fbpx

Заев: Ако не добиеме датум за преговори, ЕУ ќе го казни најдобриот пример во Европа

-

Доколку Европскиот совет не одлучи позитивно и не даде почеток на преговори со Северна Македонија ќе го казни најдобриот пример од државите во регионот, рече премиерот Зоран Заев на дискусијата на Самитот за Западен Балкан во организација на угледниот магазин „Економист“, што се одржува во Скопје.

Претходно во своето обраќање на конференцијата, тој рече дека Македонија очекува добра вест за доделување на статус за преговори, но сепак со доза на страв.

-Очекување на добра вест нè држи во состојба на исчекување, доза на страв и воедно надеж. За мојата земја, Договорот од Преспа заедно со договорот за добрососедство со Бугарија ги отвори вратите кон постигнување на стратешките цели: членство во НАТО и ЕУ. Република Северна Македонија ја доби добрата вест дека ќе биде триесеттата членка на НАТО набргу. Верувам дека добрата вест за отпочнување на преговори со ЕУ ќе влијае позитивно на цел регион. Ќе биде испратена порака дека Западниот Балкан е интегрален дел од Европа. Ќе биде препознаен напредокот на реформите и вложувањето во решавање на горливи проблеми. Ќе ги охрабри земјите да покажат политичка храброст за надминување на нивните проблеми – рече премиерот Заев во обраќањето, во кое особено внимание посвети и на економијата.

– Во неколку наврати изминатите две и пол години можев да соопштувам и добри економски вести. Самото решавање на политичките проблеми овозможи да зборуваме со ентузијазам и со бројки за подобрување на економијата. Ние ја прогласивме 2019 за година на економијата за Република Северна Македонија, и истото ќе продолжи во 2020 година. Уште во 2018 година видовме економски напредок, затоа што го достигнавме највисокото ниво на странски директни инвестиции во изминатите десет години – 624 милиони евра. Индустриското производство во државата се зголеми за 8% откако оваа Влада стапи на власт, и продолжува да расте. Успеавме да ја намалиме невработеноста и таа во моментов е на историски на 17.5% со индикација дека ќе оди надолу. Растот на бруто-домашниот производ во првата половина од годината е 3,6% и очекуваме негово зголемување годинава – рече Заев во обраќањето на конференцијата на „Економист“, на која присуствува и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, во чиј мандат беше потпишан Преспанскиот договор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти  Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...