Здружена акција на приватниот и јавниот сектор за побрза транзиција и замена на старите возила со електричини чија мисија на јаглерод диоксид е нула проценти, итно справување со нелегалните бизниси за отпад, како и промовирање на стандардот за пасивни куќи кој претставува највисок енергетски стандард и ја намалува потрошувачката на енергија за греење до неверојатни 90 проценти, се трите аспекти кои, согласно анализите ќе влијаат долгорочно на намалување на  загаденоста на воздухот, беше истакнато на денешната прес конференција на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК).

Потпретседателот на Сојузот, Александар Милошевски изјави дека согласно податоците на Меѓународната агенција за енергетика објавени лани, за една година бројот на електрични превозни средства на светско ниво пораснал рекордно на 3,1 милиони возила, а се предвидува до 2030 година да има раст од 125 до 220 милиони електрични возила во светот.

„Во нашата земја, интересот за ваков тип на автомобили е мал. Согласно податоците на Министерството за внатрешни работи до октомври 2018, на подрачјето на Скопје се регистрирани вкупно 48 електрични возила.Причините се повeќе но генерално, се цените на автомобилите кои не секој граѓанин може да си го дозволи, но и не доволно развиена инфраструктура и инсталирани полначи за овој тип автомобили, кои без станици за полнење можат да издржат околу 100 километри. За таа цел, потребна е заедничка акција на приватниот и јавниот сектор за стимулирање на набавка на ваков тип автомобили“, изјави Милошевски.

Тој додаде дека со новите измени во Законот за возила предвидено е воведување на субвенции за електрични и хибридни возила, дополнително се предлага по примерот на западно европските земји каде е зголемена нивната употреба, да се имплементира поддршка во субвенционирани батерии и делови за електричните возила како и да се разгледа можноста за бесплатна регистрација, бесплатни патарини и паркинзи кои би биле дпоплнителен стимул и поволност за секој оној кој ке се одлучи за ваква опција.

Дополнително направена е студија за оваа намена во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во која се предвидува до 2035 година, 40 проценти од возилата да бидат електрични и за 35 отсто да се намали емисијата на јаглероден двооксид од транспортот, преку стимулирање на ваквиот тип автомобили.

Според Милошовски, вториот аспект кој во голема мера ќе го намали загадувањето е итно справување со нелеганите бизниси за отпад, каде без дозвола се гори, не се следат никакви стандарди и не се знае каде се испуштаат непознати материи во воздухот и во почвата.

„Со употребата на новите технолигии особено со снимањето на теренот со помош на дронови институционално треба точно да се лоцираат можните диви отпади кои се големи загадувачи и кои на отворено неконтролирано палат отпад за понатаму да се превземат радикални чекори за нивно спречување. На тој начин лесно ќе се снимаат критичните точки и ќе се лоцира од каде доаѓа енормното загадување на воздухот. Дополнително потребно е итно постапување по дојави, бидејќи сето ова е и резултат на горење неразградливи и опасни материи по здравјето на граѓаните. Диви депонии и горење на штетни материи е заедничко за петте најзагадени градови во целиот свет, меѓу кои е и Скопје“, изјави Милошевки.