This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Wed Oct 17 2:58:31 2018 / +0000 GMT

Поставувањето на цевки за гасоводот во Вардар го отежнува движењето на карпошани




Жители на Општина Карпош на социјалните медиуми се жалат на буката која што ја предизвикува механизацијата за работа во реката Вардар, помеѓу населбите Карпош 4 и Влае, каде што се поставуваат цевки за изградбата на гасоводот. Но, уште повеќе им пречи што делот каде што се врши ископувањето, не е соодветно обезбеден, односно е небезбеден за движење на пешаците и рекреативците.

Раководителот на Инспекторатот за животна средина на Град Скопје, Мирослав Богдановски потврди дека ископот на Вардар се врши за поставување на гасоводна инфраструктура од страна на претпријатието „ГА-МА“.

- Од она што е наша надлежност како Град Скопје утврдивме дека „ГА-МА“ ги поседува сите одобренија за градба, како и водостопанска согласност – изјави Богдановски за „Мета“.

Во однос на реакцијата на граѓаните дека местото е несоодветно обезбедено и заградено, Богдановски додаде дека на терен треба да излезе градежна инспекција на Општина Карпош и да утврди.

Освен тоа, на карпошани им пречи тоа што градилиштето зафаќа јавна сообраќајна површина па имаат потешкотии за пешачење и за управување со своите автомобили.

- На терен градилиштето не е соодветно заградено па преставува опасност за минувачите, а и нема информативна табла за што станува збор. Дека станува збор за гасовод се информиравме од групите на социјалните мрежи – вели Даниела Јакимовска од населба Влае.

Во член 83 став 3 од Закон за градење пропишано е дека „градилиштето мора да биде означено со информативна табла која задолжително треба да содржи име, односно назив на учесниците во изградбата, назив и вид на градбата која се гради, надлежниот орган од членот 58 на овој закон, број и датум на издаденото одобрение за градење, како и назнаката дека се работи за заштитено недвижно културно наследство согласно со закон,ако таа градба е запишана во Националниот регистар на културно наследство.“

Понатаму во член 156-а став 1 точка 2 од Законот за градење пропишано е дека „глоба во износ од 5.000 до 7.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице изведувач, ако при изведување на градби од прва категорија не го означи со информативна табла градилиштето (член 83 став 3).

Во член 83 став 1 од Законот за градење стои дека „изведувачот е должен градилиштето да го загради заради спречување на неконтролиран пристап во градилиштето со соодветна ограда на начин што работата во градилиштето нема да ги загрози минувачите.” Во спротивно предвидено е изрекување на глоба во износ од 5.000 до 7.000 евра која ќе му се изрече за прекршок на инвеститорот и глоба во износ од 7.000 до 9.000 евра која ќе му се изрече за прекршок на изведувачот, ако не го загради, односно не го заштити градилиштето согласно член 83.

Post date: 2018-09-28 15:10:03
Post date GMT: 2018-09-28 13:10:03
Post modified date: 2018-10-08 17:09:20
Post modified date GMT: 2018-10-08 15:09:20
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com