Истрага за негувателка од Радишани која малтретирала тригодишно дете

На детето му се обраќала со погрдни зборови, го влечела и тегнела за коса, па тоа претрпело силен страв и стрес, што резултирало со губење на говор и страв од одење во градинка, соопштува Обвинителството

Photo by Caleb Woods on Unsplash

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 32-годишна негувателка во детска градинка за која постои основано сомнение дека сторила продолжено кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, соопштуваат оттаму.

„Во временскиот период од 2022-2023 година, осомничената вработена во детска градинка во Радишани во повеќе наврати извршила психичко и физичко насилство спрема оштетено тригодишно дете кое ја посетувало јаслената група во градинката. На детето му се обраќала со погрдни зборови, го влечела и тегнела за коса, па тоа претрпело силен страв и стрес, што резултирало со губење на говор и страв од одење во градинка“, наведено е во соопштението на Обвинителството.

Оттаму информираат дека јавниот обвинител доставил предлог за определување повеќе мерки на претпазливост кон осомничената негувателка – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска осомничената да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган.

„Исто така се предлага и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, забрана за посетување на детската градинка и сите објекти кои се дел од истата детска градинка, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување на контакти или врски со оштетеното дете, со неговите родители и со сведоците, како и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно оддалечување од работното место“, стои во соопштението.