fbpx

Архитектите се бунат, на терен се рушат последните објекти во „Треска“ [видео]

Архитектот Бато Радоњчиќ му поставил директно прашање на градоначалникот на Центар како планира да го реализира предвиденото зеленило во „Треска“, кое требаше да го задоволи процентот на зазеленување, а кое е вцртано на простор каде постојат највредните објекти во комплексот „Треска“, кои во меѓувреме се легализирани и приватизирани. Одговор не добил

-

Рушењето на објектите во кругот на некогашната фабрика за мебел „Треска“ продолжува со несмалено темпо, наспроти реакциите на архитектите дека центарот на Скопје ја губи последната локација која ќе се претопи во густи згради без никаков јавен простор за граѓаните.

Откако најпрво беа срушени некогашните објекти од фабриката „Треска“ кои гравитираа кон булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, неделава почнаа да се рушат и последните зданија лоцирани долж улицата „Владимир Полежиновски“. Останува да бидат срамнети со земја уште градбите долж улицата „Рузвелтова“, за целосно да се сруши некогашната фабрика за мебел „Треска“.

Инаку, рушењето на објектите долж улицата „Владимир Полежиновски“ се прави од кругот на некогашната фабрика „Треска“, но затоа пак градежниот шут паѓа и на самата улица. И покрај тоа што градежни работници го следат рушењето од надвор, а дел од просторот е ограден, граѓаните кои ги затекнавме додека снимаше Мета.мк, велат дека нема доволно простор за движење за нив како пешаци, а камоли доволно простор за рушевините кои паѓаат под налетот на багерите.

Во меѓувреме, двајца архитекти – добитници на највисокото архитектонско признание во Македонија – „Андреја Дамјанов“, Бато Радоњчиќ и Билјана Филиповска деновиве на Фејсбук реагираа за рушењето на објектите во фабриката „Треска“, но и за сето она што ќе се гради според Деталниот урбанистички план за локацијата кој беше изгласан во 2012 година.

Прво реагираше архитектот Бато Радоњчиќ, кој беше претседател на конкурсната комисија за избор на урбанистичко решавање на просторот „Треска“, откако од Општина Центар претходно во 2020 година беше распишан конкурс.

Радоњчиќ во пост на Фејсбук што го пренесува „Шанса за Центар“ пишува дека комисијата што ги оценувала пристигнатите конкурсни трудови била сочинета од еминентни стручњаци, а самиот тој му предложил на градоначалникот на Центар да се продолжи со разработка на прворангираниот труд на конкурсот. Токму тој овозможувал препарцелација и задоволување на поголемиот дел од интересите на приватните инвеститори, но и оформување на простор со зеленило и површини од јавен интерес за овој значаен дел од центарот на градот.

„Конкретно, за спроведување на предлогот, првенствено требаше да се изврши дооформување и окрупнување на државното земјиште од страна на општината, како најголем поединечен сопственик, а не обратно, и потоа останатиот простор да се дооформи и препарцелизира, процентуално на инвеститорите согласно стекнатата сопственост, со минимални загуби во квантитет, но со голема добивка во квалитет за нив“, пишува Бато Радоњчиќ.

Тој тврди дека немало интерес од градоначалникот за вакво нешто, ниту политичка волја. Радоњчиќ му поставил директно прашање на градоначалникот на Центар како планира да го реализира предвиденото зеленило во „Треска“, кое требаше да го задоволи процентот на зазеленување, а кое е вцртано на простор каде постојат највредните објекти во комплексот „Треска“, кои во меѓувреме се легализирани и приватизирани. Одговор не добил.

„Парите ги трошат, ги фрлаат, тие што ги опструираат Конкурсите, наместо да ги искористат како значаен допринос во развојот и урбанизацијата на просторот“, му одговори Радоњчиќ на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, кој минатата недела на општинска седница рече дека е жално што граѓаните на Центар плаќале за конкурсни решенија за коишто нема простор за реализација.

Герасимовски тогаш тврдеше дека ваквите идејни решенија не само што не се искористени, туку нема и да може да се искористат.

Актуелната состојба со рушењето на некогашната фабрика „Треска“ на Фејсбук пред неколку дена ја искоментира и архитектката Билјана Филиповска, која смета дека просторот на фабриката е последниот слободен во центарот на градот кој можеше да добие креативна разрешница наместо густа блоковска градба без ниедна реална јавна површина и јавна функција. Таа додава дека не се јавни површини само улиците и паркинзите.

Минатата недела „Шанса за Центар“ и градоначалникот на Центар Герасимовски имаа преписка во однос на фабриката „Треска“, односно за изработениот архитектонски конкурс за локацијата и неговото невклопување во ново урбанистичко решение од страна на општинското раководство, со кое би се заменил актуелниот Детален урбанистички план од 2012 година.

Советот на општина Центар во 2020 година донесе заклучок за урбанистичко решавање на просторот на локацијата на „Треска“ со објава на конкурс, по што беше избрано победничко решение, но истото никогаш не беше вклопено во нов урбанистички план за делот на фабриката „Треска“. Од „Шанса за Центар“ велат дека виновник за ова е токму градоначалникот Герасимовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...