fbpx

Македонија на 78 место на Глобалниот индекс на демократија на „Економист“

-

Пред Босна и Херцеговина и Црна Гора, а позади Србија и Албанија се наоѓа Македонија на Глобалниот индекс на демократија за 2020 година, што го објави списанието „Економист“. Земјава на најновото рангирање се најде на 78-то место со скор од 5,89, што ја вбројува земјава во групата на т.н. хибридни режими. Позади нас, Босна и Херцеговина е рангирана на 101 место, додека Црна Гора се наоѓа на 81 место на глобалната листа.

Подобро рангирани од Македонија се Србија на 66-то место, додека Албанија се наоѓа на 71 место. Највисоко рангирани на меѓународно ниво се Норвешка, Исланд и Шведска, додека Северна Кореја го зазема последното 167 место на Глобалниот индекс на демократија.

Списанието „Економист“ ја оквалификуваше 2020 како многу лоша година за глобалната демократија во светот, како последица на ковид-19 пандемијата, која лани предизвикала уназадување на демократските слободи ширум светот.

На домашната политичка сцена пак, политичките партии денеска не испуштија меѓусебно да се препукуваат за рангирањето на земјава на Глобалниот индекс на демократија за 2020 година.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека „Економист“ рекол оти Македонија е хибриден режим и е убедливо закована на дното. Тој додаде дека според параметрите на „Транспаренси Интернешнл“, фондацијата „Херитиџ“ и „Економист“ нема да има инвестиции во земјава, бидејќи никој не сакал да инвестира во држава која што е корумпирана и во која владее хибриден режим.

Наспроти ваквите квалификации од опозициската партија, од СДСМ велат дека извештајот на Економист нотира пофалби за успешно спроведените избори во време на пандемија, додека негативните моменти во него се последица на рестрикциите заради пандемијата и неодговорното однесување на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во преодната Влада лани.

„Две години по ред државата бележеше напредок на Индексот откако претходно 10 години по ред вртоглаво паѓаше, а за 2020 се воочени благи негативни моменти кои се должат на две причини, односно поради рестрикциите кои секако беа неопходни во време на пандемија и здравствена криза, како и поради недостиг на напредок во политичката култура, што главно се должи на лажни вести, на политички радикализам, самовластие и неказнивост за кои што има и јавно познати виновници“, велат од владејачката партија СДСМ.

Социјалдемократите додаваат дека по подолг период, во 2018  и 2019 година, рангирањето на Северна Македонија на Индексот на демократија на Економист било подобрено, откако претходно 10 години имало стагнација и пад, а земјава била квалификувана како „хибриден режим“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...