Исто така, како никогаш претходно оваа локација не била толку блиску до оформување на парковско зеленило, бидејќи единственото нешто што треба да се направи во моментов е да се постави слој на земја и да се засади трева и вегетација за овој простор да се претвори во ретка, но нова зелена површина во центарот на Скопје.

Сепак, идеите на граѓанските активисти и на екологистите се чини дека не се совпаѓаат со намерите што ги имаат зацртано локалните власти. Иако летово се објави видео-снимка во дел од медиумите, со која се ветуваат ниски згради и зеленило на просторот на фабриката „Треска“, се поставува прашањето зошто постојното зеленило на оваа локација не се вклопи во најавениот урбан комплекс, туку најпрво ќе се издигнат станбени блокови, а потоа идниот простор ќе се уредува со зеленило.

На местото на „Треска“ почна изградбата на згради, кавги во Општина Центар

Главната причина која може да доведе до целосно сечење на постојните дрвја во кругот на „Треска“ е Деталниот урбанистички план донесен во 2012 година за оваа локација. Наместо да се зачува постојното зеленило, овој ДУП предвидува изградба на нови згради. Дел од архитектонската јавност веќе реагираше дека не е променет актуелниот ДУП за да се овозможи препарцелација и задоволување на поголемиот дел од интересите на приватните инвеститори, но и оформување на простор со зеленило и површини од јавен интерес за овој значаен дел од центарот на градот.

Имено, Советот на општина Центар во 2020 година донесе заклучок за урбанистичко решавање на просторот на локацијата на „Треска“ со објава на конкурс, по што беше избрано победничко решение, но истото никогаш не беше вклопено во нов урбанистички план за делот на фабриката „Треска“.

Архитектонската фела реагираше дека предвиденото зеленило во актуелниот, непроменет ДУП од 2012 година се наоѓа на просторот каде што се лоцирани највредните објекти од комплексот „Треска“, кои се легализирани и приватизирани. Токму поради тоа, за општинските власти во иднина да оформат зеленило на оваа локација ќе треба претходно да ги обесштетат сопствениците на имотот и објектите. Наместо ова поскапа варијанта, процентот на зазеленување на целата локација би можел да се направи токму на оној дел од земјиштето каде се срушени руинираните објекти од „Треска“ и да се избегнат дополнителни, значително поголеми трошоци за оформување зеленило во иднина.

Архитектите се бунат, на терен се рушат последните објекти во „Треска“ [видео]

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...