фото: АСО
фото: АСО

Вредноста и бројот на продадени полиси за осигурување на имот расте пет години во контиунитет, а минатата година, во услови на пандемија, зголемено е осигурувањето на имот кај: домаќинствата, компаниите, земјоделците и кај државниот сектор. Вкупната продажба на полиси за ова осигурување лани достигна 1,86 милијарди денари или 30,26 милиони евра, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Вредноста на полисите била поголема за 5 отсто или за 1,43 милиони евра, во споредба со 2019 година.

Осигурителните компании, за полиси за осигурување имот лани исплатиле за штети 10,2 милиони евра, што е за 30 отсто повеќе од претходната година. За штети од пожари и други природни непогоди биле надоместени 191 милиони денари или 3,1 милион евра, додека кај останатите имотни осигурувања се исплатени 439 милиони денари или 7,1 милион евра.

Граѓаните лани во осигурителни полиси вложиле вкупно 507,4 милиони денари, 8,25 милиони евра, а приватни компании и државните институции платиле 1,35 милијарди денари, 22,01 милиони евра. Најголемо учество во вкупната вредност имаат осигурувањата на градби и нивната содржина, 13,3 милиони евра, и на земјоделските осигурувања, 7,84 милиони евра. Ова осигурувањето на имот пораснало за 7 отсто во однос на 2019 година и лани надминало 17,76 милиони евра, што пред сè се должи на градежната експанзија во урбаните средини.