fbpx

Димитров: Софија да преземе одговорност, крајно време е за почеток на пристапните преговори

-

Доколку проширувањето се изземе од односите меѓу Европската Унија и регионот, тогаш на сцена доаѓаат други алтернативи какви што имавме во 90тите години, кои не носат мир, просперитет и стабилност, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров кој вчера беше говорник на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“, а во рамки на вториот по ред Самит на Западен Балкан што се одржува во Скопје во организација на лондонски „Економист“

Главниот фокус на дискусијата беше ставен на важноста на зајакнување на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан преку кредибилна политика за проширување на ЕУ со земјите од регионот, како прашање што е од клучна важност за иднината на Европа.

„За враќање на надежта на граѓаните дека европската иднина е остварлива, покрај политичко ветување потребен е и конкретен исчекор. Комплетирана Европска Унија со земјите од регионот значи подобра и посилна Унија, ние сме дел од европската куќа. Мораме да работиме на надминување на економскиот јаз и да најдеме механизам да го одржуваме процесот на трансформација,“ рече Димитров.

Тој додаде дека за европското досие на Северна Македонија има согласност од сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија поради што повика на одговорност и лидерство.

„Во однос на Северна Македонија, постои согласност од сите земји членки на ЕУ дека условите за почеток на пристапни преговори се исполнети и немаат никакви дилеми дека е крајно време тоа да се оствари – дури и од оние кои се најстриктни во тој поглед. Затоа е потребно Бугарија да преземе одговорност и да покаже лидерство за градење на заедничката иднина. Треба да постигнеме прифатливо решение во согласност со европските стандарди и вредности, кое ќе го почитува достоинството на македонските граѓани. Да се биде земја членка на ЕУ не подразбира дозвола за поставување секакви услови – тие мора да се согласно европските вредности, ако зборуваме за пристапниот процес,“ додаде Димитров.

На панелот учествуваа и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу – актуелен претседател на Социјалистичката интернационала, поранешниот германски вицеканцелар и министер за надворешни работи Јошка Фишер и амбасадорот на Европска Унија во Македонија, Дејвид Гир.

Јоргос Папандреу истакна дека земјите од регионот секогаш делеле заедничка заложба за градење просперитетна иднина, мир и стабилност и токму европската перспектива е рамката за остварување на оваа визија.

На овие ставови се надоврза и поранешниот вицеканцелар Фишер којшто подвлече дека овој регион природно припаѓа на Европа и неговата иднина е во Европската Унија.

ЕУ амбасадорот Гир нагласи дека на минатонеделниот Самит ЕУ – Западен Балкан бил испратен јасен политички сигнал за европската иднина на регионот во Европската Унија преку проширувањето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нема решение за повеќе од 75 oтсто од вработените постари од 46 години во јавните претпријатија

Во земјава се регистрирани 159 јавни претпријатија кои се формирани од различни нивоа на власт, Собранието, Владата, општините и град Скопје. Најголем број, 143, се основани од град Скопје...