fbpx

Местенка, тероризам или криминал: Две години без одговори за акцијата во Диво Насеље

-

И по точно две години  прашањата што се наметнаа уште додека Диво Насеље во Куманово сè уште мирисаше на барут и на чад од дводневната борба помеѓу специјалните полициски сили и вооружената група, остануваат неодговорени. Одговори на клучните дилеми нема ниту по една и пол година судски процеси:

  • Кои биле вистинските мотиви и цели на кумановската група?;
  • Дали станува збор за чисто криминална или за терористичка организација?;
  • Доколку се терористи, зошто не излегоа со коминике и со некакви политички барања?;
  • Ако безбедносните служби подолго време ја следеле групата и навреме известиле за неа, како што тврди Агенцијата за разузнавање, зошто не бил превениран судирот во Куманово и претходно нападот на караулата Гошинце (на 21 април 2015)?;
  • Кое е (и дали имала) кодното име на полициската акција во Куманово?;
  • Дали во настаните биле вмешани странски служби?

Судскиот процес за настаните во Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година почна на 9 февруари минатата година. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвиненија против 37 лица (29 уапсени непосредно по борбите со полицијата и 8 кои подоцна беа обвинети како логистика на групата), за кои тврди дека има доволно докази дека се виновни за тероризам и за терористичка организација, и толку.

Обвинетите ги отфрлија тврдењата на обвинителството и сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар, а дел од нив рекоа не биле дојдени во Куманово да војуваат и дека биле искористени за политички цели.

„Дури и малите деца знаат дека не сме терористи и дека не дојдовме во Куманово да војуваме. Бевме искористени за политички цели и не сме ниту први, ниту последни што сме искористени за тоа“, изјави Насуф Бекири, еден од обвинитите во случајот „Диво Насеље“, на 11 февруари 2016 година.

Адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи, во изјава за медиумите, по првото рочиште во февруари минатата година, рече дека се убедени дека со нападот на караулата Гошинце (кон крајот на април 2015) и со настаните од Диво Насеље, се сакаше да се дефокусира јавноста од прислушуваните разговори, кои истата година почна да ги објавува СДСМ.

Првообвинетиот во случајот, Сами Укшини, алијас командант Соколи, на 17 февруари оваа година, во својот исказ пред судот изјави дека политичките проблеми на Албанците и неимплементирањето на Охридскиот рамковен договор биле причината поради која кумановската вооружена група дошла во Македонија и во Диво Насеље и дека намерата била да ги повикаат новинарите, односно да свикаат прес-конференција, на која јавно ќе кажат дека ако не се реализира Рамковниот договор, работите во Македонија ќе се вратат во 2001 година.

Речиси половина од судскиот процес за настаните во Диво Насеље се одвиваше зад затворени врати, односно јавноста беше исклучена од рочиштата на кои се сослушуваа заштитени сведоци, меѓу кои и припадници на полициските сили. Не е познато дали пред судот искази дале тогашните први луѓе на Министерството за внатрешни работи (Гордана Јанкулоска), на Управата за безбедност и контраразузнавање (Сашо Мијалков), на Бирото за јавна безбедност (Митко Чавков) и на Агенцијата за разузнавање (Наќе Чулев).

Мијалков и Јанкулоска си поднесоа оставки два дена по настаните во Диво Насеље, изнудени или не – остана мистерија.

Пратеникот во Собранието, Оливер Спасовски, вчера одговарајќи на новинарско прашање изјави дека новата влада ќе спроведе нова истрага за расчистување на сите дилеми околу настаните во Диво Насеље:

„…Ако добро ја гледате програмата на идната влада на Социјалдемократскиот сојуз, таму стои и тоа дека мора да има нова детална истрага што ќе укаже на сите апекти од настаните во Куманово. Тоа мора да биде на еден транспарентен начин, да се расчистат сите можни дилеми“.

Во настаните во Диво Насеље загинаа осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа повредени. Терористичката група броела четириесетина членови, од кои во борбите со полицијата убиени беа 10 членови. По борбите, на полицијата ѝсе предадоа 28 терористи. Како водачи на групата се идентификувани Мирсад Ндрецај (убиен) , Бег Ризај (убиен), Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...