Шест лица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април годинава, и понатаму остануваат недостапни за органите на прогонот и по нив се трага, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.
– Вчера беа 12, денеска се шест – рече Спасовски, алудирајќи дека во последните 24 часа по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се приведени уште шест лица.
Спасовски изјави дека налозите за претреси траат 15 дена и дека полицијата продолжува да постапува по нив.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во вторникот оваа недела, соопшти дека отворило истрага против 36 лица за насилствата од 27 парил во Собранието. Осомничените, меѓу кои се поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски, се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.