fbpx

Владата засега не добила информација од Град Скопје за прекинување на тендерот за БРТ-то, став допрва ќе гради

-

Владата на РСМ и Министерството за финансии засега немаат добиено информација од Градот Скопје дека планираат да ја прекинат реализацијата на проектот за воведување Бас рапид транзит – БРТ во Скопје, односно дека се откажуваат од автобуското метро.

„Доколку Владата и Министерството за финансии добијат официјално известување од страна на Град Скопје, дополнително ќе се произнесат за истото и воедно ќе се извести и ЕБОР за предметното барање“, информираат за „Мета“ од Министерството за финансии.

Од ова министерство објаснуваат дека станува збор за претходно договорен проект со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за кој Министерството за финансии во име на Владата на РСМ има потпишано Договор за заем со ЕБОР на 21.04.2021 година, а врз основа на претходно донесен Закон за задолжување за овој проект од страна на Собранието на РСМ, објавен во Сл.весник бр.77 од 06.04.2021.

Најавата за прекин на реализацијата на БРТ-то во Скопје стигна вчера од новата градоначалничка Данела Арсовска, која рече дека во наредните денови ќе има состаноци со експертите на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за да се запознае со условите и што досега било договорено и направено, но и кажа дека БРТ нема да се гради.

Тендерот за изградба на првата линија од БРТ-то во Скопје беше распишан кон крајот на октомври годинава, при што заинтересираните компании во првата претквалификациска фаза ќе треба најдоцна до 14 декември да ги достават своите претквалификациски понуди. Тендерот е објавен на веб-страницата на ЕБОР.

Во слична ситуација за време на локалните избори во 2009 година, тогашниот скопски градоначалник Трифун Костовски беше принуден да го поништи тендерот за изградба на првата трамвајска линија од Ново Лисиче до центарот на Скопје, откако тогашниот состав на Антикорупциската комисија побара да се сопре реализацијата на тендерот за трамвајот. Новиот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски не се согласуваше со моделот за изградба на трамвајот во Скопје на дотогашниот градоначалник Трифун Костовски, по што се обиде преку јавно-приватно партнерство да ја реализира првата трамвајска линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, но не успеа во ова.

Експертите коишто ги консултираше „Мета“ денеска ѝ порачаа на скопската градоначалничка Данела Арсовска да не брза со донесувањето на стратешки одлуки за иднината на јавниот превоз во Скопје, бидејќи главниот град веќе изгуби неколку децении во ваквите промени на одлуките од новите градски раководства.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...