fbpx

Тевдовски: Внатрешната финансиска контрола ќе овозможи поефикасно трошење на парите

-

Преку обезбедување на сеопфатен систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, ќе се овозможи подобро управување со јавните средства, поголема отчетност и ефикасност во нивното трошење.

Ова денеска беше истакнато на конференција во Министерството за финансии, пред претставници на Европската комисија, ОЕЦД и СИГМА, на која беше презентирана „Политиката за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор“, односно стратегијата за идниот развој на јавната внатрешна финансиска контрола.

– Со секоја реформа вообичаено се поставува прашањето за користа од она што се презема. Во конкретниов случај, станува збор за неколку исклучително важни работи: поуспешно, поефикасно и поодговорно трошење на парите од буџетот на државно и на локално ниво; стратешко планирање на финансиите, поквалитетни контролни механизми, сузбивање евентуални неправилности во користењето на јавните финансии, зголемување на транспарентноста и отчетноста и тн. Покрај тоа, ќе зајакнат контролните активности во финансиското управување со што ќе се намали нивото на заостанати долгови и појавата на измама и корупција во јавните набавки – рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој посочи дека јавната внатрешна финансиска контрола е дел од идните преговори со ЕУ. Тоа поглавје, според искуството на некои од земјите од регионот, е меѓу посложените во однос на усогласување со меѓународните стандарди и најдобрите практики на ЕУ. Меѓутоа, истакна Тевдовски, нашата земја досега има спроведено неколку твининг проекти за јавната внатрешна финансиска контрола, така што тој очекува дека подготвено ќе ги дочекаме преговорите.

Од Европската комисија посочија дека реформите ќе обезбедат потранспарентно и отчетно носење на одлуки.

– Европската комисија ја поддржува „Политиката на јавна финанска внатрешна контрола на Република Северна Македонија“. Северна Македонија сега има сеопфатна национална стратегија како внатрешната контрола треба да се спроведува во јавната администрација. Претстојните реформи, без сомение, ќе придонесат за потранспарентно и отчетно носење на одлуките и поефикасно трошење на јавните пари – рече Рејмонд Хил, тим лидер за јавна внатрешна финансиска контрола во Генералниот директорат за буџет во Европската комисија.

Инаку, Министерството за финансии е клучното тело за спроведување на овој стратешки документ, но корисник на истиот е целиот јавен сектор. Од Европската комисија истакнаа дека сме прва земја во регионот која изработила ваква стратегија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Во Нежилово одржана работилница на која 12 млади изработија стрипови

Во село Нежилово, од 18 до 21 април беше организирана четиридневна едукативна стрип работилница, на која 12 млади таленти од различни градови кои цртаа стрипови. Потоа, заедно со нивниот...