!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

СДСМ: Охрид окован во мраз, а ВМРО-ДПМНЕ преповторува ветувања стари четири години


       
Охрид, 12 јануари, 2017 - 10:07 (META) 

Во услови кога сите магистрални и регионални патишта кон Охрид останаа непроодни и неисчистени од снегот, а власта секоја година, на три фирми им дава 1,5 милион евра народни пари, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, без никаков срам, уште еднаш, лажејќи ги охриѓани, ги повторуваат ветувањата од 2013 и 2014 за нови проекти.

Со ваква реакција, се огласија од СДСМ, по повод вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која партијата вети ново пристаниште и експресен пат Охрид – Пештани.

„Власта во заминување ја ветува изградбата на пристаниште по четврти пат. Ветувањето е исто, само локацијата се менува. И експресниот пат Охрид – Пештани се ветува три години, но неговата изградба никако не почнува. Никогаш нема да бидат реализирани затоа што имаат негативно влијание врз животната средина. Со таквите проекти сериозно се загрозува нашето природно наследство, Студенчишкото Блато и Галичица. Затоа меѓународните финансиски институции одбиваат да ги финансираат ваквите штетни проекти на корумпираната власт, а Охрид годинава ќе се најде на листата на загрозени подрачја што се под заштита на УНЕСКО“, возвратија со сопштение од општинската организација на СДСМ.

Оттаму побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид да ѝ објаснат на јавноста зошто цели четири години не е реализирана ниту една од ветените инвестиции и зошто Општата болница во Охрид е со блокирана сметка и во финансиска дупка која надминува 2,5 милиони евра.