Родителите можат да контролираат што нивните деца гледаат на ТикТок

ТикТок
Круцијална година за ТикТок / фото: visuals на Unsplash

Платформата за кратки видеа, ТикТок (TikTok), воведе промени во апликацијата за да им овозможи поголема контрола на родителите врз приватноста на профилите на нивните деца и она што тие го прават додека се приклучени на апликацијата. Новите опции се дел од функцијата наречена „Семејно Поврзување“ (Family Pairing).

Поголемиот дел од промените се однесуваат на приватноста, па така, меѓу другото, родителите сега можат да одлучат кој сè може да да има пристап до прифилите на нивните деца и кој може да ги гледа видеата што тие ги објавуваат. Промените им овозможуваат на родителите и да им забранат пристап на децата до одредени корисници, видеа, хаштагови или песни за кои сметаат дека се несоодветни. За да постигнат контрола врз содржините, потребно е родителите прво да креираат свој профил на ТикТок и потоа да го поврзат со оној на децата. Откако ќе се поврзат двата профила, родителите ќе можат да ги контролираат поставките преку нивните сопствени телефони.

Ова е чекор напред во напорите на ТикТок за заштита на безбедноста на тинејџерите, откако платформата подолго време се соочува со реакции и поплаки од страна на родителите поради несоодветните содржини на кои децата можат да наидат на платформата.

ТикТок претходно плати 5,7 милиони американски долари за да ги разреши обвинувањата од Федералната комисија за трговија на САД дека го нарушил законот за приватност на децата.

Ова е само еден од судирите кои ТикТок ги има со властите во САД. Откако пред неколку месеци на нејзината матична компанија „БајтДенс“ (ByteDance) ѝ беше наложено да ги продаде своите американски филијали, администрацијата на претседателот во заминување Доналд Трамп сега ѝ даде нов краен рок за купопродажба на компанијата– 27 ноември. До тогаш се очекува да заврши збунувачкиот случај за купопродажба на ТикТок кој започна летово.

Претходно, федерален судија од сојузната држава Пенсилванија ја блокираше наредбата на Министерството за трговија на САД, според која ТикТок требаше да биде забранет од 12 ноември.