Сијарто: Ниедна земја на ЕУ не го покрена прашањето за Груевски


       
Будимпешта, 20 ноември, 2018 - 9:47 (META) 

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по вчерашниот состанок на министрите во ЕУ порача дека ниеден колега не го покренал прашањето за азилот на Груевски, извести МИА.

Како одговор на новинарско прашање, Сијарто рече дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски изразил желба да поднесе барање за азил во унгарска амбасада, но владата на Унгарија немала никаква улога во неговото доаѓање.

Тој рече дека унгарските власти првпат разбрале за случајот во една од соседните земји на Македонија и дека Груевски „целосно законски дојде во Унгарија во согласност со релевантните национални и меѓународни закони, а сите премини (на граници) беа легитимни”, пренесува МИА.

Унгарските власти, врз основа на безбедносни мерки, одлучиле да го сослушаат неговото барање за азил и тоа во централната канцеларија на Бирото за имиграција и азил во Будимпешта.

Наспроти тоа, полициите на Албанија и Црна Гора соопштија дека Груевски влегол и излегол од нивните земји со лична карта во време кога за него не била распишана меѓународна потерница, но во придружба на унгарски дипломати. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, синоќа рече и дека Груевски излегол од територијата на Србија со лична карта и пропусница издадена од Унгарија.

Претходно со тврдење слично како тоа на Сијарто излезе и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој негираше дека Унгарија му помогнала на Груевски да ја напушти Македонија.