МНР го осуди палењето на македонското знаме на Косово


СКопје, 3 ноември, 2017 - 13:01 (META) 

Mинистерството за надворешни работа денеска го осуди палењето на македонското знаме во Гњилане и во Пеќ, како реакција откако судот ги изрече пресудите за случајот „Диво Насеље“.

„Министерството за надворешни работи изразува жалење и осуда на вчерашниот чин на палење на македонското знаме од страна на припадници на навивачки групи во Пеќ и во Гњилане, Република Косово. Очекуваме дека надлежните косовски служби ќе преземат активности за утврдување на одговорноста на сторителите“, стои во реакцијата од македонското МНР.

Српската државна телевизија РТС вчера објави снимки на кои се гледа како жители на косовските градови Гњилане и Пеќ палат македонски знамиња поради одлуката на скопскиот Кривичен суд да осуди осуммина обвинети на доживотни казни затвор.

Ова не е прв случај на палење на македонското знаме во Косово. Вакви инциденти беа забележани и по изрекувањето на казните за случајот „Монструм“, по објавувањето на енциклопедијата на МАНУ, како и по настаните во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година.


Доживотна казна затвор доби уште еден обвинет за „Диво Насеље“


Скопје, 3 ноември, 2017 - 12:26 (META) 

Кривичниот суд во Скопје денеска го осуди на доживотна казна затвор и Сулејман Османи од селото Брест, обвинет во случајот „Диво Насеље“, кому му се судеше во одвоена постапка.

Со денешната пресуда, вкупно осум обвинети добија доживотни затворски казни за настаните од 9 и 10 мај 2015 година во Куманово. Османи, како и другите обвинети, е осуден за тероризам и за терористичка организација.

Тој, како што пренесува порталот „МКД“, со ракоплескање ја дочекал пресудата и се обратил со зборовите „Да живее УЧК, вие со оваа казна осудивте седум милиони Албанци“.

Судот во краткото образложение навел дека доказите потврдиле дека обвинетиот ги сторил кривичните дела тероризам и терористичка организација. Османи во текот на постапката не го призна делото.

Тој беше уапсен во акцијата во Диво Насеље, но следниот ден успеа да им побегне на македонските полицајци додека им го пакажувал местото каде било скриено оружјето украдено од караулата Гошинце, кон крајот на април 2015 година. Османи во јули истата година беше уапсен во Косово и екстрадиран во земјава.

Кривичниот суд вчера ги соопшти пресудите за 37 обвинети за настаните во Диво Насеље. Седуммина обвинети добија доживотни затворски казни, 26 беа осудени на затворски казни од 12 до 40 години, а четири лица беа ослободени од обвиненијата.


Во Косово запалени македонски знамиња поради затворските казни за „Диво Насеље“


Гњилане, 3 ноември, 2017 - 9:48 (META) 

Во знак на протест поради одлуката на скопскиот Кривичен суд за казните во случајот „Диво Насеље“, синоќа во косовските градови Гњилане и Пеќ јавно биле запалени македонски знамиња, пренесоа српските медиуми.

„Поради револт за неправдата сторена против нашите херои од словенската марионетска држава, го запаливме вечерва нивното знаме, тука пред споменикот на легендарниот Агим Рамадани – Катана во Гњилане. Ги повикуваме сите албански државници да се спротивстават на ова и да го заштитат албанскиот народ во Илирија. Албанија ќе го стори тоа“, порачаа од навивачката група „Соколи“ во Гњилане.

Кривичниот суд во Скопје вчера им изрече седум доживотни казни затвор, 13 казни по 40 години затвор, шест по 20 години, една од 18 години, две од 14, две од 13, две по 12 години затвор и четири ослободителни пресуди на обвинетите за настаните во кумановското Диво Насеље во мај 2015 година, во кои загинаа осуммина припадници на македонските безбедносни сили.

Ова не е првпат македонското државно знаме да биде запалено во Косово.

Македонското знаме беше запалено пред македонската амбасада во Приштина за време на протестите по пресудата за случајот „Монструм“, на почетокот на јули 2014 година. Тогашната претседателка на Косово, Атифете Јахјага, го оцени како „неприфатлив“ ваквиот чин и побара од полицијата и правосудните органи да ги откријат сторителите.

Една година подоцна, државното знаме на Република Макединија беше запалено за време на кошарски натпревар во Пеќ. Инцидентот се случи на 15 мај 2015 година, само неколку дена по настаните во кумановско Диво Насеље.


Арачиновец уапсен пред Врховниот суд, околу појасот носел прачки налик на експлозив


Скопје, 2 ноември, 2017 - 17:39 (META) 

Припадниците на полицијата што денеска го обезбедуваа судскиот комплекс додека траеше изрекувањето на пресудите за случајот „Диво Насеље“, уапсија педесет и седумгодишен жител на Арачиново со иницијали И.И., кој околу појасот имал четири прачки кои личеле на експлозив.

Како што потврдуваат од МВР, осомничениот е одведен во полициската станица во Центaр, каде со него се разговара.

Прачките ќе бидат предадени на вештачење за да се утврди за што точно станува збор.

На видеоснимка од инцидентот што ја објави „А1 он“ се гледа машко лице со тобра како му приоѓа на полицаец пред судот, кратко му се обраќа, по што веднаш следи интервениција на полицаецот и на повеќемина негови колеги кои го приведуваат лицето.


Седум доживотни и 26 долгогодишни затворски казни добија обвинетите во „Диво Насеље“


Скопје, 2 ноември, 2017 - 14:55 (META) 

Седуммина обвинети за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Ова се пресудите за 33 обвинети во случајот „Диво Насеље“ што денеска ги соопшти судијката Верка Петковска. Четворица од вкупно 37 обвинети добија ослободителни пресуди.

Денешното рочиште помина во тензична атмосфера, со големо полициско обезбедување, внатре и пред комплексот судови во Скопје.

Пред да бидат прочитани пресудите, обвинетите станаа од своите места и почнаа да ја пејат албанската химна, да извикуваат „УЧК“ и да се закануваат дека крвта на убиените нема да остане неодмаздена и дека во Македонија ќе нема мир.

Судијката ги острани од судницата повеќето обвинети кои правеа неред, по што ги прочита пресудите.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бараше доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, додека адвокатите на обвинетите, пак, бараа ослободителни пресуди бидејќи, според нив, има недостиг од докази за стореното кривично дело.

Адвокатот Насер Рауфи, бранител на дел од обвинетите, по завршувањето на рочиштето, рече дека тие како одбрана не очекувале коректни казни, но не очекувале ниту вакви драконски казни.

– Обвинителството сè уште не е реформирано. Со најавената меѓународна истрага, ќе докажеме дека овие луѓе се донесени овде за туѓи интереси. Сите бранители ќе поднесат жалба на пресудите за обвинетите. Има информации за докази со кои ќе се докаже дека ова е монтирано рочиште. Со меѓународна истрага ќе се реши овој случај. Тајните служби се тие што го измонтираа овој случај – рече Рауифи.

Инаку, министерот за внатрешни работи на 20 септември изјави дека Владата ќе бара дополнителна – меѓународна истрага за настаните во Диво Насеље за да се дознае вистината за овој настан.

– Во однос на кумановските настани, ќе кажам две работи. Прва работа е дека тој случај добива некаква судска разврска, меѓутоа ние, како Влада, презедовме обврска дека ќе направиме дополнителна и тоа меѓународна истрага, за на еден соодветен начин јавноста да ја дознае вистината за овој настан и за тоа што се случувало во кумановските настани и согласно на таа истрага, да имаме една постапка во која ќе веруваат мнозинството граѓани на Република Македонија – изјави тогаш Спасовски.

Во настаните во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година, каде вооружена група се судри со македонските безбедносни сили, загинаа осум припадници на безбедносните сили, а околу 40 беа повредени. Целиот случај го следат многу контроверзии кои сè уште не се разјаснети.

Судскиот процес за случајот „Диво Насеље“ почна на 9 февруари минатата година.


Денеска пресуда за „Дивo Насеље“


Скопје, 2 ноември, 2017 - 9:43 (META) 

Скопскиот Кривичен суд денеска во 10.30 часот треба да ја соопшти пресудата за настаните во кумановската населба Диво Насеље во мај 2015 година, во кои загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили.

Пресудата за овој случај требаше да биде донесена на 17 октомври, но беше одложена поради локалните избори на барање на МВР.

Обвинителството бара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и за терористичка организација. Адвокатите на обвинетите, пак, бараат ослободителни пресуди бидејќи, според нив, има недостиг од докази за стореното кривично дело.

На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската населба Диво Насеље вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.

Поради безбедносните мерки, ќе има пренасочувања на сообраќајот во близина на Основен суд Скопје 1.


Пресудата за „Диво Насеље“ одложена за почетокот на следниот месец


Скопје, 13 октомври, 2017 - 17:08 (META) 

Поради презафатеноста на МВР со обезбедување на локалните избори, изрекувањето на пресудата за случајот „Диво Насеље“ е одложено за 2 ноември, соопшти Основен суд Скопје 1 на својата веб-страница.

Судот вели дека поради големиот број полициски службеници ангажирани за обезбедување на локалните избори и за обезбедување на делегации од странство во Република Македонија, судското рочиште за „Диво Насеље за 17 октомври се одложува за 2 ноември.

Истовремено е презакажано и рочиштето за изрекување на пресудата за обвинетиот Сулејман Осман, кому се суди за терористички напади. За него судот одлуката требаше да ја соопшти в четврток, но поради барањето на МВР, пресудата е презакажана за 3 ноември.


Судот на 17 октомври ќе донесе пресуда за „Диво Насеље“


Скопје, 28 септември, 2017 - 11:57 (META) 

Основниот суд Скопје 1 за 17 октомври го закажа соопштувањето на пресудата за случајот „Диво Насеље“ за кумановските настани од 9 и 10 мај 2015 година, во кои загинаа осуммина припадници на македонската полиција.

Денеска се одржа последното рочиште на кое беа изнесени завршните зборови на обвинетите и на нивните адвокати. Обвинетите останаа на барањето дека во судница треба да се повикаат организаторите, а адвокатите побараа ослободителни пресуди.

Во претходните рочишта, дел од обвинетите признаа дека биле дел од групата, додека други негираа дека се терористи, а одбраната тврдеше дека нема цврсти докази за делото за кое се обвинети.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави и меѓународна истрага за кумановските случувања.


Обвинителите денеска даваат завршен збор во случајот „Диво Насеље“


Скопје, 20 јули, 2017 - 11:21 (META) 

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска ќе ги даде своите завршни зборови во судот за настаните од 9 и 10 мај 2015 година, за случајот „Диво Насеље“, и треба да се изјасни дали и какви казни бара од судот за обвинетите.

На последното рочиште на 10 јули беше предвидено да се почне со завршните говори, но тоа беше одложено на барања на адвокатот Насер Рауфи, кој рече дека Обвинителството е неподготвено, а пред новинарите изјави дека обвинението за предметот е целосно промашено.

На последните неколку рочишта обвинетите го бојкотираа судењето и побараа од судијката да бидат отстранети од судската сала бидејќи не го признаваат судот.

Судењето за „Диво Насеље“ почна во февруари минатата година. Во овој случај обвинети се 37 лица за тероризам и за терористичка организација.

Во престрелката во кумановско Диво Насеље пред две години загинаа осуммина припадници на МВР, четириесетина полицајци беа тешко повредени, а убиени беа и десет лица од вооружената група.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ некрофилски ги поврзува Смиљковско Езеро со работењето на МВР


Скопје, 13 јули, 2017 - 16:57 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги обвини министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и СДСМ дека со денешниот брифинг во МВР, на кој беа презентирани фактури, сметки и податоци за трошењето на директорите на УБК и на БЈБ и на министрите во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, „се занимава со ланскиот снег“.

„СДС некрофилски се обидува да ги поврзе трагичната сообраќајна незгода во која животот го загуби Никола Младенов, грозоморното убиство кај Смиљковско Езеро и настаните во Диво Насеље со оперативното работење на службите и нивните контакти со странски гости, делегации и соработници. Манипулација од најнизок тип е обидот на СДС да ја излаже јавноста дека функцинерите во МВР се расфрлале. Пред две години, односно до доаѓањето на СДС на власт, МВР имаше соработка со бројни служби која даде исклучителни резултати признаени и на меѓународен план“, се вели во реакцијата.

Партијата му порача на Спасовски да не ја дефокусира јавноста, туку да се зафати со вистинските проблеми, притоа посочувајќи дека жителите на Љуботен очекуваат одговор кој ги вандализираше православните гробишта.