!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ: Амнестија не смее да има, ВМРО-ДПМНЕ докажа дека стои зад насилствата од 27 април


Скопје, 18 октомври, 2017 - 15:11 (META) 

Со барањето амнестија за лицата кои на 27 април извршија или беа помагачи на терористичкото загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, од ВМРО-ДПМНЕ докажаа дека токму тие ги нарачале и стојат зад насилствата на крвавиот четврток, кога се случи организиран обид за убиство на пратеници, а загрозена беше и безбедноста на новинари и на вработени во Собранието, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Колку и да се обидува ВМРО-ДПМНЕ да ги спаси своите извршители од одговорност за крвавиот четврток, не смее да има амнестија за тие што учествуваа или помогнаа во обидот да се убијат пратеници. Во Македонија, како и во секоја демократска земја, не може да има амнестија за тешки кривични дела како обид за убиство, терористичко загрозување и дела против државата и уставниот поредок. Предлог-законот за амнестија не предвидува ослободување на лица што сториле кривични дела против државата и кривични дела злосторничко здружување“, велат од партијата.

Од СДСМ нагласуваат дека завршило времето на селективна правда и дека Македонија станува правна држава во која секој што ги прекршил законите, ќе мора да се соочи со правна одговорност за своите постапки.


ВМРО-ДПМНЕ бара амнестија за насилниците од 27 април


Скопје, 18 октомври, 2017 - 14:56 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара „итно и неодложно“ ослободување и амнестија на сите лица што „извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите во Собранието на Република Македонија од 27 април“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој чин ќе придонесе за помирување во Македонија и за релаксирање на политичките тензии.

Ваков заклучок, како што информираат од партијата, бил донесен на последната седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој бил констатирано дека „во изминатите пет месеци очигледна е политиката на власта за масовно ослободување на криминалци од затворите и притворските одделенија по разни фабрикувани правни основи, чиј заеднички именител е политичка интервенција од власта“.

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ информира дека поведува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица што извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски, а во некои делови и со идентични ставови со ставовите на граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија што јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните што протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести. Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно какво било понатамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27 април. Ние сочувствуваме и жестоко ги осудивме повредувањата на пратениците на 27 април, но не сметаме дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители наскоро ќе бидат ослободени со законот за амнестија веднаш по изборите. Уште помалку цениме дека делата за кои се товарат овие лица се поважни од животите на убиените млади лица кај Смиљковско Езеро“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата соопштуваат дека поради ова, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на Законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и за ослободување на лицата учесници во настаните од 27 април.


Владата подготви закон за амнестија


Скопје, 19 септември, 2017 - 20:45 (META) 

Владата на својата денешна, 28. седница, го разгледала и го усвои предлог-законот за амнестија и им препорача на Министерството за правда и на службите во Владата да ги обезбедат условите за увид во предлог-текстот на законот до засегнатите министерства, како и до пошироката јавност, соопшти владината служба за информирање.

Предлог-законот ќе биде поставен на увид на јавноста во Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонијa (ЕНЕР).

Овој закон е привремен и ќе се однесува на точно определени временски одредници. Министерот за правда, Билен Саљији, објаснил дека со предложениот текст на законот не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот законик, на сторители на кривични дела против избори и гласање, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и за кривични дела против државата (член 305-327), како и за злосторничко здружување и кривичните дела против човечноста и меѓународното право.

На денешната седница е презентирана информација со предлози за справување со високото ниво на загадување на воздухот во текот на летниот период и во текот на целата година.

Донесена е и одлука за зголемување на коефициентите на сложеност на работите во детските градинки, односно зголемување за 2 отсто на платата на вработените во нив, почнувајќи од октомври. Истовремено биле усвоени и предлог-уредбите за критериумите за распределба на блок-дотации за детски градинки по општини за 2018 година и за распределба на блок-дотации за јавните установи за домови за стари лица за 2018 година.

Донесена е и одлука со која се укинува надоместокот за испорака на информации од јавен интерес, во вид на електронски запис на информацијата на УСБ, или на е-маил адреса на барателите.


Заев се засрамил од условите во затворот „Идризово“ и најави закон за амнестија


Скопје, 11 септември, 2017 - 11:01 (META) 

Срам ми е што сум премиер на држава со вакви затвори, изјави премиерот Зоран Заев по денешната посета на затворот „Идризово“. Заев ја посети казнено-поправната установа заедно со народниот правобранител, Иџет Мемети, и со извршната директорка на на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска.

Заев не го криеше разочарувањето од условите во затворот.

– Овде нема минимум услови за издржување казна… Срам ми е што сум премиер на држава со вакви затвори, со нехумани и супстандардни услови, под секое човечко достоинство. Јас сум за закон за амнестија, се надеваме дека што побргу ќе може да влезе во владина и во собраниска процедура – изјави Заев по обиколката на затворот.

Во „Идризово“, казна издржуваат 1.800 затвореници, а капацитетот на затворот е за 800 луѓе, додаде премиерот.

Заев изјави дека Владата преку медиумите ќе се обиде да поттикне дебата во општеството за итно подобрување на условите во затворите.

Како една од опциите, за растоварување на пренатрупаноста во „Идризово“, тој ја наведе амнестијата на дел од осудениците, преку укинување на 30 отсто од вкупната казна или преку други методи за кривичните дела за кои постои таква можност, но, не и за тешките облици на криминал, како педофилија или злостроства против човештвото.

Заев рече дека за амнестијата веќе била почната дебата во институциите.

Премиерот, по посетата на затворот, наведе дека некои делови од „Идризово“ треба да се урнат бидејќи е невозможно да се реновираат.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев лаже за амнестијата, за празниот буџет и за јавниот долг


Скопје, 7 јуни, 2017 - 9:37 (META) 

„Лагите на Заев нема да го подобрат стандардот на граѓаните. Тие очекуваат од него да ги исполни ветувањата што ги даде пред избори, а не со манипулации и со дезинформации да ги дефокусира од обврските што ги презеде“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение.

Заев лажеше дека кој било од ВМРО-ДПМНЕ во разговорите со СДС побарал каква било амнестија, реагираат од опозициската партија на изјавата на премиерот Зоран Заев во интервјуто за националниот јавен сервис МРТВ, дека било побарано амнестирање на врхушката на поранешната владејачка партија, но дека тоа било одбиено.

„Човек што е двапати аболиран за криминал, веројатно со ваквите дезинформации сака да си подготви терен и за трета амнестија за случајот „Поткуп“. ВМРО-ДПМНЕ и досега повеќепати демантираше дека воопшто се разговарало со Заев на оваа тема“, реагираат од партијата.

Од партијата велат дека неточни се тврдењата на Заев дека во буџетот се останати само шест милиони евра и дека јавниот долг ја наминал ликвидност на буџетот.

„Неговиот министер за финансии се пофали дека на 5 јуни се исплатени околу 77 милиони евра од буџетот на име на субвенции, стипендии и пензии. Вистината е дека новата Влада на СДС во буџетот доби 130 милиони евра, освен ако Заев не сакаше несвесно да признае дека 124 милиони евра мистериозно исчезнале. Заев лажеше дека јавниот долг надминувал 50 отсто од БДП, а дека скриениот долг изнесувал повеќе од милијарда евра. Фактичката состојба гласи дека јавниот долг на 30 април 2017 година изнесувал 45,9 отсто. Со овие паушални бројки и лаги, Заев и практично го загрозува кредитниот рејтинг на Република Македонија и ризикува кредиторите во иднина да бараат повисоки каматни стапки“, стои во демантот, во кој се додава дека граѓаните од Заев не очекуваат лаги и манипулации, туку очекуваат да ги исполни изборните ветувања.


Неумесно е Иванов да бара милост од Собранието за тепачите на пратениците


Скопје, 19 мај, 2017 - 10:47 (META) 

Изјавата на шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, во која тој практично се заложи Собранието да направи амнестија на осомничените и на обвинетите за крвавиот инцидент во Собранието на 27 април, „Вистиномер“ ја смета за несоодветна и ја оценува за недоследна.

„Иванов, барајќи од новиот собраниски состав – новото Собрание „да им помогне на луѓе кои ги завела толпата, кои се повеле од емоции“, свесно го минимизира срамниот инцидент во Собранието. Притоа, ја намалува тежината на стореното злодело кон пратениците, новинарите, полицајците, а првенствено кон Собранието како институција“, појаснува „Вистиномер“.

Според „Вистиномер“, Иванов, всушност, го релативизира и тепањето и обидот за уривање на Собранието како претставнички дом на граѓаните и како носител на законодавната власт. „Тој со невидена леснотија им простува на тепачите и сугерира истото да го направи и Собранието!“, се констатира во анализата на „Вистиномер“.

„Само, во конкретниот случај не станува збор за „луѓе кои ги завела толпата и се повеле од емоции“, туку за луѓе кои свесно дошле да тепаат! Како може некого да го „завела толпата“, ако тој дошол „подготвен“ со качулка?!“, прашува „Вистиномер“.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Иванов: Ако можеле да се амнестираат воени злосторници, зошто не и луѓе заведени од толпа


Скопје, 17 мај, 2017 - 20:34 (META) 

„Ако имаат доблест новите пратеници во новиот состав на Собранието, ако сакаат да влијаат на смирување на општеството и да покажат акт на добра волја и на помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001 година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестираше воени злосторници. Ако можеле воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпа или луѓе кои учествувале во нешто што е повеќе израз на емоции“, рече претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“.

Во однос на доделувањето на мандатот, Иванов изјави дека е чекор кон надминување на длабоката политичка криза која трае повеќе од две години.

„Со денешниот ден, создаваме преседан за идните мандатари да не бидат уценувани, да не бидат условувани, да не бидат под притисок за прашања за кои не може да се разговара, а тоа се унитарноста и независноста на државата, територијалниот интегритет и суверенитет. Ниеден акт не може да ја доведе државата во подредена состојба и зависност од друга држава. Тоа се состои во денешната изјава на господинот Зоран Заев. Тоа ќе биде позитивен случај за сите идни мандатари, да не бидат доведени во позиција некој друг да ги уценува“, рече претседателот Иванов, меѓу другото, во интервјуто.


Од ВМРО-ДПМНЕ негираат дека барале или ќе бараат амнестија


Скопје, 2 мај, 2017 - 15:03 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ со соопштение реагираше на интервјуто на Зоран Заев за „Дојче веле“, порачувајќи дека партијата ниту барала ниту ќе бара амнестија. Заев во интервјуто рече дека тоа што го прави Груевски, „го прави за да се пазари за амнестија“, но дека амнестија нема да има.

„Зоран Заев не може да сфати дека некој искрено ја сака Македонија и дека некој искрено и чесно се бори за одбрана на државните и на националните интереси. Кај него сè е предмет на пазарење и на преговарање. Затоа Заев лаже и клевети. ВМРО-ДПМНЕ ниту барала амнестија, ниту има причина да бара амнестија. ВМРО-ДПМНЕ секогаш била на страна на народот и на државата. Тоа е разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и криминалецот Заев“, порача партијата.


Заев: Груевски се пазари за амнестија, ама амнестија нема да има


Скопје, 2 мај, 2017 - 11:09 (META) 

Oва што го прави Груевски, го прави за да се пазари за амнестија, но амнестија нема да има, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за „Дојче веле“, како одговор на прашањето дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ директно или индиректно барал гаранции за негова и за амнестија на одредени лица од неговото најблиско партиско и семејно опкружување.

– Да, ова што го прави Груевски, го прави за да се пазари за амнестија. Амнестија нема да има. По сè што слушна јавноста што сè правел, Груевски ќе оди на суд. Ќе има независен судски систем, судот ќе ја цени неговата вина. Но, бегање од соочување со правдата нема. Ветив на граѓаните, Македонија ќе биде правна држава и правдата ќе важи еднакво за сите – вели Заев.

Лидерот на СДСМ вели дека новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, ќе испрати официјално известување до претседателот на државата, Ѓорге Иванов, дека има демократски формирано легитимно парламентарно мнозинство и дека тој е должен да го даде мандатот за формирање влада.

На прашањето дали очекува втора рунда насилство, бидејќи постојат сериозни индикации дека нема да се дозволи мирен трансфер на власта, Заев вели дека нема да им го дозволат сценариото.

– Со таа група околу Груевски, никој не може да биде на чисто во однос на тоа што планираат. Но, јас знам што ние нема да дозволиме. Нема да им го дозволиме сценариото. Мудро, со почитување на деловникот, Уставот и на законите, со смиреност, и наша и на граѓаните, со поддршката и од домашната, но и од меѓународната јавност, ќе ја реализираме нашата обврска за избор на новата влада на граѓаните. На крајот, видовте каква зрелост покажаа и самите граѓани, кои ја препознаа намерата на овој разулавен режим во заминување и не се вовлекоа во провокациите – додава Заев.


Асад: Кој ќе го положи оружјето ќе биде амнестиран


Дамаск, 28 јули, 2016 - 13:19 (META) 

Сирискиот претседател Башар ал Асад им понуди амнестија на бунтовниците кои во наредните три месеци ќе го положат оружјето и ќе се предадат на властите.

Асад потпиша декрет и повика сите притвореници да бидат ослободени.

Оваа понуда следува откако рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, објави дека владата на неговата земја и Сирија денеска ќе почнат голема хуманитарна акција во Алепо за да им помогнат на граѓаните кои станале заложници на терористите.

Шојгу рече дека руската и сириската војска воспоставиле три коридори за цивилите да можат да го напуштат градот.

Четвртиот коридор ќе биде отворен за екстремистите кои сакаат да го положат оружјето, соопшти Шојгу.