Укинати притворите на Темелко и Поповски


Скопје, 16 мај, 2018 - 16:13 (META) 

Основниот суд Скопје 1 им ги укина притворите на поранешниот началник во МВР, Оливер Поповски кој е обвинет за настаните од 27 април во Собранието, како и на градоначалникот на Општина Пустец, Едмонд Темелко, обвинет во предметот на СЈО „Титаник“.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по предлог на одбраната на Поповски, опфатен со обвинителниот акт поврзан со настаните во Собранието на Македонија, донесе решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката притвор со понудена гаранција во недвижен имот, со кое по правосилноста на решението и запишување на хипотеката од страна на Агенцијата за катастар, мерката притвор ќе се укине, а заради обезбедување присуство во текот на постапката на обвинетиот му се определуваат мерки за претпазилвост и тоа: Обврска на обвинетиот да се јавува еднаш неделно на одговорно службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, се вели во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.

Кривичниот совет го укина и куќниот притвор на Темелко обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО, по претходно барање на одбраната, а како гаранција е понуден недвижен имот.

Судот донел решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката куќен и го уважува предлогот на СЈО, со кој заради обезбедување присуство во текот на постапката, му се определуваат мерки за претпазливост и тоа, обвинетиот има обврска еднаш неделно да се јавува во Основен суд Ресен и привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.


Отворена предстечајна постапка за „Топлификација“


Скопје, 15 мај, 2018 - 15:07 (META) 

Основен суд Скопје 2 донесе одлука за претходна постапка за утврдување на условите за отворање стечај за „Топлификација АД Скопје“.

За привремен стечаен управник е назначен Ацо Дамчевски кој е задолжен од судот да го заштити имотот на „Топлфикација“ до донесувањето на одлуката за отпочнувањето на стечајната постапка, за да се избегне значително намалување на имотот, како и да утврди дали постои имот над кој може да се отвори стечајна постапка и да се обесштетат доверителите.

Според најавите, судската одлука за отворање на претходна постапка за утврдување на условите за отворање стечај за „Топлификација“, нема да ја ги остави граѓаните на Скопје без парно греење.

„Испораката на топлинска енергија ќе се одвива редовно и согласно планираните активности и во новата грејна сезона 2018/2019 година. Сите подготвки се во тек согласно редовниот оперативен план“, велат од БЕГ.

Судот закажа рочиште на 28 јуни 2018 година, а дотогаш издадена е општа забрана за располагање со имотот на должникот, се забрануваат исплати од сметка како и присилна наплата. Во одлуката на судот се вели дека против ова решение не е дозволена жалба.

„Топлификација“ е сопственик на топланите Исток, Запад и Кисела Вода, преку кои се обезбедува топлинска енергија за граѓаните на Скопје, а ги издава под наем на Производство на топлина – „Балкан енерџи“.

Барање за стечај поднесе еден од доверителите кои побарува долг од над еден милион евра од „Топлификација“, заради неможност подолг временски период за наплата на средствата. Според неофицијалните информации, се очекува и други доверители да поднесат барање за стечај.


Најмалку 10 луѓе загинаа во поплава предизвикана од пукање на брана во Кенија


Најроби, 10 мај, 2018 - 10:24 (META) 

Најмалку десет луѓе загинаа, а илјада останаа без домови поради пукање на брана во Кенија. Несреќата која ја предизвикале обилните дождови се случила во градот Солаи, 190 километри оддалечен од претстолнината Најроби.

„Водата одзеде животи и предизвика огромна штета на имотите. Обемот на штета треба да се утврди“, соопштија локалните власти.

Кенискиот огранок на Црвен крст извести дека до сега се спасени 39 лица.


Град Скопје ги потсетува граѓаните да го платат данокот на имот за 2016 година


Скопје, 29 јануари, 2018 - 18:18 (META) 

Секторот за финансиски прашања на Град Скопје ги известува сите правни и физички лица, кои што имаат неплатен данок на имот за 2016 година, итно да ја подмират својата обврска, информираат од оваа институција.

„Постапката за присилна наплата за данокот на имот за 2016 година е во тек и за да се избегне непотребното блокирање на трансакциските и жиро-сметките, апелираме и ги потсетуваме обврзниците да си ги проверат уплатите за 2016 година и доколку не ја платиле обврската, веднаш да ја подмират“, информираат од Град Скопје.


Јанева: Се повлековме од „Талир“ за да не влијаеме на политичката состојба


Скопје, 21 декември, 2017 - 14:38 (META) 

Специјалното јавно обвинителство го повлекло барањето за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир“ бидејќи не сакало да влијае на политичката состојба во државата, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

– Мислевме дека треба да одлучиме на поинаков начин во тој предмет бидејќи не сакавме да влијаеме на политичката состојба и бидејќи тоа барање во Основниот суд Скопје 1 можеме да го поднесеме во секое време. Тоа беше процесно барање што го поставивме, не беше тоа облигаторно, не мораше Врховниот суд да каже дека мора се замрзне имотот на политичката партија. Во овој момент сметаме дека добро напредуваме во таа истрага и во следните три-четири месеци сигурно ќе има епилог и од неа – рече Јанева, одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата на проектот „Набљудување на судски предмети од областа на организираниот криминал и корупција според новиот закон за кривичната постапка“, што се одржува во Скопје.

СЈО минатата недела со поднесок до Врховниот суд го повлече барањето за заштита на законитоста со кое бараа да се преиспита основаноста на одлуките на Кривичниот суд со кои беше одбиено нивното барање за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и централното седиште на партијата.

По поднесокот на СЈО, Врховниот суд одлучи да го се отфрли првичното барање за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО во рамки на истрагата за случајот „Талир“, која се однесува на незаконското финансирање на партијата, побара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Иако ова обвинителство не успеа да ја затвори истрагата до истекувањето на крајниот рок за покревање обвинение, од СЈО соопштија дека ќе продолжат да испитуваат како партијата се стекнала со толкав имот. Под истрага беа 11 лица, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски.


Владата на денешната седница донела одлуки поврзани со спроведување на планот „3-6-9“


Скопје, 9 август, 2017 - 17:35 (META) 

Владата денеска ја одржа 22. седница, на која биле донесени одлуки поврзани со спроведување на планот „3-6-9“, а се од интерес на локалната самоуправа и се однесуваат на енергетиката, информираат од владината прес-служба.

„На денешната седница, Владата ја донесе уредбата за методологија за распределба на приходите од данокот на додадена вредност (ДДВ) по општини за 2018 година. На седницата беше истакнато дека оваа уредба спаѓа во делот на оние документи кои се од особена важност за рамномерниот развој на општините, како дел од стратешките определби на Владата“, се вели во соопштението.

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата денеска ја разгледала и ја усвоила информацијата за потребата од подготвување стратегија за зајакнување на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, со акционен план за нејзино спроведување.

Владата ја разгледала и информацијата за решавање на проблемите во Јавното претпријатие за државни патишта и во „Македонија пат“, а биле разгледани и усвоени извештаи за работењето на повеќе јавни претпријатија.

На седницата било одлучено да се формираат работни групи за да се подготви нацрт-текст за нов закон за енергетика.


Кремљ планира да протера 30 американски дипломати и да заплени имот на САД


Москва, 11 јули, 2017 - 14:46 (META) 

Москва планира да протера околу 30 американски дипломати и да заплени неколку објекти во сопственост на САД во Русија, пишува весникот „Известија“.

Весникот, кој важи за близок до руските власти, се повикува на неименуван извор во руското МНР.

Како што се наведува во написот, ваквите мерки на Русија се последица на одлуката на Вашингтон да не врати имот на руската амбасада во Вашингтон, одземен во декември 2016 година.

Ова прашање остана нерешено и по состанокот на претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Хамбург.

„Известија“ наведува дека на средбата во Хамбург било отворено прашање, но станало очигледно дека САД немаат план за решавање на кризата во односите. Весникот наведува дека Русија планира да одговори реципрочно, односно да протера 30 службеници од американската дипломатска мисија и да воведе реципрочни сакнции кон американскиот имот во Русија.

Москва соопшти дека не сака да воведе вакви мерки, но дека не може да остане без одговор на непријателскиот акт на Вашингтон.

 


Лага е дека министерот Поповски не го доставил анкетниот лист, велат од Владата


Скопје, 2 јули, 2017 - 17:56 (META) 

Лажна е информацијата изнесена на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со анкетниот лист на министерот Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и за транспарентност, реагираше Владата.

„Ја информираме јавноста дека министерот Поповски достави анкетен лист до Државната комисија за спречување корупција и до Управата за јавни приходи на 28 јуни 2017 година, а за тоа приложуваме писмен доказ од приемот на документот во архива“, стои во соопштението на службата за односи со јавноста на Владата, во кое се додава дека „транспаретноста и отчетноста се едни од основите приоритети на Владата“ и дека „навиките на претходната влада се минато коe нема да се повтори“.

Светлана Колариќ, денеска на прес-конфереција во име на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека министрите на СДСМ во Владата го кријат своето богатство, посочувајќи дека министрите Роберт Поповски и Самка Ибраимовски сè уште немаат поднесено анкетни листови за својот имот.

Од Владата засега нема информација дали и министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Македонија, Самка Ибраимовски, го пополнил и го доставил анкетниот лист за својата имотна состојба.


СЈО бара од Врховниот суд да пресече за замрзнувањето на имотот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 16 јуни, 2017 - 12:32 (META) 

Специјалното јавно обвинителство преку барање за заштита на законитоста испратено до Врховниот суд, ја оспори одлуката на Кривичниот суд, кој одби да замрзне дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ, за кој, според СЈО, постојат сомневања дека е стекнат на криминален начин.

Неофицијално, станува збор за зградата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, која е дел од имотот што СЈО бара да биде привермено одземен во рамките на случајот „Талир“, во кој високи функционери на партијата, меѓу кои и лидерот Никола Груевски, се товарат за незаконско финансирање на партијата и за перење пари.

Од СЈО денеска соопштија дека со барањето за заштита на законитоста се бара Врховниот суд да утврди „дека е незаконито решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, со кое е одбиено нивното барање за обезбедување на дел од имотот на една политичка партија“.

Инаку, СЈО на 22 мај оваа година поднесе барање на партијата привремено да ѝ биде одземен имот, односно судот да донесе мерка за забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање хипотека поради основано сомневање дека потекнува од кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување.

Но, и судијата на претходна постапка и Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го одбија барањето.

„Причините за поднесување на барањето за заштита на законитоста се во фактот што во конкретниот случај се исполнети сите законски претпоставки за обезбедување на имотот што потекнува од кривичното дело, а воедно на првостепениот суд му беше приложен и обемен доказен материјал, проследен со финансиски анализи, кои го поткрeпуваат барањето за обезбедување на имотот. Со барањето за заштита на законитоста, укажано е на неопходноста од толкување на Законот за финансирање на политичките партии во согласност со меѓународните стандарди, врз основа на кои овој закон е донесен, и на околноста дека рестриктивното толкување на првостепениот суд на споменатиот закон е во спротивност и со заложбите за спречување на корупцијата како неопходен услов за градење демократско општество и почитување на принципот на владеењето на правото“, стои во соопштението на СЈО.


Словенечкото обвинителство поднесе тужба против Јанша и бара да му се одземат 400.000 евра


Љубљана, 20 април, 2017 - 12:32 (META) 

Словенечкото Специјално државно обвинителство поднесе тужба против лидерот на опозицијата, Јанез Јанша, и побара да му се одземе незаконски стекнатиот имот во вредност од 400.000 евра, јавија словенечките медиуми.

Во соопштението на обвинителството не се наведува идентитетот на Јанша, но весникот „Дело“ наведува дека нема сомнежи дека станува збор за претседателот на Словенечката демократска партија (СДП), пратеник во парламентот и некогашен премиер.

Тужбата е поднесена по финансиската истрага почната во 2013 година, во која се испитувало потеклото на имотот на Јанша, на неговата сопруга Уршка, нејзината роднина Наташа Пајенк, која управувала со нивните сметки, неговиот брат Рајко Јанша и на некогашниот секретар на партијата, Јоже Загожен, кој во меѓувреме почина.

Обвинителството одлучило да го тужи Јанша, кај кого во период за кој се однесува истрагата, од 2010 до 2013 година, е утврдена разлика меѓу пријавениот и стекнатиот имот во финансиски средства и во недвижности од 395.388 евра.