Петта година се зборува за оддалечување на казината и обложувалниците од училиштата, но не се презема ништо

Фото: Мета.мк

Веќе петта година по ред се зборува за ограничување на отворањето на казина и обложувалници во близина на школите во земјава, но засега ништо не е преземено во оваа насока. Покрај ваквата мерка предложена од Министерството за финансии на почетокот од 2018 година, и партијата Алијанса за Албанците пролетва поднесе свој предлог-закон со кој предложи игрите за среќа да бидат преселени исклучиво во хотели со пет ѕвезди во земјава. Сепак, и двата предложени закони се заглавени во Собранието на РСМ со месеци, а бројот на казина и обложувалници во земјава продолжува да расте.

Министерството за финансии во првичните измени на Законот за игри на среќа и забавни игри што ги обелодени во јануари 2018 година, предложи казината и обложувалниците да бидат оддалечени најмалку 300 метри од основните и средните училишта.

„Приредувањето на игрите на среќа во деловни простории кои се лиценцирани во близина на училишта влијае на поттикнување на младата популација во насочување на лоши и несоодветни навики за нивната возраст“, стоеше во образложението на предложениот закон на Министерството за финансии од 2018 година.

Но, овој предложен закон не помина и Министерството за финансии во јуни 2021 година испрати нов предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за приредување на игри на среќа до Собранието на РСМ. Со него се бара приредувачите на игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.

Предложениот закон беше поставен на дневен ред на 34-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет закажана за 9 февруари 2022 година, но тогаш не беше изгласан ниту дневниот ред на комисијата. Од тогаш до денес, предложените измени и дополнувања на Законот за игри на среќа и забавни игри не може да помине ниту на прво читање низ собраниската комисија, а камоли да се најде пред пратениците на пленарна седница во Собранието.

Во меѓувреме, опозициската партија Алијанса на Албанците во април годинава соопшти дека нивната парламентарна група ќе поднесе свој предлог-закон за измени и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, со кој тие предложија казината, обложувалниците и другите игри на среќа да се преместат исклучиво во хотелите со пет ѕвезди низ земјава. Ова практично значи дека постојните локации на казина и обложувалници низ градовите и селата треба да се затворат.

Од власта се спротивставија на ваквиот предлог, идентично како и приредувачите на игри на среќа, појаснувајќи дека државата би изгубила огромни приходи во државниот буџет, додека илјадници лица би останале без работа. Сепак, од Министерството за финансии и есенва реагираа со апел до пратениците за да биде усвоен нивниот предлог на измени и дополнувања, во кои оддалечувањето на казината и обложувалниците од училиштата не се единствен предлог.

Со новото законско решение се предвидува подигнување на критериумите и условите за добивање лиценца и значително зголемување на давачките за приредувачите на игри на среќа и забавни игри. Исто така, Министерството за финансии со цел да се оневозможи лесниот пристап на малолетните лица со Законот, предлага и воведување ограничување на бројот на уплатно-исплатни места на обложувалниците, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат клубовите што се отвораат со една издадена лиценца, но и воведување надомест за секое ново уплатно-исплатно место, односно деловна просторија за автомат клуб. Но, и овој апел на Министерството за финансии од 29 септември годинава не наиде на слух кај пратениците.

Измените се неприфатливи за спортските обложувалници

Мета.мк на 13 и 19 декември годинава во два наврати испрати барања до Министерството за финансии и до партијата Алијанса за Албанците за одговори на неколку прашања на темава, меѓу кои е и прашањето за тоа кои се пречките поради што се оневозможува успешното донесување на измените во Законот за игри на среќа и забавни игри. Одговори на поставените прашања од нивна страна не добивме.

Расположени за разговор беа единствено од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), кои според нивните пресметки, информираат дека во моментов има околу 700 деловни субјекти на обложувалници во Македонија. Во оваа асоцијација членуваат петте најголеми обложувалници во земјава: Моцарт, Златна копачка, Спорт лајф, Евротип и Марбет.

Од АСОМ велат дека предложените законски измени се неприфатливи за спортските обложувалници. Тие проценуваат дека ако се усвои предлогот на Министерството за финансии за оддалечување на обложувалниците на 500 метри од училиштата, требало да затворат речиси 98 отсто од објектите низ земјава.

„Ставот на АСОМ е дека ваквиот закон е исклучително спорен, бидејќи иако наводно има за цел да ја унапреди индустријата, да ги заштити играчите и да го зголеми приходот во буџетот, доколку се затворат објектите, парите од даноците ќе ги снема, а државата ќе изгуби, по наши проценки, околу 253 милиони евра на годишно ниво коишто се слеваат во буџетот. Тоа за нас е несфатливо, особено во услови на ваква економска криза во која се наоѓаме“, велат за Мета.мк од оваа Асоцијација.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници пресметале дека над 8.000 лица се директно вработени во дејноста, но и додаваат дека влезот на малолетни лица во обложувалниците е целосно регулиран со Закон, а казните за непочитување на овие членови се високи. Од АСОМ додаваат дека немаат интерес во нивните објекти да влегуваат лица помлади од 18 години.

Ако ставиме клуч на врата на легалните спортски обложувалници или ако се преместат игрите на среќа во хотелите со пет ѕвезди, велат тие, тогаш играчите ќе бараат алтернатива, обложувањето би се префрлило на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците.

Албанија „пишман аџија“ во забраната на игрите на среќа

По четири години откако ги забрани казината и обложувалниците, соседна Албанија од 1 јануари 2023 година повторно го воведува спортското обложување во земјата. Додека во Македонија се зборуваше за забрана уште на почетокот од 2018 година, Албанија успеа на 31 декември 2018 година да го забрани спортското обложување низ целата земја.

Сега, пишува Јуроактив, од почетокот на 2023 година тоа во Албанија се враќа на голема врата, а албанската влада очекува да собере даночни средства во висина од 17 милиони евра секоја година од спортските обложувалници. Освен малубројните лиценцирани казина, во Албанија изминативе четири години беа затворени стотици казина и обложувалници низ градовите и селата. Сепак, Јуроактив пишува дека ова не ги стопирало нелегалните казина и обложувалници низ земјата, за чија работа речиси на неделно ниво имало апсења од албанската полиција.

Премиерот Еди Рама во Албанија вети дека приходите на државата од работењето на спортските обложувалници ќе ги насочи кон спортот, културата и младите.

Назад во Македонија, на пратениците од Собранието останува да се произнесат дали и какви рестриктивни мерки ќе воведат за приредувачите на игрите на среќа, земајќи го во предвид фактот дека се предложени два различни текста за измени и дополнувања на актуелниот закон. Први на разгледување најверојатно ќе се најдат предложените измени од Алијансата за Албанците, којшто текст на прво читање веќе е ставен на дневен ред на 73-тата седница на Собранието на РСМ.

И додека статус-кво состојбата во земјава продолжува, бројот на казина и обложувалници низ Македонија се зголемува. Исто така, низ земјава изминативе години во неколку наврати се одржаа протести низ градовите против отворањето на казина и обложувалници, а жителите на Тетово преку протест последен пат во февруари годинава се спротивставија на отворањето казино во близина на детска градинка во овој град.

И покрај тоа што во континуитет го одложуваат донесувањето на одлуката, на пратениците од Собранието останува да пресечат дали и до кој степен ќе воведат рестриктивни мерки во однос на бројот и локациите, во кои непречено функционираат казината и обложувалниците во Македонија.