fbpx

Иако економијата заздравува можен е понатамошен раст на цените, предупреди Заев

-

И покрај видливите знаци за оптимизам за блиска иднина, во последно време Европа, а и целиот свет ги зафаќа страв од инфлација, којашто е резултат на структурни и слични поместувања во пост-ковид периодот, но и високата и нестабилна цена на електричната енергија, истакна во своето обраќање премиерот Зоран Заев на отворањето на Самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист“ (The Economist).

„Таквите движења може да бидат „увезени“ и во Северна Македонија. Ние сме на отворен пазар. Владата е посветена на водење координирана монетарна и фискална политика и останува да биде присутна за интервенирање во случај на евентуални ценовни шокови,“ рече Заев и додаде дека, сепак, масовната имунизација и закрепнувањето на глобалната економија веќе имаат позитивно влијание врз побарувачката за македонскиот извоз.

„Само во третиот квартал извозот изнесува 696 милиони евра, што е највисоко ниво во истиот период во последните четири години. Дополнително, во периодот од јануари-септември оваа година, извозната активност во индустриските зони достигна 2 милијарди и 234 милиони евра, што е за 39 проценти повеќе од истиот период во 2020 година. Во однос на 2019 година порастот изнесува повеќе од 9 проценти, односно 26,6 проценти споредено со 2018.Нашите очекувања се дека тој тренд ќе продолжи до крајот на годината, со што, според проценките, извозот може да достигне скоро 3 милијарди евра на годишно ниво, што ќе биде рекордно ниво досега,“ истакна Заев.

Тој додаде дека новите инвестиции ја зголемуваат економската активност во државата, кризата одминува и економијата постојано заздравува, се стабилизира и ветува пораст во блиска иднина.

„Имено, благодарејќи на растот од 5,6 проценти во првото полугодие, односно 13,1 проценти само во вториот квартал од оваа година, неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 проценти. Нашите проекции за оваа година се дека растот може да надмине 4,1 процент, со очекувања дека извозот ќе забележи раст од 10,6 проценти, а бруто-инвестициите раст од 8 проценти,“ додаде Заев.

Премиерот се осврна и на фокусот на Владата, кој, како што истакна, е насочен кон енергетика, дигитализација и инвестиции во напредни технологии, како и развој на сите сектори и индустриски гранки.

„Инвестирањето во Северна Македонија е исплатлив деловен потфат. Се планира поддршка и на таканаречените „зелени инвестиции“, на дигитализацијата, а посебно на зајакнувањето на здравствениот и образовниот систем, како основи за развој на човечкиот капитал,“ додаде Заев.

Тема на Самитот е „Унапредување на европската инклузивност и солидарност“, а на првиот, премиерски панел на тема „Западниот Балкан во пост-ковид светот: Кој е вистинскиот пат до стабилност и просперитет?“, покрај премиерот Заев со свои излагања говорат и премиерот на Република Косово Албин Курти, вицепремиерот на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ, и вицепремиерот на Република Албанија Арбен Ахметај.

На Самитот на засебни панел сесии ќе учествуваат и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министрите за економија Крешник Бектеши, за финансии Фатмир Бесими, за надворешни работи Бујар Османи, како и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

На Самитот во организација на лондонски „Економист“ е предвидено да говорат високи претставници од светската, европската и регионалната политика, од меѓународните финансиски институции и компании, владин и невладин сектор и академската сфера, како што се актуелниот заменик-помошник на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар, актуелниот претседател на Трансатлантскиот центар при Германскиот Маршалов Фонд на САД, Јан Лесер, шефот на одделот за Адриатик при Европската инвестициска банка, Матео Ривелини, поранешниот заменик-државен секретар на САД, Џон Негропонте, поранешниот германски вицеканцелар и министер за надворешни работи, Јошка Фишер, и други гости.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЗНМ: Претставка до ДИК за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Мета.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката...