Судскиот процес „Диво Насеље“ за настаните од 9 и 10 мај минатата година денеска повторно се одложи откако судската полиција на Врховниот суд не им дозволи на новинарите и адвокатите да влезат во зградата на судот каде требаше да се одржи рочиштето.
Од Врховниот суд немаше конкретно објаснување зошто на новинарите и адвокатите не им е дозволен влезот. Оттаму само кратко телефонски рекоа дека ова судење го води Кривичниот суд и судската полиција на овој суд треба да го организира спроводот на странките.
По шетање на новинарите од еден до друг влез на Врховниот суд тие останаа пред главниот влез, а во големата сала влегоа само обвинетите и двајцата обвинители.
По околу еден час обвинителите излегоа од судот, а обвинителката Вилма Русковска рече дека рочиштето е одложено бидејќи судската полиција не ги пуштилa адвокатите да влезат. Таа информираше дека рочиштето е презакажано за 6 јуни.
Адвокатот Мефаил Арслани изјави дека ќе бараат објаснување од претседателот на Основниот суд Скопје 1 зошто денеска не им било дозволено да влезат во Врховниот суд.
– Која е играта што ја играат ние не знаеме. Имаме одговор дека денешното рочиште е одложено бидејќи адвокатите не се во судницата, но нас не ни беше дозволено да влеземе во судницата. За ова ќе бараме одговор од претседателот на Основен суд Скопје 1 – изјави Арслани.