Горивата поевтинуваат за 1,5 денари


Скопје, 11 јуни, 2018 - 14:16 (META) 

Горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Новата малопродажна цена на „еуросупер БС-95“ изнесува 72 денари за литар, „еуросупер БС-98“ ќе се продава за 74, a „еуродизел“ за 63,5 денари.

Како причина за намалувањето на малопродажната цена на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 4,75 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,899 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.


Домашното бруто-производство на струја учествува со 75,4 проценти во потрошувачката


Скопје, 26 декември, 2017 - 10:58 (META) 

Во октомври годинава, потрошени се 564.378 мегават-часови електрична енергија, 23.802 милиони кубни метри природен гас, 407.265 тони јаглен и 86.884 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 75,4 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 96,9 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.


Домашното бруто-производство на струја учествува со 79,6 проценти во потрошувачката


Скопје, 25 октомври, 2017 - 13:53 (META) 

Во август годинава, потрошени се 564.426 мегават-часови електрична енергија, 22.137 милиони кубни метри природен гас, 422.280 тони јаглен и 100.127 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 79,6 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 95,7 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.


Горивата поскапуваат за еден денар по литар


Скопје, 7 август, 2017 - 14:47 (META) 

Бензинот и дизел-горивото од ноќеска на полноќ поскапуваат за еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Новата малопродажна цена на „еуросупер БС-95“ ќе изнесува 62 денари за еден литар, „еуросупер БС-98“ ќе се продава за 63,5 денари, а еден литар „еуродизел“ ќе чини 48 денари.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 6,89 отсто повисоката просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 1,97 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.


Дизел-горивата поевтинуваат за 1,5 денар, а цената на бензинот останува иста


Скопје, 3 април, 2017 - 13:18 (META) 

Дизел-горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден и пол денар за литар, а цената на бензинот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Малопродажната цена на „еуросупер БС-95“ останува 65 денари за еден литар, а на „еуросупер БС- 98“ е 67 денари за литар. Новата цена на „еуродизел“ ќе изнесува 50,5 денари.

Како причина за намалувањето на цените на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 1,71 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 2,27 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.


Блокадите продолжуваат, превозниците го намалуваат бројот на камиони


Скопје, 13 февруари, 2017 - 12:36 (META) 

Граничниот премин Евзони е затворен веќе две недели, а македонските превозници најмногу трпат од блокадата на грчките земјоделци кои протестираат против владините мерки на Грција.

Камионите кои превезуваат нафта и нафтени деривати се пренасочуваат преку Ново Село, но и преку Меџитлија, граничен премин преку кој од денеска може да поминуваат камиони кои пренесуваат само нафта, но не и друг вид на акцизна стока. Камионите кои превезуваат акцизна стока не можат да поминат преку граничниот премин Дојран, бидејќи нема одобрение од грчка страна.

– Компанијата „Окта“ превезува преку Ново Село, Бугарија. Но оттаму трошоците на превозниците се зголемуваат за 20-30 проценти, така што тие веќе го редуцираат бројот на камиони. Има патарини, километражата е поголема, па оттука и цената на превозот се зголемува –  вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Таа вели дека превозниците засега не најавуваат одредени протести, бидејќи користат алтернативни патишта за превоз, а поскапувањето на нафтата ќе зависи од одлуката на Регулаторна комисија за енергетика.


Пад на грчкиот извоз и на малопродажбата


Атина, 1 септември, 2016 - 10:32 (META) 

Грчкиот извоз се намалил за 8,1 отсто во првата половина од 2016 година. Годинешниот извоз се смета дека е на најниско ниво од 2012 година досега. Ако лани истиот период профитот од извезувањето грчки производи бил 12,8 милијарди евра, годинава тој е 11,9 милијарди евра.

Од Грчката конфедерација на извозници коментираат дека драстичниот пад од една милијарда евра во грчкиот извоз е показател за проблемите и за нестабилноста на грчката економија.

Оттаму истакнуваат дека нестабилноста, воведувањето на ограничувања на банкарските трансакции, долговите на државата кон приватните компании и новите високи даноци влијаат драстично на можностите на грчките извозници и ја отежнуваат нивната работа и финансиска одржливост.

Покрај домашните проблеми, се оценува дека причина за овој голем пад на грчкиот извоз се и меѓународните случувања, како одлуката за Брексит што го ниша европскиот пазар, кој е најголемиот клиент на грчките извозници.

Според конфедерацијата, најголем клиент на Грција и понатаму е Италија, а по неа се Германија, Кипар и Турција.

Покрај извозниците, со загуби се соочуваат и трговците во малопродажбата. Според последната анализа на грчкиот завод за статистика, во јуни малопродажбата опаднала за 5,2 проценти во споредба со истиот период лани, а како причина се наведува намалената потрошувачка поради намалените приходи на грчките граѓани.

Пазарот не успеал да „воскресне“ ни за време на големите летни попусти, кои траеја два месеци. Според статистиката на Грчката конфедерација на трговци, приходите од годинешните летни  попусти опаднале за 9,7 проценти во споредба со профитот од ланските попусти.

Од конфедерацијата коментираат дека и покрај зголемениот број туристи во Атина во јули и во август, профитот останал на ниско ниво поради намалената потрошувачка и зголемените даноци, кои се смета дека значително влијаат на работата на трговскиот сектор.


„Макпетрол“: Регулаторната комисија нè присилува да вршиме складирање нафта


Скопје, 6 април, 2016 - 16:33 (META) 

„Заклучокот на Регулаторната комисија за енергетика, освен што е незаконски, има и елементи на присила бидејќи го продолжи важењето на постојната лиценца на „Макпетрол“ АД – Скопје за уште една година, без да побараме такво нешто“, се вели во реакцијата на компанијата во врска со одлуката на Регулаторна комисија за енергетика да ја продолжи лиценцата на „Макпетрол“ АД – Скопје за складирање сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива.

Од компанијата информираат дека „Макпетрол“ АД – Скопје уште на 28 декември 2015 година поднеле писмено барање до Регулаторната комисија за енергетика со кое ја известиле дека ги повлекуваат барањата за продолжување на лиценцата за складирање сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт.

– Со тоа, јасно ставивме до знаење дека го повлекуваме барањето за продолжување на постојната лиценца, издадена во 2005 година, кое го поднесовме на 10 јули 2015 година. Регулаторната комисија за енергетика со вчерашната одлука ѝ наложува и ја присилува компанијата да врши дејност за која „Макпетрол“ АД – Скопје нема законска обврска – се вели во соопштението на компанијата.

Според нив, со ова решение на компанијата ѝ се нанесуваат директни финансиски штети, кои произлегуваат од складирањето на државните резерви на нафта.

– Македонија е една од ретките земји во Европа во кои државата не им плаќа никаков надомест на компаниите што ги складираат и се грижат за државните резерви на нафта и нафтени деривати – велат од „Макпетрол“ АД – Скопје.

Од компанијата најавија дека ќе ги преземат сите правни дејства за оспорување на заклучокот на Регулаторната комисија за енергетика.

Вчера од „Макпетрол“ информираа дека компанијата нема да складира сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт затоа што на фирмата не ѝ е продолжена лиценцата за вршење енергетска дејност од Регулаторната комисија за енергетика.


Сме потрошиле 602.078 мегават-часови електрична енергија во јули


Скопје, 25 септември, 2015 - 15:09 (META) 

Вкупната потрошувачка во јули, по видови енергенти, изнесува 602.078 мегават-часови електрична енергија, 2.336 милиони кубни метри природен гас, 430.246 тони јаглен и 87.434 тони нафтени продукти, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 64,03 проценти во домашната бруто-потрошувачка на електрична енергија, додека 95,1 процент од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.