Агенцијата „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на „ББ+“ со негативен изглед

Министерството за финансии денеска информираше дека Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на „ББ+“ со негативен изглед. Агенцијата нотирала добро владеење, како и кредибилна и кохерентна макрофинансиска политика, конзистентна со долгоодржуваниот фиксен девизен курс.

„Задржувањето на кредитниот рејтинг е особно значајно за државата во услови на глобална криза, а негативниот изглед ги рефлектира ризиците со кои земјата се соочува по пандемскиот шок и ефектите од настаните во Украина“, информираат од Министерството.

Во извештајот на „Фич“ е наведено дека негативните влијанија делумно ќе бидат избалансирани со растот на домашната побарувачка, која е поддржана од владините мерки за раст на платите и јавните инвестиции.

Очекувањата на Агенцијата за годинава се дека буџетскиот дефицит ќе биде повисок од оној во 2021 година, како резултат на владиниот одговор на ценовната и енергетската криза, зголемувањето на минималната плата, повисоките пензиски трошоци и поддршката на одредени клучни сектори во економијата. Предвидуваат намалување на буџетскиот дефицит на 4,8 отсто во 2023 година. Агенцијата предвидува раст на македонската економија од 2,8 отсто годинава, како резултат на проблемите во глобалните синџири на дистрибуција, последиците од прекините во снабдувањето со енергија и зависноста од увоз на гас од Русија.

Од минитерството за финансии нагласуваат дека во извештајот на Агенцијата стои дека со намалувањето на геополитичките ризици и притисоците на цената на енергијата, како и со постепената фискална консолидација со акцент на јавните инвестиции, се очекува растот на економијата да достигне три отсто од БДП во 2023 година.