!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Министерство за финансии: Намалена каматата на хартиите од вредност


Скопје, 10 јануари, 2017 - 16:28 (META) 

И покрај политичката пропаганда на СДСМ, кој настојува да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста, иако самите ги воведоа, довербата на инвеститорите во економските политики е огромна, што продонесе за намалување на каматата на државните хартии од вредност, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на СДСМ за задолжувањето.

Во него се додава дека инвеститорите побарале државни хартии од вредност во износ кој надминувал 5 милијарди денари, а Министерството запишало 1,9 милијарди денари во согласност со понуденото во проспектот.

– Како резултат на големата побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал, каматата, односно цената што ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите е намалена за 0,2 процентни поени, што воедно е и најниската камата последниве години – се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека со буџетот за 2017 година предвидено е буџетскиот дефицит да се покрива и од домашни извори.

– Во моментот на пазарот на капитал има голема побарувачка за државните хартии од вредност, што значи дека тие можат да се издадат со пониска камата, односно со помала цена на капиталот – додаваат од министерството.


СДСМ: Власта во заминување за утре планира нови милионски долгови


Скопје, 9 јануари, 2017 - 10:27 (META) 

Владата во заминување сака утре да ги задолжи граѓаните 15 милиони евра повеќе од обврските што се стигнати за враќање оваа недела, се вели во соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека Министерството за финансии, според најавената аукција, утре ќе побара 31,7 милиони евра, а за враќање се доспеани 15,8 милиони евра.

– Бараме од Кирил Миноски веднаш да објасни за кого и за што бара 15 милиони евра повеќе, што треба да ги враќаат граѓаните. СДСМ и со ограничените ингеренции во Министерството за финансии во Владата за организирање и за спроведување на изборите им заштеди на граѓаните повеќе од половина милијарда евра, или точно 570 милиони евра нов долг, без притоа да биде доведена во прашање редовната исплата на платите, пензиите, субвенциите, социјалната помош – се додава во соопштението на СДСМ.


Министерство за финансии: Аукциите се во согласност со законите, Наумов шири невистини


Скопје, 28 ноември, 2016 - 15:49 (META) 

Со ребалансот на буџетот, износот на аукции на државни хартии од вредност не е зголемен, туку е намален, велат од Министерство за финансии по повод соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, во кое тој бара усогласување на задолжувањата од ДХВ со буџетот на РМ.

– Владата на почетокот на годината носи одлука за максималниот износ за аукции на државни хартии од вредност. Тоа е максималниот лимит кој не смее да се надмине. Сепак, сумата на издадените хартии од вредност може да биде помала од овој лимит, во согласност со износите на буџетот. Со аукциите годинава се издадени државни хартии од вредност кои се неколкукратно помали од лимитот предвиден и со одлуката на Владата и од лимитот предвиден со ребалансот, што може секој граѓанин да го провери на веб-страницата на Министерството за финансии – велат оттаму.


Опозицијата ги злоупотребува аукциите на државни записи за пропагандни цели


Скопје, 8 ноември, 2016 - 16:48 (META) 

„Со пласирање невистини и полувистини во јавноста, опозицијата ги злоупотребува аукциите на државни хартии од вредност во пропагандни цели. Доказ за тоа е што и дополнителниот заменик-министер за финансии Наумов и одредени медиуми, во настојувањето да прикажат дека државата се задолжува, испуштија да споменат дека вчера во стопанството се вратени 12,2 милиони евра врз основа на државни хартии од вредност“, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

– Секаде во светот економиите издаваат државни хартии од вредност и тие се значаен дел од пазарот на капитал. Доколку опозицискиот СДСМ смета дека овој фискален инструмент е негативен, тогаш зошто го вовеле во 2004 година и организирале аукции – се вели во соопштението на Министерството за финанасии.

Оттаму велат дека државните хартии од вредност се најсигурни хартии од вредност на пазарот на капитал и затоа и побарувачката за нив е голема.

– Големата побарувачка од страна на инвеститорите е доказ за нивната доверба во домашната економија и во економските политики што се спроведуваат од Владата. Сите средства од нето-повлекувањето со државни хартии од вредност остануваат на депозитната сметка – се додава во соопштението.


Тевдовски: Долгот по жител денес изнесува 2.350 евра


Скопје, 3 ноември, 2016 - 16:24 (META) 

„Загрижувачка е брзината со која актуелната власт го зголемува долгот. Долгот по жител денес изнесува 2.350 евра и тој е трипати поголем во однос на 2008 година кога изнесуваше 750 евра по жител“, изјави претседателот на комисијата за економија и член на извршниот одбор на СДСМ, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека од 2008 година, актуелната власт ја задолжува Македонија со еден милион евра на ден, односно го задолжува секој жител со половина евро на ден просечно.

– Годинава, темпото на задолжувањето е уште посилно и изнесува речиси два милиони евра на ден, односно едно евро на ден по жител. Згора на сè, јавниот долг е поголем од тоа што го кажуваат бројките на Министерството за финансии, бидејќи тие не го вклучуваат долгот на Народната банка, негарантираните долгови на јавните претпријатија и преземените, а неплатени обврски од страна на државата – додаде Тевдовски.

Тој истакна дека намерата на СДСМ е, кога ќе дојде на власт, да се откажат од непродуктивните трошења за фасади, споменици и за административни згради. Како што посочи, нема да се дозволи владини претставници да користат по пет возила од администрацијата.

– Нашиот прв чекор ќе биде граѓаните да имаат увид во тоа како се троши секој денар од државниот буџет. Нашата цел е да обезбедиме поголеми приходи преку посилно оданочување на најбогатите граѓани. Нашиот план е да воведеме независен фискален совет и правила за јавниот долг, кој ќе ги ограничи политичарите да се водат само од сопствениот интерес при донесувањето одлуки за долгот – додаде Тевдовски.


Јавниот долг изнесува 50,6 проценти од БДП, објави Министерство за финансии


Скопје, 31 октомври, 2016 - 15:25 (META) 

Министерството за финансии денеска ги објави податоците за државниот и за јавниот долг, кои изнесуваат 41,9 отсто и 50,6 проценти за третиот квартал од 2016 година.

Како што велат од Министерството за финансии, зголемувањето на државниот и на јавниот долг во однос на вториот квартал се должи на издавањето на еврообврзницата во јули 2016 година, која е наменета за покривање на буџетскиот дефицит во 2016 и во 2017 година.

– Со еврообврзницата ќе се покријат повеќе обврски кои доспеваат во текот на оваа и на наредната година, како отплата на 130 милиони евра која ќе се изврши во ноември врз основа на доспеан кредит – велат од Министерство за финансии.


И Наумов се жали на опструкции: Од Финансии не ми даваат никакви документи и податоци


Скопје, 26 октомври, 2016 - 13:18 (META) 

„Министерство за финансии продолжува со ист начин на работа како и претходно и во последниот месец, откако сум повторно на функција, немаме никаква соработка“, се пожали дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, на средбата со претседателот на Стопанска комора на Сојузот на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.

Тој додаде дека ниту еден документ што го побарал од кабинетот на министерот за финансии, Кирил Миноски, не му бил доставен.

– Досега од сите испратени барања до кабинетот на министерот немам повратни информации. Не ми е доставен ниту еден баран документ со печат од Министерство за финансии. Се кријат податоци и информации од Царинската управа, Управата за јавни приходи. Штом кријат, има некаков проблем со стопанството. Ликвидноста е на ниско ниво, повратокот на ДДВ оди лошо – додаде Наумов.

Тој истакна дека ќе почека уште некое време за да ги добие потребните податоци, а потоа ќе види кои се законските можности за да дојде до нив, бидејќи, како што рече, овој однос на Министерство за финансии е неоправдан.

Уште еднаш истакна дека податоците за субвенциите на странските компании мора да бидат јавни за да може да се види нивниот ефект врз македонската економија.

– Штом се кријат податоците за субвенциите, можеби во заднината се крие корупција, а отсуствува и систем по кој се доделувани. Треба да се утврди нивната сума и врз основа на што се доделувани – рече Наумов.


Министерство за финансии: Сумата што неделава се враќа во стопанството е 31 милион евра


Скопје, 18 октомври, 2016 - 16:47 (META) 

„Сумата што Министерството за финансии ја враќа во стопанството неделава врз основа на државни хартии од вредност изнесува 1,915 милијарди денари. На денешната аукција запишани се 1,959 милијарди денари, иако дополнителниот заменик-министер за финансии Наумов во своето соопштение до јавноста вчера тврдеше дека таа сума е за 17 пати повисока од сумата што се враќа во стопанството“, се вели во реакцијата на Министерство за финансии на соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во него, исто така, се додава дека дополнителниот заменик-министер е запознаен дека доколку поради поголема побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал – кои се најсигурни хартии од вредност и за кои има голем интерес, се запише поголема сума од доспеаната за враќање, истите ќе се стават на депозитната страна за следната година.


Министерство за финансии ќе го достави новиот буџет до Владата


Скопје, 16 септември, 2016 - 15:16 (META) 

Министерство за финансии ќе го достави буџетот за 2017 година до Влада денеска или во понеделник, најавил министерот за финансии Кирил Миновски во телевизиска дебата на која гостувал заедно со дополнителниот-заменик министер за финансии, Кире Наумов.

Од Министерство за финансии се уште официјално не ја потврдуваат оваа информација.

Информацијата дека е можно вадата да предложи да се донесе буџетот на два месеци пред да биде распуштено Собранието предизвика силни реакции и шпекулации дека тоа се прави поради изборите кои се предвидени да се одржат на 11 декември.


МФ: Oпозицијата e против редовните фискални инструменти


Скопје, 13 септември, 2016 - 16:01 (META) 

И во случај Министерството за финансии да ги откаже сите аукции на државни хартии од вредност до крајот на годината, што би предизвикало нарушување на финансискиот пазар во земјава, опозицијата сигурно би барала друг начин да прикаже дека државата се презадолжува, се вели во реакцијата на Министерство за финансии по повод соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во соопштението се наведува дека „Македонија веројатно е единствена земја во светот каде опозицијата заради дневно-политички поени тргнува против фискални инструменти што секаде во светот се издаваат на редовна основа“.

– Секој може да направи споредба колку државни хартии од вредност се издадени од почетокот на годината и колку средства се вратени во стопанството годинава, тоа се јавно достапни податоци на веб-страницата на Министерството и секој може да увиди дека нето-задолжувањето врз основа на државни хартии од вредност е значително намалено. Аукцијата што денеска не се одржа беше предвидена со календарот за државни хартии од вредност, исто како и други шест аукции кои изминативе месеци беа предвидени, а не се одржаа. Сепак, тие аукции опозицијата не ги спомнува, бидејќи не се вклопуваат во приказната за „презадолжување“ – се вели во реакцијата на Министерство за финансии.