„Еко-свест“ бара законски измени: Секој нов објект да има фотоволтаичен систем

За интересот на домаќинствата за инвестиции во сончева енергија биде што повисок, потребна е иницијатива за промени во Правилникот за обновливи извори на енергија за зголемување на лимитот на вкупната инсталирана моќност на фотоволтаичните системи за домаќинствата и за станбените згради од 6 kW на 9 kW

Фото: Општина Центар

Секоја нова куќа или зграда што ќе се изгради или пак што ќе биде целосно реновирана да мора да има инсталирано фотоволтаичен систем. Ова е еден од предлозите дадени во Анализата на регулативите за обновливи извори на енергија, изработена од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко свест, Македонското здружение на млади правници, Институтот за економски и енергетски политики и истражувања и Македонската платформа против сиромаштија и Солар Македонија.

Транзицијата кон обновливи извори на енергија е најважен чекор во решавањето на глобалното прашање на климатските промени. Употребата на фосилни горива е главен причинител за емисиите на стакленички гасови, кои го поттикнуваат затоплувањето на планетата и доведуваат до низа негативни влијанија, вклучувајќи почести и тешки природни катастрофи, пораст на нивото на морето и губење на биолошката разновидност.

Преку транзицијата кон обновливи извори на енергија, со поттикнување на граѓаните да инвестираат во фотоволтаични системи, може да се постигне намалување на овие емисии и ублажување на најлошите ефекти од климатските промени, активности за кои земјава се има обврзано со повеќе меѓународни документи.

Документот предлага да се започне со јавна дебата за потребата да се направат измени во Законот за градба и да се додаде одредба со која ќе се регулира градењето или реконструкцијата на објекти за индивидуално или за колективно домување со задолжително инсталирање на фотоволтаичен систем со максимална инсталирана моќност од 9 kW, во зависност од големината на кровот.

Истиот предлог се однесува и на сите нови индустриски и јавни објекти, кај кои се предлага задолжително да се инсталира фотоволтаичен систем со минимална инсталирана моќност од 40 kW. Измените се предлага да се надополнат со соодветни програми и можности за помош за сите домаќинства кои ќе немаат доволно средства за поставување на ваков систем.

Сепак, за интересот на домаќинствата за инвестиции во сончева енергија да биде што повисок, анализата покажала дека е потребна и иницијатива за промени во Правилникот за обновливи извори на енергија за зголемување на лимитот на вкупната инсталирана моќност на фотоволтаичните системи за домаќинствата и за станбените згради од 6 kW на 9 kW, како и промена на пресметката на цената на вишокот на електрична енергија, која сега инвестицијата во фотонапонски системи за домаќинствата ја прави неисплатлива.

Професорот Драган Миновски вели дека вишокот на електрична енергија, што домаќинствата го произведуваат и предаваат кога немаат потрошувачка во своите домови, треба да има одредена фиксна, гарантирана цена, по која државата или некоја компанија ќе ја откупува и која би била малку повисока во однос на цената по која во моментов снабдувачот ја купува од АД ЕСМ.

„Исплатливоста за поставувањето на фотоволтаичните централи зависи од потрошувачката на електрична енергија на годишно ниво на домаќинството или на зградата и варира од 5,5 – 6, до 14-15, па и 18 години. Оние домаќинства кои имаат мала потрошувачка на електрична енергија, до 5.500 киловат часови на годишно ниво, имаат подолг периодот на поврат на инвестицијата. Кај оние, пак, со поголема потрошувачка на електрична енергија, која ја користат и за затоплување на домовите со топлински пумпи или клима уреди, исплатливоста е многу поголема и побрз е повратот на инвестицијата“, вели Миновски.

Целта на анализата е земјава да ја намали зависноста од фосилни горива и да биде повеќе енергетски независна. Тоа, сметаат во „Еко свест“, ќе има не само еколошки придобивки, туку и ќе помогне да се создадат нови работни места и ќе се стимулира економскиот раст на државата.

Од организацијата велат дека сите заклучоци од документот се веќе пратени до Владата преку отворено писмо, во кое се посочува дека постојат сериозни пропусти во правната регулатива, неусогласенот на терминологијата со постоечките расположливи технологии и капацитети и неусогласеност со други релевантни закони и подзаконски акти, кои се пречка за граѓаните да ги користат поволностите од обновливите извори на енергија.

„Граѓаните сакаат да имаат некаква гаранција каква ќе биде административната процедура пред да започнат со инвестиции во обновливи извори на енергија. Сакаат да знаат дали процесот ќе биде поедноставен, кои се реалните трошоци кои ќе ги имаат, да не се плашат од непредвидени трошоци, туку сите да им бидат јавни и пресметани. На крај потребно е поддршката да биде јавна, не само од институциите, туку и преку кредитните линии кои банките ги имаат за домаќинствата за овој тип намени“, вели Елена Николовска од Еко свест.

Таа посочува дека меѓу другото со документот се предлага Министерството за економија да го измени Правилникот за обновливи извори на енергија со што ќе го зголеми ограничувањето на максималната моќност на фотонапонските електроцентрали и ќе ја промени формулата за вреднување на вишокот произведена електрична енергија. Ова би се спровело на начин што откупната цена на вишокот на електрична енергија од фотонапонските систем ќе биде иста со цената по која домаќинствата ја купуваат електричната енергија од универзалниот снабдувач. Исто се предлага и да се земат во предвид сите достапни технологии, како фототермалните системи, кои во исто време произведуваат електрична и топлинска енергија.

Сепак, Николовска вели дека досега немаат никаков одговор од институциите, ниту дали се согласуваат со овие препораки, ниту пак дека воопшто го примиле отвореното писмо.