фото : АСО
фото: АСО

Граѓани, компании и институции од пријавени штети лани наплатиле вкупно 4 милијарди денари (65,1 милиони евра) што е на исто ниво како и во 2019 година. Од тоа, за штети по полиси за неживотно осигурување се исплатени 58 милиони евра, а исплатите на штети по основ на осигурување на живот изнесуваат 7,1 милион евра.

Најголемата исплатена бруто штета од осигурување лани изнесувала 382.000 евра, на правно лице за имот кој бил осигуруван во „Осигурување Македонија“. Најголемата исплатена сума за штета од каско изнесува 94.000 евра, а за покритие од зелен картон е платено обештетување од 221.000 евра, соопштуваат од Агенцијата за супервизија на осигурување, АСО.

Втор највисок износ за обештетување е исплатен за осигурување имот од пожар. Станува збор за правно лице кое имало осигурување во „Уника“ за чие покритие оваа компанија исплатила 282.000 евра.

Највисок знос за штета од задолжителната автомобилска одговорност лани исплатила „Сава Осигурување“, во износ од 219.500 евра. Речиси ист износ исплатило „Триглав осигурување“ за штета покриена со зелен картон. Најголемата штета од пожар на имот исплатена е од „Еуролинк“ и изнесува 150.000 евра. „Винер“ , пак, за покривање на штета врз имот лани на клиент иплатил 149.000 евра. За каско осигурување најголема штета лани исплатила „Кроација осигурување“, 94.000 евра.

Од најголемите поединечни исплатени штети (за секоја од 11 компании за осигурување неживот) пет биле за исплата на задолжителна автомобилска одговорност, четири се за осигурување имот, а по една штета за каско осигурување моторно возило и зелен картон.