Лукаревска: Засилени контроли на фискалните сметки за намалување на скриената економија


Скопје, 6 февруари, 2018 - 11:47 (META) 

Еден од предусловите за развој на сивата економија е неиздавањето на фискални сметки, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на денешниот Регионален форум за скриена економија кој се одржува во „Холидеј ин“, а на кој учествуваат и претставници од даночните институции на регионот.

Таа додаде дека се поголем број на граѓани се јавуваат во УЈП и поднесуваат претставки за неиздавање на фискални сметки. Најголем број од фискалните сметки не се издаваат во секторот на услуги.

Лукаревска најави засилени контроли од страна на УЈП посебно кога станува збор за настани од забавен карактер. Како пример го посочи Супер купот, кога имало засилени контроли и Струмички карневал кој следува. Таа информираше дека од извршените контроли минатата недела само кај 10 отсто од субјектите биле утврдени неправилности.

Освен неиздавањето на фискални сметки како други форми на скриена економија, Лукаревска ги спомна пријавувањето на понизок обрт од страна на компаниите, пријавувањето на помали приходи, издавање на фиктивни фактури, формирање на фиктивни компании и лажирање на фактурите. Најголем дел од скриената економија е кај микро и малите бизниси.

Ана Мицкоска Ралева, од Центарот за истражување и креирање политики изјави дека во однос на индексот на скриена економија, во Македонија нема подобрување од 2014 година.

На скала од 1 до 10, Македонија има тројка на тој индекс и е подобра во однос на Албанија која има четворка и Косово кој има седмица.

– Оваа позиција е очекувана бидејќи од 2014 до 2017 година политичката и економската криза влијаела на недовербата врз институциите – рече Мицкоска Ралева.

Таа додаде дека не секогаш се потребни казнени мерки, заплашување на правните и физичките лица туку потребна е стимулација за подобрување на даночната дисциплина.


Земјите од ЈИЕ заеднички ќе го контролираат малото и лесно оружје


Подгорица, 2 февруари, 2018 - 10:13 (META) 

Замениците-министри за внатрешни и надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) изразија решителност во иднина заеднички да работат на контролата на малото оружје и лесното вооружување во регионот.

Оваа обврска е наведена во заедничката изјава усвоена на регионалната конференција на високо ниво „Јакнење на обврските за контрола на малото оружје и лесното вооружување во ЈИЕ“ што синоќа заврши во Подгорица, Црна Гора.

Со заедничката изјава е засилена обврската за борба против недозволената трговија со овој тип на оружје, како и разработка на „Мапа на патот за контрола на малото оружје и лесното вооружување на Западен Балкан“, која во текот на годината треба да биде усвоена на Самитот на Западен Балкан во Лондон како дел од Берлинскиот процес.

Конференцијата ја организираше Центарот за контрола на малото оружје и лесно вооружување во Југоисточна и Источна Европа, под покровителство на Регионалниот совет за соработка и Сојузна Република Германија.

Регионалниот совет за соработка е оперативното тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.

Заменик-министерот внатрешни работи на Македонија Агим Нухиу на конференцијата потенцираше дека е “особено важно да се воспостави соодветен систем за евиденција и контрола на оружјето, кој ќе помогне во понатамошните постапки за пронаоѓање на оружјето со кое евентуално е извршено одредено кривично дело, а со тоа и самиот сторител“.

Тој ги презентираше активностите на македонската полиција во однос на проблематиката со малото и лесно оружје, и нагласи дека е неопходно интензивирање на соработката, како на регионално ниво, така и пошироко.


Јавниот превоз од денеска повторно е бесплатен, поради загадениот воздух


Скопје, 30 јануари, 2018 - 11:31 (META) 

Градот Скопје од денеска воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, а мерката ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето.

Мерките се преземаат по добиеното известување од Министерството за животна средина и просторно планирање дека прагот на алармирање за ПМ-10 честичките во воздухот е надминат во текот на два дена последователно, односно над 200 микрограми на кубен метар воздух.

Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повикува сите градоначалници да го сторат истото. Од таму најавуваат дека ќе ја интензивираат контролата на градилиштата.

Град Скопје бараат од МВР да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чија што крајна дестинација не е градот, а кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница. Од МВР исто така се бара да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот, како и ограничување на обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18 часот.

Градоначалниците на општините во Градот Скопје се повикуваат да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

„Градот Скопје, исто така, апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз и тоа да премине во навика без разлика на загадувањето. За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот“ се вели во соопштението на Град Скопје.


Институциите не ги спроведуваат препораките од ревизорите за финансиското работење


Скопје, 24 јануари, 2018 - 13:33 (META) 

Државните институции имплементирале многу малку препораки од Државниот завод за ревизија по контролите на нивното финансиско работење, информираше портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Затоа, на владина седница било заклучено дека ќе бидат преземени поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошење на јавните финансии.

– Многу малку препораки се имплементирани по завршувањето на ревизиите. Се носат заклучоци, но институциите покажуваат слабост во имплементацијата на препораките – рече Бошњаковски.

Тој додаде дека Владата го задолжила Министерството за финансии да подготви стратешки документ насловен „Политика за јавна внатрешна финансиска контрола за период 2018 – 2020 година“ преку кој треба да се утврди слабоста во работењето на институциите и да се зголеми отчетноста за трошењето на парите.


Владата го утврди предлог-законот за поголема контрола на паралелниот увоз на лекови


Скопје, 4 јануари, 2018 - 23:25 (META) 

Владата на денешната 47. седница го утврдила и донела одлука да го достави до Собранието новиот предлог-закон за лековите и медицинските средства, со кој се зголемува контролата на паралелниот увоз на лекови во земјава.

Како што се наведува во соопштението на владината прес-служба, со предложените решенија веледрогериите се задолжуваат да обезбедат пообемна документација за квалитетот на лековите од паралелен увоз.

„Дополнително со овој предлог-закон се прецизира начинот на издавање на одобрението за паралелен увоз во смисла на утврдување на критериуми и тоа со обезбедување сертификат за квалитет на лек што e предмет на паралелен увоз, приложен во оригинал. Сертификатот за квалитет треба да биде издаден од страна на производителот на лекот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител или од земјата извозник на лекот. На овој начин се овозможува подобрена контрола на квалитетот на секоја серија од лековите кои се предмет на паралелен увоз и се обезбедуваат безбедни лекови од паралелен увоз и заштита на пациентите од евентуални неквалитетни лекови“, стои во соопштението.

На денешната седница Владата дала согласност за договорот за долготраен закуп на градежно земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 со фирмата „Џемдаг Лајтинг Еуропа“.

Станува збор за прв договор за гринфилд инвестиција според критериумите од новиот план за економски раст кој беше промовиран непосредно пред Нова година, вреден 5 милиони евра, и кој предвидува 100 нови вработувања, велат од Владата.

На предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање, Владата денеска ја разгледала и усвоила информацијата за ажурираниот Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи во Република Македонија.

„Ажурираниот план опфаќа и препорачува повеќе чекори за исполнување на обврските од Стокхолмската конвенција како што е спречување на неконтролирано горење отпад на нестандардни депонии, воспоставување контрола при увоз на стара опрема со ризик од хемикалии штетни за здравјето на луѓето и животната средина, формирање и функционирање на собирни центри, центри за третман и преработка на искористени возила и други мерки“, стои во соопштението за 47. седница на Владата.


Затворени 19 објекти и приведени 26 лица при рација на МВР во Тетово, Битола и во Велес


Скопје, 19 ноември, 2017 - 14:46 (META) 

При спроведени контроли на подрачјата на СВР Тетово, СВР Битола и СВР Велес, приведени биле 26 лица, а привремена забрана за работење добиле 19 угостителски објекти, соопшти денеска на прес-конференција директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски.

Во некои од локалите бил откриен незаконски престој на лица во Република Македонија, користење наркотици, како и управување возила под дејство на алкохол.

– Во Тетово и во Гостивар, од 31 објект, на 19 објекти од Управата за јавни приходи и од Државниот пазарен инспекторат им се изречени мерки забрана за вршење дејност во траење од 15, односно 30 дена, бидејќи не издавале фискална сметка, не поседувале фискален апарат и имале нерегистрирани вработени. Поради поседување дрога и непоседување документи за идентификација, приведени се вкупно 26 лица, од кои 16 македонски државјани и десет странски државјанки, девет државјанки на Република Србија и една на Република Црна Гора. Кај дел од гостите во објектите се пронајдени пакувања со прашкаста материја – вели Велковски.

Контролата во Битола не покажала посериозни прекршоци и не е констатирано нарушување на јавниот ред и мир. Во Велес, Кавадарци и во Неготино алкотестирани биле 232 возачи, а кај 29 возачи е утврдено присуство на алкохол.

Велковски нагласи дека МВР во соработка со другите институции ќе продолжи со вакви контроли и во следниот период.


Војската ја презеде контролата во Зимбабве, Мугабе и семејството во притвор


Хараре, 15 ноември, 2017 - 10:51 (META) 

Владејачката партија во Зимбабве – Зану ПФ преку „Твитер“ соопшти дека Емерсон Мнангагва е именуван за привремен претседател на оваа африканска држава и дека досегашниот претседател Роберт Мугабе и членови на неговото семејство се приведени, јавуваат светските медиуми.

Мнангагва претходно беше сменет од функцијата потпретседател на земјата поради „нелојалност“. Медиумите потсетуваат дека тој тогаш бил сменет на иницијатива на сопругата на Мугабе, Грејс Мугабе, пренесува „Би-би-си“.

Војската на Зимбабве, пред објавата на владејачката партија, го зазеде седиштето на државната телевизија, а силни експлозии и пукотници одекнувале ноќеска во главниот град на земјата, Хараре.

Офицери на војската на Зимбабве соопштија дека ноќеска интервенирале за да ги елиминираат „криминалците“ од опкружувањето на претседателот Мугабе, но демантирале дека се обиделе да извршат воен удар против шефот на државата, кој владее со Зимбабве 37 години.

Интервенцијата на војската доаѓа по отворените несогласувања помеѓу Мугабе и начачникот на генералштабот на војската по смената на Мнангагва од функцијата потпретседател. Мнангагва важеше за можен наследник на Мугабе.

Мугабе, кој е роден во 1924 година и беше дел од ослободувањето на Зимбабве од колонијалното владеење, стана премиер во 1980 година, функција која ја извршуваше до 1987 година од кога е претседател на државата.

Поради авторитарниот начин на владеење и одговорноста за состојбите во Зимбабве, Мугабе од 2002 година беше цел на санкции од Европската Унија и од САД.


Според новиот пакет закони, работата на полицијата ќе ја контролира Обвинителството


Скопје, 14 ноември, 2017 - 13:01 (META) 

Министерството за правда ја почна подготовката на пакетот измени во неколку закони со кои треба да се обезбеди надворешна независна контрола на работата на полицијата.

Според известувањето, објавено денеска, измените ќе се прават во Законите за јавно обвинителска служба, за јавно обвинителство, за Совет на јавни обвинители и во Кривичниот законик.

Подготвувањето на измените во четирите закони почнало вчера, а новите решенија треба да бидат готови до 24 ноември.

Контролата на работата на полицијата – редовната на Министерството за внатрешни работи и на затворската полиција, за која е надлежно Министерството за правда, според измените на законите, ќе ја врши Јавното обвинителство.

„Имплементација на надворешниот независен контролен механизам во нашето законодавство за припадниците на Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција. Еден од сегментите на овој механизам е воспоставување контрола од страна на јавното обвинителство. Значајна улога во рамките на овој механизам се планира да имаат истражителите во јавното обвинителство“, стои во образложението за целта на законските измени.

Новите законски решенија, како што се наведува, произлегуваат од стандардите пропишани во Европската конвенција за заштита на човековите права и од пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Инаку, според актуелните законски решенија, работата на полицијата и нејзиното постапување во рамките на законите го контролира и испитува Секторот за внатрешна контрола на МВР, што од експретската јавност беше оценето како недоволно и проблематично.


Вангеловски ќе врши контроли во судовите за функционирањето на АКМИС


Скопје, 13 октомври, 2017 - 13:50 (META) 

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, вчера бил во Основниот суд Гевгелија за да изврши контрола во функционирањето на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС) во судот, соопшти денеска Врховниот суд.

Од судот велат дека по добивањето на извештајот од анализата на функционирањето на АКМИС, ќе бидат „донесени соодветни заклучоци, за кои јавноста ќе биде информирана“.

Вакви посети во наредниот период се планирани во сите судови во Македонија, велат од Врховниот суд.

„Се работи за вообичаени активности во насока на подобрување на функционирањето на автоматизираниот систем за управување со судските предмети“, стои во соопштението.

Најавата за проверка на АКМИС во судовите од страна на Вангеловски доаѓа неколку дена откако комисијата што ја формираше Министерството за правда го заврши увидот во Кривичниот суд во Скопје, кој треба да покаже дали имало злоупотреби на автоматизираниот систем за управување со судските предмети, односно дали се местело одредени предмети да бидат распределени кај одредени судии.

Наодите од ревизијата на комисијата, како што е најавено, треба да бидат познати следната недела.

Инаку, од Врховниот суд не информираат зошто Вангеловски прв за контрола го одбрал Основниот суд во Гевгелија. Дел од медиумите шпекулираат дека посетата на Вангеловски на гевгелискиот суд е поради налогот што Специјалното јавно обвинителство го добило од овој суд за претрес на домот на судијата, Владимир Панчевски, кој е поранешен претседател на скопскиот кривичен суд.


Манчевски: Контролата на прислушувањето е дел од реформите во судството и во УБК


Скопје, 28 септември, 2017 - 17:06 (META) 

Во четири различни приоритети од планот „3-6-9“ – Собрание, судски реформи, реформа во разузнавачките и безбедносните служби и борба против организираниот криминал и корупција, вклучени се мерки кои се однесуваат на следењето на комуникациите. Ова денеска го изјави  министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на промоцијата на студијата „Кон граѓанскиот паноптикон – Подобра рамнотежа меѓу заштитата на приватноста и потребата од следење на комуникациите“.

Манчевски се осврна на проблемот со масовното прислушувањето за кое е обвинета претходната власт и ги пренесе заложбите на новата Влада за воведување на силни заштитни механизми кои ќе спречат нелегално прислушување.

– Владата е свесна за огромната важност на соодветното нормирање на прашањата поврзани со следењето на комуникациите. Впрочем нема кој повеќе да биде, со оглед на тоа што ние бевме и главна цел на прислушувањето. И затоа, ми преставува особено задоволство што и граѓанските организации вложуваат значителни напори за надминување на предизвиците и отворените прашања поврзани со следењето на комуникациите – рече Манчевски.

Тој нагласи дека овие мерки ќе бидат и имплементирани како итен приоритет. Техничките способности за пресретнување на комуникациите, додаде Манчевски. ќе бидат под силна независна контрола, вклучително и судска контрола.

Инаку, Владата на седницата во вторникот, оваа недела одлучи да формира меѓуресорска работна група која ќе треба да подготви решение за реформа на системот на следење на комуникациите, врз основа на препораките од експертската група на Рајнхард Прибе, кое ќе обезбеди заштита на правата на граѓаните и заштита од злоупотреби на прислушувањето.