Арсовска на Самитот на „Економист“: Услов за инвестиции е владеење на правото


Белград, 5 октомври, 2018 - 14:05 (META) 

Бизнис-делегација на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), предводена од претседателката Данела Арсовска е во Белград, на дводневниот 7. Самит: ЕУ и Југоисточна Европа – Одржлива обнова на Балканот, кој е во организација на реномираниот лондонски магазин „Економист“ (The Economist).

Самитот го отворија премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и вицепремиерот Ивица Дачиќ, додека претставници на НАТО, Европската комисија, влади на земјите на Југоисточна Европа, министри, амбасадори, директори на меѓународните финансиски организации, дискутираат на најактуелните теми во моментов за Балканот.

Акцент на овогодишниот Самит е подобрување на економската и регионална соработка, проширување на ЕУ и Западен Балкан, деловна клима, дигитализација, енергетска ефикасност, развој на услови за економски развој на регионот.

– Воспоставувањето на заеднички регионален пазар од над 20 милиони ќе го направи регионот поконкурентен, но и секоја од државите поединечно. Обединет пазар значи нови работни места, намалување на трошоците, побрз проток на стоки и луѓе и повеќе инвеститори во Западен Балкан. Од друга страна довербата на инвеститорите е поткопана, што е уште еден голем предизвик за нашите земји. Сите се соочуваме со истите предизвици кои се и дел од барањата на Европската унија кои мора да се регулираат, а тоа се проблемите со владеење на правото, корупцијата и нетранспарентна и брза промена на легислативата. Справувањето со овуе клучни предизвици е услов за подобрување на деловната и инвестициската клима – истакна Арсовска во своето обраќање и додаде дека неопходно е поголемо искористување на расположливите фондови со цел да се изгради силна економска мрежа како единствен пазар кој ќе го зајакне регионот и ќе го приближи до ЕУ.

Овој Самит е еден од клучните настани во организација на „Економист“ како светски бренд, кој годишно организира настани на ниво на светските лидери кои дискутираат за стратешки политички и економски прашања. Минатата година Самитот на ЕУ и Југоисточна Европа се одржа во Подгорица, а претходно во Виена, Букурешт и други европски центри.


„Економист“: Виена е најдобриот град за живеење во светот


Лондон, 14 август, 2018 - 10:20 (META) 

Главниот град на Австрија, Виена, е најдобар за живот, покажа анализата на „Економист интелиџенс јунит“ (дел од групацијата „Економист“).

Ова е првпат европски град да биде на врвот на оваа листа, на која седум години по ред „владееше“ Мелбурн.

За листата од 140 градови во светот биле анализирани повеќе фактори, како политичката и социјалната стабилност, стапката на криминал, образованието и здравствената заштита.
Според Роксана Славчева, раководител на истражувањето, во последните 365 дена безбедноста се засилила во неколку градови во Западна Европа, а искачувањето на Виена на листата ја одразува „релативната стабилност во најголемиот дел на Европа“.

Според годишниот извештај на истражувачките служби на „Економист“, меѓу првите десет градови најпогодни за живот, покрај Виена и Мелбурн, се и Осака, Калгари, Сиднеј, Ванкувер, Токио, Торонто, Копенхаген и Аделаида.

Според „Економист“ најнепогоден град за живот е од војна разорениот Дамаск во Сирија. Меѓу десетте најлоши градови за живот се и Дака, Лагос, Карачи, Порт Моресбај, Хараре, Триполи, Дуала, Алжир и Дакар.


Путин на насловната страница на „Економист“ претставен како цар


Лондон, 27 октомври, 2017 - 10:48 (META) 

Следниот број на влијателниот британски магазин „Економист“, чија што главна тема е стогодишнината од Октомвриската револуција, ќе излезе со Владимир Путин на насловната страница.

Еден век по падот на царството и поставувањето на темелите за формирање на Советскиот Сојуз, „Економист“ го претставува рускиот претседател како цар.

„Додека светот ја одбележува стогодишнина од Октомвриската револуција, Русија повторно е под владеење на цар“, пишува на твитер-профилот на „Економист“, кој го најавува новото издание.

На фотографијата, претседателот на Русија е претставен во униформа, накитена со ордени, а насловот е „Се роди цар“.


СДСМ: И „Економист“ предупредува дека Македонија е на пат кон авторитарен режим


Скопје, 5 април, 2017 - 17:11 (META) 

„Македонија е на пат да стане авторитарен режим со власта во заминување на Никола Груевски, од каде што почнале проблемите. По организацијата „Фридом хаус“, ваква оценка стига и од светски почитуваниот медиум „Економист интелеџенс јунит“ (Economist Intelligence Unit)“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека „во 2006 година кога Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт, Македонија била рангирана како демократска земја со некакви недостатоци, а десет години подоцна, во 2016, „Економист“ ја рангира Македонија во хибриден режим“.

„Македонија бележи пад во сите категории на функционално демократско владеење и граѓански слободи. Најниско стои на полето на функционалност на власта и политичка култура. Дури и Уганда и Танзанија се подобри од Македонија по овие параметри. Под хибриден режим „Економист“ подразбира земји каде што постојат изборни неправилности, владата прави притисоци на политичките опоненти, нема независно судство, распространета е корупцијата, има притисоци врз медиумите, нема владеење на правото, има неразвиена политичка култура и постојат проблеми во севкупното владеење“, се додава во соопштението на СДСМ.


„Економист – Светот во 2016“ излезе на македонски јазик


Скопје, 18 декември, 2015 - 12:05 (META) 

Специјалното издание на британскиот економиски магазин „Економист – Светот во 2016“, излезе на македонски јазик. Изданието е испечатено во 16.000 примероци, а дел од нив ќе се продаваат по 150 денари во следните шест месеци.

Од издавачката куќа „Колор медија“, која го испечати ова издание, изјавија дека преведена е само оваа специјална едиција и нема да ги преведуваат нивните неделни изданија бидејќи тоа е прескапо за македонскиот пазар.

Македонското издание „Светот во 2016“ содржи само прведени текстови кои се однесуваат на предвидувањата за следната година на политички и на економски план, како и рекламни текстови на македонските компании.

Предлогот на издавачката куќа во македонското издание да има и текстови од македонски автори било одбиено од „Економист“.


Груевски не го чита „Економист“: Најсиромашните најбрзо напредуваат на листата „Дуинг бизнис“


Скопје, 29 октомври, 2015 - 11:28 (META) 

Премиерот Никола Груевски, на прес-конференција, извештајот „Дуинг бизнис“ го нарече „нов и значаен успех за државата“ и рече дека тој „потврдува дека сме лидери за водење бизнис во регионот, во Европа и во светот“. Според премиерот, успехот на Македонија во извештајот „се должи на спроведување на реформите за подобри услови за работа на приватниот сектор, за подобрување на бизнис-климата, животниот стандард, за креирање работни места“.

Наспроти изјавите на Груевски, пред еден месец, угледниот неделник „Економист“ даде сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци, односно дека поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

Јазот меѓу рангирањето на листата на „Дуинг бизнис“ и просечниот приход е многу голем, како што се случува во Македонија, или, на пример, Руанда, пишуваше неделникот.

За споредба, еве ги еден до друг изјавите на Груевски и анализата на „Економист“:

Што кажа Груевски за „Дуинг бизнис“:

Што напиша „Економист“ за „Дуинг бизнис“:

Рангирањето на Македонија на високо 12. место во извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) е нов и значаен успех за државата, смета премиерот Никола Груевски.

Тој истакна дека поради добрата бизнис-клима и непречените услови за водење бизнис, извештајот ја рангирал Македонија на 6. место за водење бизнис, каде што во конкуренција се најразвиените земји во Европа.

– Ова потврдува дека сме лидери во регионот, во Европа и во светот. Се наоѓаме пред етаблирани економии и развиени земји. Пред 24 земји-членки на ЕУ и далеку пред земјите во регионот. Високиот ранг е резултат на сработеното – изјави Груевски.

Колку за споредба, тој истакна дека на листата пред 10 години сме биле на 94. место, а денешниот успех се должи на спроведување на реформите за подобри услови за работа на приватниот сектор, за подобрување на бизнис-климата, животниот стандард, за креирање работни места.

Груевски истакна дека Владата макотрпно работела на изградба на современи институции, донесување модерна регулатива, законско намалување на бирократијата и на поедноставување на процедурите.

– Македонија е втора земја по Нов Зеланд каде што е најлесно да се отвори фирма. За два часа, со една постапка и не е потребен капитал и нотарска заверка на документите – додаде тој.

Премиерот зборуваше и за повластените стапки на ДДВ на голем број услуги, задржување на најниските даноци и за време на економска криза.

– Порано 43,5 проценти од профитот одеше за данок, а сега таа стапка е четирипати пониска. На тој начин остануваат повеќе ликвидни средства за компаниите кои подобро знаат да ги искористат од државата – изјави Груевски.

Процедурите за увоз и за извоз, исто така, според премиерот, се олеснети, а тоа е резултат на континуираните реформи во царината и на поевтинувањето на царинските услуги, скратување на царинските постапки.

Премиерот истакна дека потврдата доаѓа од релевантна институција која имала директна соработка со домашните компании, консултанти и институции, кои ја мереле состојбата на терен.

Извештајот, според премиерот, е добар сигнал за инвеститорите кои го сметаат за релевантен при носење одлуки за инвестиции.

Угледниот меѓународен неделник „Економист“ со седиште во Лондон, со неделен тираж од 1,5 милиони примероци на седум континенти, дава сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) на Светската банка, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци.

Имено, поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

За да добијат поповолно место на листата, овие држави се склони кон странски директни инвестиции или помош, што, доколку стане цел на политиката на една влада, не е сигурен начин за водењето на националната економијата.

Притоа, како што пишува „Економист“, не се земаат предвид важни елементи на бизнис-климата, како што се безбедност, корупција, големина на пазарот, финансиска стабилност, инфраструктура и знаење.

Македонија, според „Дуинг бизнис“, е помеѓу највисоко рангираните земји во леснотијата на водење бизнис, подобрувајќи го рангирањето од 31. место минатата година (пресметано според новата методологија) на 30. место во последниот извештај, објавен на 29 октомври 2014 година.

„Показателите за мерење“ за оваа листа се нецелосни. Слабоста на извештајот, според „Економист“, се гледа и во тоа што за него не се анкетирани бизнисмените.
Сиромашните земји имаат тенденција да имаат повеќе правила, но пречка е што голем дел од нив не можат да се спроведат. А, токму донесувањето регулатива и закони во согласност со европските, најчесто е главниот критериум според кој „Дуинг бизнис“ ги рангира државите.

– Кога строги правила се спроведуваат од страна на слаба држава, фирмите на кои се однесуваат ќе најдат начин како да избегаат од црвената линија – оценува „Економист“.

Јазот меѓу рангирањето на листата на „Дуинг бизнис“ и просечниот приход е многу голем, како што се случува во Македонија, или, на пример, Руанда.

Руанда е рангирана десет места погоре од Италија и покрај тоа што е една од најсиромашните земји во светот.

 


„Економист“: Рангирањето на „Дуинг бизнис“ е нереално и нецелосно!


Лондон, 28 септември, 2015 - 20:28 (META) 

Угледниот меѓународен неделник „Економист“ со седиште во Лондон, со неделен тираж од 1,5 милиони примероци на седум континенти, дава сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) на Светската банка, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци.

Имено, поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

За да добијат поповолно место на листата, овие држави се склони кон странски директни инвестиции или помош, што, доколку стане цел на политиката на една влада, не е сигурен начин за водењето на националната економијата.

Притоа, како што пишува „Економист“, не се земаат предвид важни елементи на бизнис-климата, како што се безбедност, корупција, големина на пазарот, финансиска стабилност, инфраструктура и знаење.

Svetska banka grafikon

Графиконот ја истакнува контроверзата според која редица сиромашни земји се високо рангирани на листата

Македонија, според „Дуинг бизнис“, е помеѓу највисоко рангираните земји во леснотијата на водење бизнис, подобрувајќи го рангирањето од 31. место минатата година (пресметано според новата методологија) на 30.а место во последниот извештај, објавен на 29 октомври 2014 година.

„Показателите за мерење“ за оваа листа, се речиси нецелосни. Слабоста на извештајот, според „Економист“ се гледа и во тоа што за него не се анкетирани бизнисмените.
Сиромашните земји имаат тенденција да имаат повеќе правила, но пречка е што голем дел од нив не можат да се спроведат. А, токму донесувањето регулатива и закони во согласност со европските, најчесто е главниот критериум според кој „Дуинг бизнис“ ги рангира државите.

– Кога строги правила се спроведуваат од страна на слаба држава, фирмите на кои се однесуваат ќе најдат начин како да избегаат од црвената линија – оценува „Економист“.

Јазот меѓу рангирањето на листата на „Дуинг бизнис“ и просечниот приход е многу голем, како што се случува во Македонија, или, на пример, Руанда.

Руанда е рангирана десет места погоре од Италија и покрај тоа што е една од најсиромашните земји во светот.