!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Судиите од Кривичен се сретнаа со Прибе, бараат да бидат вклучени во реформите


       
Скопје, 17 јули, 2017 - 17:48 (META) 

Судиите од Основниот суд Скопје 1 денеска имале средба со Рајнхард Прибе и со неговиот тим на експерти, на која било истакнато дека извештајот и препораките на работната група на Прибе од 2015 година „се основа за реформите во судството“.

Судиите на средбата истакнале дека е „потребно нивно поактивно вклучување во процесот на подготвување решенија за прашањата поврзани со финансирање на судството, условите за избор и напредување во кариерата, следењето на работата и оценувањето на судиите, разрешување на судии и други прашања“.

„Воедно судиите истакнаа и дека ги подржуваат процесите кои водат кон зајакнување на нивната независност и враќање на довербата на граѓаните во судството. Присутните на средбата се согласија дека само независно судство може да биде гарант на слободата и на правата на граѓаните“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје.

Прибе и неговиот експертски тим, кој од денеска до 21 јули престојува во земјава, денеска имаше средба и со со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. На средбата Вангеловски им ги презентирал неговите предлог-мерки за спроведување на реформите во судството.

Експертот на ЕУ и неговиот тим се ангажирани од Европската комисија да ѝ помогнат и да ја советуваат Владата во спроведувањето на системските реформи за владеење на правото во земјава.